← Luke (16/24) → |
1. | А на учениците им зборуваше: "Беше еден Богат човек кој имаше настојник, кого го наклеветија пред него дека му го растура имотот. |
2. | И тој го повика и му рече: 'Што слушам за тебе? Дај сметка за твоето управување, зашто веќе не можеш да бидеш настојник!' |
3. | А настојникот си рече во себеси: 'Што да правам, зашто господарот ќе ми го одземе управувањето? Да копам? Не сум способен! Да питам? Се срамам! |
4. | Знам што ќе направам за да ме примат во нивните домови, кога ќе бидам отстранет од управувањето.' |
5. | И ги викна должниците на својот господар - секого одделно. На првиот му рече: 'Колку му должиш на мојот господар?' |
6. | А тој рече: 'Сто мери масло.' Му рече: 'Земи ја признаницата, седни брзо и напиши - педесет!' |
7. | Потоа му рече на вториот: 'А ти, колку должиш?' Тој рече: 'Сто мери пченица.' И нему му рече: 'Земи ја признаницата и напиши - осумдесет!' |
8. | А господарот го пофали несправедливиот настојник, бидејќи постапи итро. Зашто синовите на овој свет се поитри спрема својот род, отколку синовите на светлината. |
9. | И Јас ви велам: придобијте си пријатели преку неправедно богатство, па кога него ќе го нема да ве пречекаат во вечни живеалишта. |
10. | Оној што е верен во најмалото - верен е и во многу, а оној што е несправедлив во најмалото, несправедлив е и во многу. |
11. | Bпрочем, ако не сте биле верни во несправедливото богатство, кој ќе ви го довери вистинското? |
12. | И ако не сте биле верни во туѓото, кој ќе ви го даде она што е наше? |
13. | Ниеден слуга не може да им служи на два господара, зашто, или едниот ќе го мрази, а другиот ќе го љуби; или ќе се приврзе кон едниот, а другиот ќе го презре. Не можете да Му служите на Бог и на Мамон!" |
14. | Сето тоа го слушаа фарисеите, кои беа среброљупци и Му се потсмеваа. |
15. | А Тој им рече: "Bие се претставувате како праведни пред луѓето, но Бог ги знае вашите срца, зашто она што меѓу луѓето се смета за возвишено, пред Бог е гнасно." |
16. | "Законот и пророците беа до Јован. Оттогаш се проповеда Евангелието за Божјото царство, и секој сосила се пробива да влезе во него. |
17. | Полесно ќе биде небото и земјата да поминат, отколку да пропадне една цртичка од Законот. |
18. | Прељуба чини секој оној што ја остава својата жена и се жени со друга. И оној што се жени со оставена врши прељуба." |
19. | "Си беше еден богат човек, кој редовно се облекуваше во пурпур и во ленено платно и се веселеше раскошно секој ден. |
20. | А еден сиромав, по име Лазар, целиот во чирови, лежеше пред неговата порта |
21. | и копнееше да го касне она што паѓаше од трпезата на богатиот. Кучињата доаѓаа и му ги лижеа раните. |
22. | Така сиромавиот умре, и ангелите го однесоа во Авраамовиот скут. |
23. | Умре и богатиот и го погребаа. А во адот, во маката, тој ги поткрена своите очи и ги виде оддалеку Авраам и Лазар во неговиот скут, |
24. | и извика: 'Татко, Аврааме, смилувај ми се и испрати го Лазар да го натопи врвот од својот прст во вода, та да ми го разлади јазиков, зашто страшно се измачувам овде во пламенов!' |
25. | Авраам му рече: 'Синко, сети се дека ти ги прими своите благодати уште додека беше жив, а Лазар лошото! Сега тој овде најде утеха, а ти се измачуваш. |
26. | Освен тоа, меѓу нас и вас поставена е голема бездна, та и оние што би сакале да преминат оттука кај вас, не можат, а ниту пак вие да преминете оттаму кај нас.' |
27. | А тој рече: 'Ако е така, те молам, татко, испрати го дома кај татко ми, |
28. | таму имам петмина браќа, нека им посведочи, за да не се најдат и тие во ова место на маки!' |
29. | А Авраам рече: 'Ги имаат Мојсеј и пророците, нека ги слушаат нив!' |
30. | Тој пак му рече: 'Не, татко, Аврааме! Само ако некој од мртвите отиде кај нив, тие ќе се покајат.' |
31. | Му рече: 'Ако не ги слушаат Мојсеј и пророците, нема да му веруваат ни на оној кој воскреснал од мртвите.'" |
← Luke (16/24) → |