← Luke (13/24) → |
1. | Токму во тоа време дојдоа некои и Го известија што се случи со Галилејците, чија крв Пилат ја измеша со крвта на нивните жртви. |
2. | Тој одговори, велејќи им: "Мислите дека тие Галилејци беа повеќе грешни од останатите Галилејци, па затоа настрадаа така? |
3. | Не, ви велам, но ако не се покаете, сите така ќе загинете. |
4. | Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа повиновни од сите луѓе кои живеат во Ерусалим? |
5. | Не, ви велам! Но ако не се покаете, сите така ќе загинете." |
6. | Ја кажа и оваа споредба: "Некој човек беше насадил смоква во своето лозје, па дојде да побара плод на неа, но не најде. |
7. | Тогаш му рече на лозарот: "Еве, веќе три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, но не наоѓам. Пресечи ја! Зошто и натаму да ја испостува земјата?" |
8. | Но тој му одговори, велејќи: "Господине, остави ја уште оваа година, додека раскопам околу неа и ја наѓубрам, |
9. | па можеби ќе роди идната година, ако не пресечи ја. |
10. | А кога поучуваше во сабота, во една синагога, |
11. | ете, таму беше една жена, која осумнаесет години имаше болест предизвикана од дух, и беше свиткана вудве и не можеше да се исправи. |
12. | Штом Исус ја виде, ја повика и и рече: "Жено, избавена си од својата болест, |
13. | па ги стави рацете врз неа, а таа веднаш се исправи и Го славеше Бога. |
14. | А настојникот на синагогата Му забележа дека Исус исцели во сабота, па му рече на народот: "Има шест дена кога треба да се работи! Bо тие денови доаѓајте и лекувајте се! А не во саботен ден!" |
15. | Но Господ му одговори, велејќи: "Лицемери! Дали секој од вас не го одврзува својот вол или магаре од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? |
16. | А оваа жена, Авраамова ќерка, која сатаната ја врзал веќе осумнаесет години, не требаше ли да биде ослободена од таа врска во саботен ден?" |
17. | И кога го рече тоа, се засрамија сите Негови противници, а целиот народ им се радуваше на сите славни дела што ги изврши. |
18. | Потоа рече: "На што прилега Божјото царство и со што да го споредам? |
19. | Прилега на синапово зрно, што човек го зема и го посејува во својата градина, каде израснува и станува големо дрво, а небесните птици прават гнезда на неговите гранки." |
20. | И пак рече: "Со што да го споредам Божјото царство? |
21. | Тоа прилега на квасот, што се зема и се замесува во три мери брашно, додека сето тоа не скисне." |
22. | И патувајќи кон Ерусалим, минуваше низ градови и села и поучуваше. |
23. | А некој му рече: "Господи, малку ли се оние што се спасуваат?" Тој пак им рече: |
24. | "Настојувајте да влезете низ тесната врата, зашто ви велам: мнозина ќе посакаат да влезат, но не ќе можат. |
25. | Кога домаќинот ќе стане и ќе ја затвори вратата, ако вие останете надвор и почнете да чукате и да викате: "Господаре, отвори ни!", Тој ќе ви одговори: "Не знам од каде сте!" |
26. | Тогаш ќе почнете да зборувате: "Јадевме и пиевме пред Тебе, а Ти поучуваше по нашите улици." |
27. | А Тој ќе ви рече: "Bи велам, не знам од каде сте! Отстапете од Мене сите вие што вршите неправда!" |
28. | Ќе има лелек и чкртање со заби, кога ќе ги видите Авраам, Исак, Јаков и сите пророци во Божјото царство, а себеси - истерани надвор. |
29. | И ќе дојдат од исток и запад, од север и југ, и ќе седнат во Божјото царство. |
30. | И ете, има последни што ќе бидат први, и има први што ќе бидат последни." |
31. | И во истиот час пристапија некои фарисеи и Му рекоа: "Излези и оди си оттука, зашто Ирод сака да Те убие!" |
32. | Тој им рече: "Одете и кажете и на таа лисица: 'Еве изгонувам демони и исцелувам денес и утре, а третиот ден ќе завршам. |
33. | Но денес, утре и задутре треба да патувам, зашто не чини пророк да загине надвор од Ерусалим.'" |
34. | "Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги погубуваш оние што се испратени кај тебе, колкупати сакав да ги соберам твоите деца, како квачката своите пилиња под крилјата, но не сакавте! |
35. | Еве, ви останува пуст вашиот дом. И ви велам: нема да Ме видите додека не дојде време да кажете: 'благословен е Оној Кој доаѓа во Господово име!'" |
← Luke (13/24) → |