← Luke (10/24) → |
1. | Потоа Господ определи седумдесетмина други и ги испрати, по двајца, пред Себе во секој град и во секое место, каде што сакаше да појде. |
2. | И им рече: "Жетвата е голема, а работниците се малку. Затоа молете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва. |
3. | Одете! Ете, Јас ве праќам како јагниња меѓу волци. |
4. | Не носете ни чекмеже, ни торба, ниту обувки и по пат не поздравувајте никого! |
5. | И во која куќа ќе влезете, најнапред речете: "Мир во овој дом!" |
6. | И ако има таму човек на мирот, вашиот мир ќе остане на него; а ако нема, ќе се врати кај вас. |
7. | Останете во таа куќа, јадете и пијте што ќе ви дадат, зашто работникот ја заслужува својата заработка. Не минувајте од куќа во куќа. |
8. | И ако влезете во некој град и ве примат, јадете што ќе изнесат пред вас! |
9. | Исцелувајте ги болните во него и говорете им: "Божјото царство се приближи до вас!" |
10. | Ако пак влезете во некој град и не ве примат, излезете на неговите улици и речете: |
11. | "И правот од вашиот град, што се залепил на нашите нозе, ви го истресуваме; но знајте го ова - Божјото царство се приближи." |
12. | Bи велам - полесно ќе му биде на Содом во оној ден, отколку на тој град." |
13. | "Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Бетсаидо! Зашто ако во Тир и Сидон беа извршени моќните дела што се случија кај вас, веќе одамна би се покајале, облечени во вреќишта и во пепел. |
14. | Но на Тир и Сидон полесно ќе им биде на Судот, отколку вам! |
15. | А ти Капернауме, зар ќе се издигаш до небо? До адот ќе бидеш спуштен! |
16. | Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша, и кој ве отфрла вас, Мене Ме отфрла, а кој Ме отфрла Мене, Го отфрла Оној Кој Ме прати." |
17. | А седумдесеттемина се вратија со радост и рекоа: "Господи, дури и демоните ни се покоруваат во Твое име." |
18. | А Тој им рече: "Го гледав сатаната како паѓа од небото, како молња! |
19. | Ете, ви давам власт да газите на змии и на скорпии и над секоја непријателска сила, и ништо нема да ви напакости. |
20. | Но не радувајте се на тоа дека духовите ви се покоруваат, туку радувајте се дека вашите имиња се запишани на небесата!" |
21. | Bо истиот час Тој многу се зарадува во Светиот Дух и рече: "Те славам, Татко, Господар на небото и на земјата, што го скри ова од мудрите и умните, а им го откри на малите деца. Да, Татко, зашто таква Ти беше Твојата волја. |
22. | Мојот Татко Ми предаде сè! И никој не знае Кој е Синот, освен Таткото; и Кој е Таткото - освен Синот, и оној на кого Синот сака да му открие." |
23. | И кога се обрати кон учениците, им рече насамо: "Блажени се очите кои го гледаат ова што вие го гледате! |
24. | Зашто, ви велам дека многу пророци и цареви сакаа да го видат тоа што вие го гледате, а не го видоа, и да го чујат она што вие го слушате, а не го чуја." |
25. | И ете, еден толкувач на Законот стана да Го искушува и Го праша: "Учителе, што треба да правам за да наследам вечен живот?" |
26. | Тој му рече: "Што е напишано во Законот? Што читаш?" |
27. | А тој одговори, велејќи: "Љуби Го Господ, својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој ум, и својот ближен како себеси!" |
28. | На тоа Исус му рече: "Точно одговори! Прави го тоа и ќе живееш!" |
29. | Но тој, сакајќи да се оправда, Го праша Исуса: "А кој е мојот ближен?" |
30. | Исус му одговори, велејќи му: "Еден човек, слегувајќи од Ерусалим во Ерихон, налета на разбојници кои го соблекоа и го ранија, го оставија полумртов и си отидоа. |
31. | А случајно по истиот пат слегуваше еден свештеник и кога го виде, го одмина. |
32. | Исто така и еден левит, кога дојде таму и кога го виде - го одмина. |
33. | А еден патник, самарјанин, дојде до него и кога го виде, се сожали. |
34. | Му се приближи, му ги полеа раните со масло и вино и му ги преврза; потоа го качи на своето добиче, го однесе во гостилницата и се погрижи за него. |
35. | Утредента извади два денарии, му ги даде на гостилничарот и му рече: 'Погрижи се за него, а ако потрошиш нешто повеќе, ќе ти платам на враќање.' |
36. | Што мислиш, кој од тие тројца му беше ближен на оној кој падна во рацете на разбојниците?" |
37. | Тој одговори: "Оној што му укажа милосрдност." Исус му рече: "Оди и ти прави така." |
38. | Кога одеа, влезе во едно село, а некоја жена, по име Марта, Го покани во својот дом. |
39. | Таа имаше сестра што се викаше Марија, која седна крај Господовите нозе и го слушаше Неговото слово. |
40. | А Марта се трудеше многу да Му служи што подобро. Таа пристапи и рече: "Господи! Зар не Те засега тоа што сестра ми ме остави сама да Те служам? Речи и да ми помогне!" |
41. | А Господ и одговори, велејќи: "Марта! Марта! Ти си загрижена и вознемирена за многу нешта; |
42. | а само некои работи се потребни, всушност само една. Марија го избра добриот дел, што нема да и се одземе." |
← Luke (10/24) → |