| ← Luke (20/24) → |
| 1. | Еден ден кога го поучуваше народот во Храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и закониците со старешините, |
| 2. | и Му рекоа: "Кажи ни со каква власт го правиш тоа? Или, Кој е тој што Ти ја даде таа власт?" |
| 3. | А Тој во одговор им рече: "И Јас ќе ви поставам едно прашање, па одговорете ми: |
| 4. | Јовановото крштавање од небото ли беше или од луѓето?" |
| 5. | А тие расправаа меѓу себе, велејќи: "Ако речеме: 'од небото', ќе ни рече: 'Зошто тогаш не му верувавте?' |
| 6. | Ако речеме: 'од луѓето', целиот народ ќе нè каменува, зашто е уверен дека Јован беше пророк", |
| 7. | па одговорија дека не знаат од каде е. |
| 8. | А Исус им рече: "Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам ова." |
| 9. | И почна да му ја раскажува на народот оваа споредба: "Еден човек насади лозје и им го даде под наем на лозари, па си замина на подолго време. |
| 10. | А кога дојде време испрати свој слуга кај лозарите за да му дадат од плодовите на лозјето. Лозарите го натепаа и го испратија назад со празни раце. |
| 11. | И пак испрати друг слуга, а тие го натепаа и него, го посрамија и го испратија со празни раце. |
| 12. | Испрати и трет, а тие и него го ранија и го исфрлија. |
| 13. | Тогаш господарот на лозјето рече: "Што да правам? Ќе го испратам својот милен син. Можеби ќе имаат почит спрема него. |
| 14. | А кога лозарите го видоа почнаа да се договараат меѓу себе: "Овој е наследникот! Ајде да го убиеме, за да биде наследството наше!" |
| 15. | И го исфрлија надвор од лозејто и го убија. Што ќе им направи сопственикот на лозјето за стореното? |
| 16. | Ќе дојде и ќе ги погуби лозарите, а лозјето ќе им го даде на други." А кога тие го чуја тоа, рекоа: "Никако!" |
| 17. | А Тој ги погледна и рече: "Тогаш, што значи ова што е напишано: "Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана темелен камен? |
| 18. | Секој, кој ќе падне на овој камен, ќе биде разбиен на парчиња, а врз кого ќе падне тој ќе го смачка." |
| 19. | И закониците и првосвештениците гледаа во истиот час да Го фатат, но се плашеа од народот, зашто сфатија дека оваа споредба ја раскажа за нив. |
| 20. | И Го дебнеа, па Му испратија душкала кои се преправаа праведни, за да Го фатат за збор и да им го предадат на законот и на власта на управителот. |
| 21. | И Го прашаа, велејќи му: "Учителе, знаеме дека право зборуваш и поучуваш; и не гледаш кој е кој, туку навистина поучуваш за Божјиот пат. |
| 22. | Дозволено ли е да му даваме данок на цезарот или не?" |
| 23. | Тој го сфати нивното лукавство и рече: |
| 24. | "Покажете ми денариј! Чиј лик и натпис се на него?" Тие рекоа: "На цезарот!" |
| 25. | А Тој им рече: "Тогаш, дајте му го цезаровото на цезарот, а Божјото на Бог!" |
| 26. | И не можеа да Го фатат за збор пред народот, па молкнаа, вчудовидени од Неговиот одговор. |
| 27. | Тогаш се приближија некои од садукеите, кои тврдеа дека нема воскресение, и Го прашаа, велејќи: |
| 28. | "Учителе, Мојсеј ни напиша: Ако некому му умре оженет брат, а е без деца, брат му нека ја земе жената и нека му подигне потомство на брата си. |
| 29. | Беа седуммина браќа. Првиот се ожени и умре без деца. |
| 30. | Тогаш ја зеде вториот, |
| 31. | па третиот, и така сите седуммина. И сите умреа и не оставија деца. |
| 32. | Најпосле умре и жената. |
| 33. | И така: при воскресението, чија жена ќе биде таа, зашто сите седуммина ја имале за жена?" |
| 34. | А Исус им одговори: "Децата на овој век се женат и мажат, |
| 35. | а оние кои ќе бидат достојни да го придобијат оној век и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат. |
| 36. | Тие не ќе можат веќе ни да умрат, зашто се како ангелите, и Божји синови се, зашто се синови на воскресението. |
| 37. | А дека мртвите ќе станат, тоа и Мојсеј го кажа на местото кај грмушката, каде што Го нарече Господ: 'Бог на Авраам, Бог на Исак и Бог на Јаков.' |
| 38. | А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто во Него сите се живи." |
| 39. | А некои од закониците како одговор рекоа: "Добро рече, Учителе!" |
| 40. | И не се осмелија веќе да Го прашаат за ништо друго. |
| 41. | Тогаш им рече: "Зошто велат дека Христос е Давидов Син? |
| 42. | Зашто самиот Давид вели во свитокот на псалмите: "Му рече Господ на мојот Господ: 'Седни од Мојата десна страна, |
| 43. | додека не ги соборам Твоите непријатели под нозете Твои!' |
| 44. | Значи, Давид Го нарекува Господ. Тогаш како Тој може да Му биде син?" |
| 45. | И додека целиот народ Го слушаше, Тој им рече на Своите ученици: |
| 46. | "Чувајте се од закониците, кои сакаат да одат во долги облеки, на кои им се мили поздравите по пазарите, почесните места во синагогите и челните места на гоштавките, |
| 47. | кои ги проголтуваат домовите на вдовиците, и се молат долго за да бидат видени. Тие ќе добијат поголема осуда! " |
| ← Luke (20/24) → |