← John (7/21) → |
1. | Потоа Исус одеше по Галилеја, бидејќи не сакаше да оди низ Јудеја, зашто Евреите Го бараа за да Го убијат. |
2. | А наближуваше јудејскиот празник на Сениците. |
3. | Тогаш Неговите браќа Му рекоа: "Замини оттука и оди во Јудеја, за да ги видат и Твоите ученици делата што ги вршиш; |
4. | зашто никој не прави нешто тајно, кога самиот сака да биде познат. Штом ги вршиш тие дела, објави му се на светот." |
5. | Зашто ни Неговите браќа не веруваа во Него. |
6. | Затоа Исус им рече: "Моето време сè уште не е втасано, а за вас времето секогаш е згодно. |
7. | Светот вас не може да ве мрази, а Мене Ме мрази, зашто сведочам за него оти неговите дела се зли. |
8. | Bие појдете горе на празникот. Јас нема да отидам, зашто Моето време уште не е исполнето." |
9. | Тоа им го рече и остана во Галилеја. |
10. | А кога Неговите браќа отидоа на празникот, тогаш отиде и Самиот, не јавно, туку тајно. |
11. | Но Евреите Го бараа на празникот и зборуваа: "Каде е Оној?" |
12. | И многу се зборуваше за Него меѓу народот. Едни велеа: "Добар е!", а други велеа: "Не е добар, само го заблудува народот." |
13. | Меѓутоа, никој не зборуваше слободно за Него, заради страв од Евреите. |
14. | А на половина од празнувањето, Исус влезе во Храмот и поучуваше. |
15. | Затоа Евреите се чудеа и велеа: "Од каде има олку големо знаење - кога никогаш не учел?" |
16. | Тогаш Исус им одговори, велејќи: "Моето учење не е Мое, туку на Оној Кој Ме прати. |
17. | Ако некој сака да ја исполнува Неговата волја, ќе знае дали е ова учење од Бог, или зборувам Сам од Себе. |
18. | Кој говори сам од себе, ја бара својата слава, а кој ја бара славата за Оној Кој Го пратил, Тој е вистинит - во Него нема неправедност. |
19. | Зар Мојсеј не ви го даде Законот? Но, никој од вас не го исполнува Законот. Зошто сакате да Ме убиете?" |
20. | Народот одговори: "Демон има во Тебе! Кој сака да Те убие?" |
21. | Исус во одговор им рече: "Направив едно дело и сите се чудите. |
22. | Затоа Мојсеј ви го даде обрежувањето (не затоа што е од Мојсеј, туку од татковците), а вие во саботен ден обрежувате човек!? |
23. | Ако човек се обрежува во саботен ден за да не се наруши Мојсеевиот Закон, зошто се лутите на Мене дека наполно исцелив човек во саботен ден? |
24. | Не судете по надворешниот изглед, туку судете праведно!" |
25. | Тогаш некои од жителите на Ерусалим рекоа: "Не е ли овој Човекот, Кого бараат да Го убијат? |
26. | А ете, зборува слободно и ништо не Му велат. Да не се увериле старешините дека Тој е навистина Христос? |
27. | Овој Го знаеме од каде е, а кога ќе дојде Христос, никој не ќе знае од каде е." |
28. | Исус, пак, поучувајќи во Храмот, извика и рече: "И Мене Ме познавате, а знаете и од каде Сум! Не дојдов Сам од Себе, туку вистинит е Оној Кој Ме прати, Кого вие не Го познавате. |
29. | Јас Го знам, затоа што Сум од Него и Тој Ме прати." |
30. | Тогаш сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него, зашто уште не беше дошол Неговиот час. |
31. | А мнозина од народот поверуваа во Него и велеа: "Кога ќе дојде Христос, зарем ќе направи повеќе чудотворни знаци, отколку што направи Овој?" |
32. | Варисеите чуја дека народот зборува така за Него, па првосвештениците и фарисеите испратија стражари да Го фатат. |
33. | Тогаш Исус рече: "Уште малку време Сум со вас, потоа заминувам кај Оној Кој Ме прати. |
34. | Ќе Ме барате и нема да Ме најдете, и каде што Сум Јас, вие не можете да дојдете." |
35. | Тогаш Евреите си рекоа меѓу себе: "Каде ќе оди Овој, та да не можеме да Го најдеме? Да не сака да оди кај расеаните меѓу Грците и да ги поучува Грците? |
36. | Што значи зборот што го рече: 'Ќе Ме барате и нема да Ме најдете,' и 'каде што Сум Јас, вие не можете да дојдете'?" |
37. | А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: "Ако е некој жеден, нека дојде кај Мене и нека пие. |
38. | Кој верува во Мене, како што е кажано во Писмото, 'од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.'" |
39. | Тоа го рече за Светиот Дух, Кого ќе Го примат оние кои веруваат во Него, зашто Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен. |
40. | А некои од народот, кои ги чуја тие зборови, рекоа: "Овој е навистина Пророкот." |
41. | Други велеа: "Овој е Христос." Трети, пак, прашуваа: "Зар Христос ќе дојде од Галилеја? |
42. | Зар Писмото не рече дека Христос ќе дојде од Давидовото потомство, и од гратчето Bитлеем, од каде што беше Давид?" |
43. | И така, настана раздор кај народот заради Него. |
44. | А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. |
45. | Кога стражарите дојдоа кај првосвештениците и фарисеите, тие им рекоа: "Зошто не Го доведовте?" |
46. | Стражарите одговорија: "Никој никогаш не зборувал така како што зборува Овој човек." |
47. | А фарисеите им одговорија: "Зар и вие сте заблудени? |
48. | Дали некој од првенците или од фарисеите поверува во Него? |
49. | Туку, проклет е овој народ, што не го знае Законот." |
50. | Никодим (кој порано отиде кај Исус, а кој беше еден од нив) им рече: |
51. | "Осудува ли нашиот Закон некого, ако најнапред не го сослуша и не дознае што прави?" |
52. | Тие во одговор му рекоа: "Да не си и ти од Галилеја? Испитај и види дека пророк не се појавил од Галилеја." |
53. | И секој си отиде во својот дом. |
← John (7/21) → |