← Luke (12/24) → |
1. | Bо меѓувреме се собраа едночудо луѓе, па се газеа едни со други. Тој почна да им зборува првин на Своите ученици: "Пазете се од фарисејскиот квас, што е лицемерство! |
2. | Нема ништо скриено, што не ќе се открие, ниту тајно, што не ќе се дознае! |
3. | Затоа, тоа што сте го рекле во темнина, ќе се чуе на видело, и што сте го шепотеле во собите, ќе биде разгласено од покривите. |
4. | А вам, пријатели, ви велам: не плашете се од оние што го убиваат телото, а потоа не можат ништо повеќе да сторат! |
5. | Туку ќе ве предупредам од кого да се плашите: плашете се од Оној Кој откако ќе убие има власт да фрли во пеколот! Да, ви велам, плашете се од Него! |
6. | Зар не се продаваат две врапчиња за две парички? И ниедно од нив не е заборавено пред Бог. |
7. | А вам ви се изброени и сите влакна на главата! Не плашете се! Bие вредите повеќе од многу врапчиња. |
8. | И ви велам: секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човеков ќе го признае него пред Божјите ангели; |
9. | а кој ќе се откаже од Мене пред луѓето, ќе биде откажан пред Божјите ангели. |
10. | На секој што ќе рече збор против Синот Човеков, ќе му биде простено, но на оној кој ќе похули против Светиот Дух, нема да му биде простено. |
11. | И кога ќе ве одведат во синагогите, пред управителите и властите, не грижете се за тоа како и што ќе кажете во ваша одбрана, |
12. | зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час што треба да кажете! |
13. | Тогаш некој од толпата Му рече: "Учителе, кажи му на брат ми да го подели наследството со мене!" |
14. | А Тој му рече: "Човече, кој Ме поставил Мене за судија или за делител над вас?" |
15. | И им рече: "Bнимавајте и чувајте се од секој вид на алчност, зашто животот на човекот не се состои во изобилството на неговиот имот!" |
16. | И им кажа и споредба, велејќи: "Земјата на еден богат човек многу му роди. |
17. | И размислуваше во себеси: 'Што да направам, ќе немам каде да ги соберам плодовите?' |
18. | Потем рече: 'Ќе сторам вака: ќе ги урнам амбарите и ќе изградам поголеми и таму ќе го соберам сето жито и целата летнина. |
19. | Е, тогаш ќе и речам на својата душа: душо, имаш јадачка и пијачка за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!' |
20. | Ама Бог му рече: "Безумен човече, вечерва ќе ти ја побарам душата! Чие ќе биде сето тоа што го натрупа?' |
21. | Така поминува секој што собира богатство за себе, а не е богат во Бога." |
22. | И уште им рече на учениците: "Затоа ви велам: не бидете загрижени за својот живот - што ќе јадете, ниту за своето тело - што ќе облечете; |
23. | зашто животот е повеќе од храната, а телото од облеката. |
24. | Погледнете ги гавраните, ниту сеат, ниту жнеат; немаат ни складови, ни амбари, а сепак Бог ги храни. А вие вредите многу повеќе од птиците! |
25. | А кој од вас може грижејќи се, да и додаде еден лакот на својата става? |
26. | И така, ако не можете да го направите ни најмалото, зошто сте загрижени за другото? |
27. | Погледнете како растат криновите. Тие не се трудат и не предат; а Јас ви велам дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече како еден од нив. |
28. | Ако Бог така ја облекува тревата в поле, што денес ја има, а утре се фрла в оган, колку повеќе вас, маловерни? |
29. | И не гледајте што ќе јадете и што ќе пиете, и не бидете загрижени! |
30. | Сето тоа го бараат луѓето од овој свет, а вашиот Татко знае дека тоа ви е потребно. |
31. | Туку барајте го Неговото царство, и тоа ќе ви се придодаде! |
32. | Не плаши се, мало стадо, зашто вашиот Татко со радост реши да ви го даде Царството. |
33. | Продајте го својот имот и дајте го како милостина! Направете си торби што не излитуваат, неисцрпно богатство на небесата, каде крадец не се приближува, ниту молец изедува, |
34. | зашто каде што е вашето богатство таму ќе биде и вашето срце." |
35. | Бидете подготвени и запалете ги светилките! |
36. | А вие бидете како луѓе кои го чекаат својот господар кога се враќа од свадба, за да му отворат веднаш штом ќе дојде и чукне. |
37. | Блажени се оние слуги кои господарот ќе ги најде будни кога ќе си дојде! Bистина ви велам дека ќе им рече да прилегнат крај трпезата и ќе дојде да им служи. |
38. | И ако дојде во втората или третата стража и ги најде така, блазе си им. |
39. | Но, знајте го ова: ако домаќинот знае во кој час ќе дојде крадецот, нема да дозволи да му провали во куќата. |
40. | И вие бидете подготвени, зашто Синот Човеков ќе дојде во час кога не Го очекувате!" |
41. | Тогаш Петар рече: "Господи, само нам ли ни ја кажуваш оваа споредба или на сите?" |
42. | А Господ рече: "Кој е тој верен и разумен настојник, кого господарот ќе го постави над своите слуги, за да им дава храна на време? |
43. | Блажен е оној слуга, кого господарот, кога ќе се врати, ќе го најде да прави така! |
44. | Bистина ви велам, ќе го постави над целиот свој имот. |
45. | Но ако тој слуга рече во своето срце: 'Мојот господар нема скоро да дојде', па почне да ги тепа слугите и слугинките, да јаде, да пие и да се опива; |
46. | господарот на тој слуга ќе дојде во ден кога не го очекува, и во час што не го знае, и ќе го раскине на парчиња и ќе го прати кај неверните. |
47. | А оној слуга, кој ја знаел волјата на својот господар, а не приготвил и не постапил според неговата волја, ќе биде многу тепан. |
48. | А оној кој не знаел, а направил нешто што заслужува камшикување, ќе биде малку тепан. Од секој, кому му е дадено многу, многу ќе се бара, а кому му е доверено многу, од него ќе се бара уште повеќе." |
49. | "Дојдов да фрлам оган на земјата, и колку би сакал веќе да е запален! |
50. | Но треба да бидам крстен, и колку ми е тешко додека не се изврши тоа. |
51. | Мислите ли дека дојдов да донесам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздор, |
52. | зашто отсега петмина во една куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца, двајца против тројца. |
53. | Ќе се разделат татко против син, и син против татко; мајка против ќерка, и ќерка против мајка; свекрва против снаа, и снаа против свекрва." |
54. | А на народот му рече: "Кога гледате дека се дига облак од запад, веднаш велите: 'Доаѓа бура' - и се збиднува. |
55. | И кога гледате дека дува јужен ветар, велите: 'Ќе биде жешко и се збиднува. |
56. | Лицемери! Умеете да ги протолкувате појавите на небото и земјата, како тогаш не го препознавате ова време? |
57. | А зошто сами за себе не процените што е право? |
58. | Зашто, кога одиш со својот противник кај управникот, погрижи сè уште по пат да се спогодиш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата да те предаде на извршителот, а тој да те фрли в зандана. |
59. | Ти велам, нема да излезеш оттаму, додека не ја дадеш и последната пара." |
← Luke (12/24) → |