← Luke (11/24) → |
1. | А кога се молеше на едно место и кога престана, еден од Неговите ученици Му рече: "Господи, научи нè да се молиме, како што и Јован ги научи своите ученици!" |
2. | А Тој им рече: "Кога се молите, изговарајте: "Татко, нека биде свето Твоето име! Нека дојде Твоето Царство! |
3. | Нашиот насушен леб, давај ни го секој ден! |
4. | Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние самите му ги проштаваме на секој должник! И не воведувај нè во искушение!" |
5. | И им рече: "Ако некој од вас има пријател и појде кај него на полноќ, и му рече: 'Пријателе, дај ми на заем три леба, |
6. | зашто ми дојде пријател од пат, а немам што да ставам пред него', |
7. | а оној однатре му одговори: 'Не додевај ми, вратата е веќе затворена, а децата ми се со мене в постела, не можам да станам да ти дадам', |
8. | ви велам, ако и не би станал да му даде затоа што му е пријател, ќе стане заради неговото настојување и ќе му даде колку што му треба. |
9. | А Јас ви велам: 'Молете и ќе ви биде дадено! Барајте и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви биде отворено! |
10. | Зашто секој кој моли, прима; и кој бара, наоѓа; а на оној кој чука, ќе му биде отворено. |
11. | И кој е оној татко меѓу вас, што ќе му даде на својот син камен, ако побара леб? Или, ако побара риба, да му даде место риба, змија? |
12. | Или ако побара јајце да му даде скорпија? |
13. | И така, ако вие кои сте зли, можете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Татко ќе им го даде Светиот Дух на оние кои Го молат?' |
14. | Еднаш истеруваше демон, кој беше нем. И кога демонот излезе, немиот проговори, а народот се восхити. |
15. | А некои од нив рекоа: "Тој ги изгонува демоните со помош на Белзебуб, принцот на демоните. |
16. | Другите пак го искушуваа и бараа од Него знак од небото. |
17. | А Тој ги знаеше нивните мисли и им рече: "Ќе се испусти секое царство, ако се раздели во себеси, и домот разделен однатре - паѓа. |
18. | И ако сатаната се раздели во себеси, како ќе се одржи неговото царство? А вие велите дека изгонувам демони со помош на Белзебуб, |
19. | И ако Јас изгонувам демони преку Белзебуб, тогаш со чија помош ги изгонуваат вашите синови? Ете затоа тие ќе ви бидат судии. |
20. | Но ако изгонувам демони со Божјиот прст, значи дека Божјото царство дошло кај вас. |
21. | Кога силен, вооружен човек, го чува својот дом, над неговиот имот владее мир. |
22. | Но ако дојде посилен од него и го нападне и совлада, ќе му го одземе оружјето на кое се беше надевал, и ќе го раздели ограбеното. |
23. | Кој не е со Мене, тој е против Мене, и кој не собира со Мене, растура! |
24. | Кога нечистиот дух ќе излезе од човекот, тој талка по безводни места и бара спокојство. И кога нема да најде, вели: 'Ќе се вратам во својот дом, од каде што излегов.' |
25. | И кога ќе дојде, го наоѓа изметен и суреден. |
26. | Тогаш оди и зема седум други демони, полоши од себе, а кога ќе влезат живеат таму, па последната состојба на тој човек станува полоша од првата." |
27. | А кога го зборуваше тоа, една жена од народот, извика: "Блажена е утробата која Те носела и градите кои те доеле." |
28. | А Тој рече: "Напротив, блажени се оние кои го слушаат Божјото слово и го пазат." |
29. | А кога народот се собираше, Тој почна да зборува: "Ова поколение е зло поколение; бара знак, но нема да му биде даден, освен знакот на Јона. |
30. | Имено, како што Јона им беше знак на Ниневијците, така и Синот Човеков ќе биде за ова поколение. |
31. | Царицата на Југот ќе се јави на суд со луѓето од ова поколение и ќе го осуди; зашто дојде од крајот на земјата, за да ја чуе Соломоновата мудрост. А ете, тука има нешто поголемо од Соломон! |
32. | Ниневијците ќе се јават на суд со ова поколение и ќе го осудат, зашто се покајаа од проповедта на Јона, а ете, тука има нешто поголемо од Јона! |
33. | Никој не става запалена светилка на скриено место или под вршник, туку на свеќник, за да ја видат светлината оние кои влегуваат. |
34. | Светилката на телото е твоето око. Ако твоето око е бистро - целото твое тело е осветлено; ако пак е зло, и твоето тело е исполнето со темнина. |
35. | Затоа внимавај, светлината што е во тебе да не биде темнина! |
36. | Ако целото твое тело е полно со светлина, без да има темен дел, ќе биде целосно осветлено, како кога светилката те осветлува со своите зраци." |
37. | И додека Тој зборуваше, еден фарисеј Го покани на ручек кај него; Тој влезе и седна крај трпезата. |
38. | А штом фарисејот го виде тоа, се зачуди зашто не се изми пред да јаде. |
39. | А Господ му рече: "Точно, вие фарисеите ја чистите надворешноста на чашата и чинијата, а вашата внатрешност е полна со грабеж и лукавство. |
40. | Безумници! Зар Оној Кој ја создаде надворешноста, не ја создаде и внатрешноста? |
41. | Туку, дајте го како милостина тоа што е внатре, и ете, сè ќе ви биде чисто. |
42. | Но, тешко вам, фарисеи, кои давате десеток од нане и од горчлива трева, и од секаков зеленчук, а ги занемарувате правдата и Божјата љубов! Ова требаше да го правите без да ги запоставите и другите работи. |
43. | Тешко вам, фарисеи, зашто ги сакате првите места во синагогите и поздравите по пазарите. |
44. | Тешко вам, зашто сте како гробови, што не се забележуваат, па луѓето што газат преку нив не ги знаат." |
45. | Тогаш еден од закониците Му одговори, велејќи Му: "Учителе, кога го зборуваш тоа, и нас нè навредуваш." |
46. | Тој пак им рече: "Горко ви вам - законици, зашто ги товарите луѓето со бремиња што тешко се носат, а вие самите ни со прст не се допирате до бремињата. |
47. | Тешко вам, зашто им градите надгробни споменици на пророците, а татковците ваши ги убија! |
48. | Па така, вие сте сведоци за делата на вашите татковци и се согласувате со нив; зашто тие и ги убија, а вие им градите гробници. |
49. | Затоа и Божјата мудрост вели: 'Ќе им испратам пророци и апостоли, и едни ќе убијат, а други ќе прогонат, |
50. | за да се побара од ова поколение крвта на сите пророци пролеана од создавањето на светот: |
51. | од крвта на Авел, па сè до крвта на Захарија кој загина меѓу жртвеникот и светилиштето. Да, ви велам, ќе се бара од ова поколение. |
52. | Тешко вам, законици, зашто го зедовте клучот од знаењето - самите не влеговте, а им попречивте на оние кои сакаа да влезат." |
53. | А кога излезе оттаму, закониците и фарисеите многу се разгневија на Него и почнаа да Го испитуваат за многу работи, |
54. | дебнејќи Го да Го фатат за некој збор. |
← Luke (11/24) → |