← Luke (5/24) → |
1. | Еднаш, додека народот се туркаше околу Него за да го слуша Божјото Слово, а Тој стоеше крај Генисаретското Езеро, |
2. | крај брегот забележа два кораба. Рибарите беа излегле од нив и ги плавеа мрежите. |
3. | Тој влезе во еден од корабите, кој беше на Симон и го замоли да го оддалечи малку од копното. Потоа седна и го поучуваше народот од коработ. |
4. | А кога прекрати да зборува, му рече на Симон: "Навлези кон подлабокото и фрлете ги мрежите за лов!" |
5. | Симон Му одговори, велејќи: "Господаре, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, но на Твој збор, ќе ги фрлиме мрежите." |
6. | А кога го сторија тоа, уловија многу риби, тики почнаа да им се кинат мрежите. |
7. | И им дадоа знак на другарите во другиот кораб, за да дојдат и да им помогнат. А тие дојдоа и ги наполнија двата кораба, па почнаа да тонат. |
8. | Кога Симон Петар го виде тоа, падна пред Исусовите нозе и рече: "Бегај од мене, Господи, зашто сум грешен човек!" |
9. | Се вчудовидоа тој и сите што беа со него, заради многуте риби што ги уловија, |
10. | а исто така и Забедеевите синови, Јован и Јаков, кои му беа другари на Симон. А Исус му рече на Симон: "Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!" |
11. | И кога ги извлекоа корабите на суво, оставија сè и тргнаа по Него. |
12. | Кога беше во еден град, ете, човек, целиот лепрозен, штом Го виде Исуса, падна ничкум и Го преколнуваше, велејќи: "Господи, ако сакаш, можеш да ме исчистиш." |
13. | Тогаш Тој ја протегна раката, го допре и рече: "Сакам, биди чист!" И веднаш лепрата го напушти. |
14. | И му заповеда никому да не му кажува, туку му рече: "Оди, покажи му се на свештеникот и принеси жртва за твоето исчистување како што заповеда Мојсеј, ним за сведоштво!" |
15. | А гласот за Него, сè повеќе се разнесуваше и едночудо народ доаѓаше да Го слуша и да биде исцелен од нивните болести. |
16. | А Тој честопати се повлекуваше во пустината и се молеше. |
17. | И кога еден ден поучуваше, седеа фарисеите и закониците, кои беа дојдени од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим. А Господовата сила беше таму со Него за да исцелува. |
18. | И ете, луѓето донесоа на носила парализиран човек и се обидуваа да го внесат и да го положат пред Него. |
19. | А бидејќи не најдоа од каде да го внесат, заради толпата, се искачија на покривот и го спуштија низ отвор, сосе носила, насреде пред Исус. |
20. | Кога ја виде нивната вера, Тој рече: "Човеку, гревовите ти се простени." |
21. | Тогаш закониците и фарисеите почнаа да се расправаат, велејќи: "Кој е Овој, што богохулствува ? Кој може да простува гревови освен единствениот Бог?" |
22. | А Исус, знаејќи ги нивните мисли, во одговор им рече: "Зошто размислувате така во своите срца? |
23. | Што е полесно да се рече: 'Гревовите ти се простени' или 'Стани и оди'! |
24. | Но, за да знаете дека Синот Човеков има власт на земјата да простува гревови, му рече на парализираниот: "Тебе ти велам, стани, дигни го носилото и оди си дома!" |
25. | И веднаш стана пред нив, го зеде она на кое лежеше, и си отиде дома славејќи Го Бог. |
26. | А тие сите се вчудовидоа, Го славеа Бог и исполнети со страв, зборуваа: "Денес видовме чудесни нешта!" |
27. | Потоа излезе и го забележа даночникот по име Левиј, како седи на местото каде што се собира данок, и му рече: "Оди по Мене!" |
28. | Тој остави сè, стана и тргна по Него. |
29. | И Левиј му приреди голема гозба во својот дом, имаше и многу даночници и други прилегнати со нив крај трпезата. |
30. | А фарисеите и нивните законици негодуваа пред Неговите ученици, велејќи: "Зошто јадете и пиете со даночници и грешници?" |
31. | Исус одговори и им рече: "Здравите немаат потреба од лекар, туку болните. |
32. | Не дојдов да ги повикам праведните на покајание, туку грешниците." |
33. | А тие тогаш Му рекоа: "Јовановите ученици постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?" |
34. | Исус пак им рече: "Можете ли да ги натерате сватовите да постат додека е младоженецот со нив? |
35. | Но ќе дојдат дни кога младоженецот ќе биде отмен од нив; во тие дни ќе постат." |
36. | А им ја кажа и оваа споредба: "Никој не кине парче од нова облека, за да ја закрпи старата. Зашто новата ја кине, а на старата не и прилега алтица од новата. |
37. | И никој не налева ново вино во стари мешини; инаку новото вино ќе ги скине мешините и ќе истече, а мешините ќе пропаднат. |
38. | Туку ново вино треба да се налева во нови мешини. |
39. | И никој, откако пиел старо вино, не сака ново, зашто вели: 'Старото е подобро.'" |
← Luke (5/24) → |