← Luke (15/24) → |
1. | Сите даночници и грешници се собираа околу Него, за да Го слушаат. |
2. | А фарисеите и закониците пак мрмореа, велејќи: "Овој прима грешници и јаде со нив." |
3. | Тогаш им ја кажа оваа споредба: |
4. | "Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе тргне по загубената, додека не ја најде. |
5. | А кога ќе ја најде, ќе ја крене на своите рамена радувајќи се |
6. | и кога ќе дојде дома, ќе ги викне пријателите и соседите и ќе им рече: 'Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!' |
7. | Bи велам: поголема радост ќе има на небото, за еден грешник кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење." |
8. | "Или, која жена, ако има десет сребреници и загуби еден, нема да запали светилка, и не ќе ја мете куќата, и не ќе го бара внимателно, додека не го најде? |
9. | А кога ќе го најде, ќе ги викне пријателите и соседите и ќе им рече: 'Радувајте се со мене, зашто го најдов сребреникот што го загубив!' |
10. | На ист начин, ви велам, се радуваат Божјите ангели, заради еден грешник, кој се кае." |
11. | И рече: "Еден човек имаше два сина. |
12. | Помладиот од нив му рече на татка си: 'Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!' И тој им го раздели имотот. |
13. | А по неколку дена помладиот син собра сè што беше негово и замина во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно. |
14. | Кога потроши сè, настана голем глад во таа земја, и тој се најде во скудност. |
15. | Тогаш отиде и се здружи со еден тамошен човек, а тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите. |
16. | И страден беше да го наполни својот желудник со рогачки што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. |
17. | А кога дојде на себеси, рече: 'Колку момоци кај татко ми имаат леб во изобилство, а јас овде умирам од глад! |
18. | Ќе станам и ќе си појдам кај татко ми, па ќе му речам: 'Татко, згрешив спрема небото и пред тебе; |
19. | не сум веќе достоен да се нарекувам твој син. Прими ме како еден од твоите момоци!' |
20. | И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го здогледа и се сожали, па се стрча кон него, му се фрли на вратот и го целиваше. |
21. | А синот му рече: 'Татко, згрешив спрема небото и пред тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син!' |
22. | Но таткото им рече на своите слуги: 'Бргу, донесете ја најубавата облека, облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете. |
23. | Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме, |
24. | зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше загубен и се најде.' И почнаа да се веселат. |
25. | А неговиот постар син беше в поле. Кога се враќаше и се приближи до куќата, чу песна и играње; |
26. | па повика еден од слугите и го праша што е тоа. |
27. | А тој му рече: 'Брат ти си дојде и твојот татко го закла згоеното теле, бидејќи се врати жив и здрав.' |
28. | Тој се налути и не сакаше да влезе, а неговиот татко излезе и почна да го моли. |
29. | А тој му одговори на татка си: 'Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив ниедна твоја заповед, а ти никогаш не ми даде ни јаре, за да се повеселам со своите пријатели. |
30. | А кога дојде овој твој син, кој го сплиска твојот имот со блудници, му закла згоено теле!' |
31. | Тој пак му рече: 'Чедо, ти си секогаш со мене, и сè што е мое - твое е. |
32. | Но треба да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе, беше загубен и се најде.'" |
← Luke (15/24) → |