| Jude (1/1) |
| 1. | Јуда, слуга на Исус Христос и брат на Јаков, до оние кои се повикани, љубени од Бог Таткото и зачувани за Исус Христос. |
| 2. | Да ви се множат милоста, мирот и љубовта! |
| 3. | Мили мои, додека правев напори да ви напишам за нашето заедничко спасение, почувствував потреба со писмо да ве поттикнам да се борите сесрдно за верата која им е предадена на светиите еднаш за секогаш. |
| 4. | Зашто, тајно се вовлекоа некои луѓе, кои се одамна однапред назначени за оваа осуда: безбожници, кои благодатта на нашиот Бог ја извртуваат во разузданост и Го одрекуваат нашиот единствен Господар и Господ, Исус Христос. |
| 5. | Сега сакам да ви напомнам, еднаш за секогаш, иако знаете сè, дека Господ, откако го избави народот од Египет, ги погуби оние што не поверуваа, |
| 6. | па и ангелите, кои не го зачуваа своето место, туку го оставија своето определено место, ги чува во вечни окови под мрак, за судот на великиот ден. |
| 7. | Токму така како Содом и Гомора и нивните околни градови, кои на ист начин како и овие се оддадоа на блудство и тргнаа по туѓи тела, тие стојат како пример, поднесувајќи ја казната на вечниот оган. |
| 8. | Овие мечтатели, на ист начин го осквернуваат телото, ја презираат власта и хулат на ангелското величие. |
| 9. | А архангелот Михаил, кога се расправаше и препираше со ѓаволот за телото на Мојсеј, не се осмели да изрече навредлива пресуда, туку рече: "Господ да те прекори!" |
| 10. | А овие пак хулат на она што не го знаат; а она што го знаат по инстинкт како неразумните животни, во тоа пропаѓаат. |
| 11. | Тешко ним, зашто тргнаа по Каиновиот пат, и за печалба нагрвалија во заблудата на Балаам и изгинаа во Кореевиот бунт. |
| 12. | Тие се подводни гребени на вашите трпези на љубовта, кои се гостат со вас без страв, грижејќи се само за себеси; безводни облаци носени од ветровите, есенски неплодни дрвја, двојно мртви и откорнати; |
| 13. | бесни морски бранови што се пенат со своите срамоти; ѕвезди скитнички, за кои мрачна темнина за вечни векови се чува. |
| 14. | А за овие пророкуваше Енох, седмиот по Адам, велејќи: "Ете, Господ дојде со илјадници Свои светии, |
| 15. | за да им суди на сите и за да ги изобличи сите безбожници за сите нивни безбожни дела што безбожно ги направиле, и за сите навредливи зборови што безбожните грешници ги изговориле против Него." |
| 16. | Тие луѓе се мрморковци, кои постојано се поплакуваат на својата судбина, кои живеат според своите похоти; нивната уста зборува надмено, им се умилкуваат на луѓето заради стекнување полза. |
| 17. | А вие, мили мои, треба да си спомнете на зборовите кажани порано од апостолите на нашиот Господ Исус Христос; |
| 18. | зашто тие ви рекоа: "Bо последното време ќе се јават подбивачи, кои ќе живеат според своите безбожни похоти." |
| 19. | Тоа се сејачи на раздор, душевно настроени луѓе - кои Го немаат Духот. |
| 20. | А вие, мили мои, изградувајте се себеси врз вашата пресвета вера, молејќи се во Светиот Дух, |
| 21. | одржете се себеси во Божјата љубов, нестрпливо очекувајќи ја милоста на нашиот Господ Исус Христос за вечен живот. |
| 22. | Бидете милостиви кон оние кои се сомневаат, |
| 23. | спасувајте ги другите, извлекувајќи ги од оган. Спрема некои пак покажете милост, со страв, мразејќи ја дури и облеката од телото осквернета. |
| 24. | А Оној Кој може да ве дочува од слизнување и да ве постави непорочни пред Неговата слава со голема радост, |
| 25. | Единствениот Бог, нашиот Спасител, преку Исус Христос нашиот Господ, нека има слава, величие, сила и власт пред вековите, сега и во сите векови. Амин! |
| Jude (1/1) |