← John (6/21) → |
1. | Потоа Исус отиде на другата страна од Галилејското Море (наречено Тибериско). |
2. | Многу народ одеше по Него, зашто ги гледаше чудотворните знаци, што ги правеше над болните. |
3. | Исус се искачи на гората и седеше таму со Своите ученици. |
4. | А наближуваше јудејскиот празник Пасха. |
5. | Тогаш Исус ги подигна очите и виде дека многу народ доаѓа кон Него, па му рече на Вилип: "Каде да купиме леб, за да се нахранат овие?" |
6. | Тоа го рече само за да го испита, зашто Самиот знаеше што ќе стори. |
7. | Вилип Му одговори: "Нема да им втаса леб за двесте денарии, туку секој од нив нека добие по малку." |
8. | Еден од Неговите ученици, Андреј, братот на Симон Петар, Му рече: |
9. | "Тука има едно момче, кое има пет јачменови лебови и две риби, ама што е тоа за толку народ?" |
10. | А Исус рече: "Нека испоседнат луѓето! "Имено, имаше многу трева на местото, па луѓето испоседнаа, на број околу пет илјади. |
11. | Тогаш, Исус ги зеде лебовите, и откако заблагодари им ги раздаде на учениците, а учениците на оние што испоседнаа; исто така и од рибите, колку што сакаа. |
12. | Кога се наситија, им рече на Своите ученици: "Соберете ги останатите парчиња, за да не пропадне ништо!" |
13. | И така, ги собраа и наполнија дванаесет кошници со парчињата од петте јачменови лебови, што им останаа на оние кои јадеа. |
14. | Луѓето, кога го видоа чудотворниот знак што го направи, рекоа: "Овој е навистина Пророкот Кој требаше да дојде на светот." |
15. | Исус, штом разбра дека сакаат да дојдат и да го одвлечат насила, за да Го направат цар, пак се повлече наполно Сам во гората. |
16. | Кога се смрачи, Неговите ученици слегоа до морето, |
17. | влегоа во кораб и тргнаа преку морето кон Капернаум. Bеќе се стемни, а Исус уште не беше дојден кај нив. |
18. | А морето почна да се бранува, зашто дуваше силен ветар. |
19. | Откако одвеслаа околу дваесет и пет или триесет стадии, Го видоа Исус како оди по морето и се приближува кон коработ, па се исплашија. |
20. | Но Тој им рече: "Јас Сум, не плашете се!" |
21. | Тие сакаа да Го примат во коработ, а коработ веднаш се најде на брегот, кон кој одеа. |
22. | Утредента, народот, што стоеше од другата страна на морето, виде дека таму нема друг кораб, освен еден и дека Исус не влезе во него со Своите ученици, туку дека Неговите ученици отпловија сами. |
23. | Од Тиберија пристигнаа други кораби, близу до местото каде што беа јале леб, откако Господ заблагодари. |
24. | И кога луѓето видоа дека таму ги нема ни Исус ниту Неговите ученици, влегоа во корабите и пристигнаа во Капернаум, за да Го бараат Исуса. |
25. | Кога Го најдоа на спротивната страна од морето, Му рекоа: "Раби, кога дојде тука?" |
26. | Исус им одговори, велејќи: "Bистина, вистина, ви велам, Ме барате не затоа што видовте чудотворни знаци, туку затоа што јадевте од лебовите и се наситивте. |
27. | Работете не за храна што се расипува, туку за храна што останува за вечен живот, која ќе ви ја даде Синот Човеков, зашто Таткото Бог стави печат врз Него!" |
28. | Тогаш Му рекоа: "Што да правиме, за да ги извршуваме Божјите дела?" |
29. | Исус одговори, велејќи им: "Божјото дело е ова: да верувате во Оној Кого Тој Го прати." |
30. | Тие пак Му рекоа: "Каков знак ќе направиш за да видиме и да Ти поверуваме? Какво дело ќе извршиш? |
31. | Нашите татковци јадеа мана во пустината, како што е напишано: 'Им даде да јадат леб од небото.'" |
32. | Исус им рече: "Bистина, вистина, ви велам, Мојсеј не ви даде леб од небото, туку Мојот Татко ви дава вистински леб од небото, |
33. | зашто Божјиот леб е Оној Кој слегува од небото и му дава живот на светот." |
34. | Тогаш Му рекоа: "Господи, давај ни го секогаш тој леб." |
35. | Исус им рече: "Јас Сум Лебот на животот. Кој доаѓа кај Мене нема да огладни и кој верува во Мене нема никогаш да ожедни. |
36. | Туку ви реков дека - иако Ме видовте - не верувате. |
37. | Сè што Ми дава Таткото ќе дојде кај Мене, а оној кој доаѓа кај Мене нема да го истерам. |
38. | Зашто не слегов од Небото за да ја извршувам Мојата волја, туку волјата на Оној Кој Ме прати. |
39. | А ова е волјата на Оној Кој Ме прати: да не загубам ниту еден од сите што Ми ги даде, туку да ги воскреснам во последниот ден. |
40. | Зашто волјата на Мојот Татко е секој што ќе Го види Синот и поверува во Него - да има вечен живот, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден." |
41. | Тогаш Евреите негодуваа против Него, зашто рече: "Јас Сум лебот што слезе од небото", |
42. | и зборуваа: "Не е ли овој Исус, синот на Јосиф, чии татко и мајка ги познаваме? Како вели сега: 'Слегов од небото'?" |
43. | Исус одговори, велејќи им: "Не негодувајте меѓу себе. |
44. | Никој не може да дојде кај Мене, ако не го привлече Таткото Кој ме прати, и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. |
45. | Кај пророците е напишано: 'Сите ќе бидат научени од Бог.' Секој, кој чул од Таткото и научил, доаѓа кај Мене. |
46. | Никој не Го видел Таткото, освен Оној Кој е со Бог, Тој Го има видено Таткото. |
47. | Bистина, вистина, ви велам, кој ќе поверува во Мене има вечен живот." |
48. | "Јас Сум Лебот на животот. |
49. | Bашите татковци јадеа мана во пустината и изумреа. |
50. | Ова е лебот што слегува од небото, па секој може да го јаде и да не умре. |
51. | Јас Сум живиот леб што слезе од небото. Ако некој јаде од овој леб, ќе живее довека, а лебот, што ќе го дадам Јас, е Моето тело што ќе го предадам за животот на светот." |
52. | Евреите повторно почнаа да се препираат меѓу себе, велејќи: "Како може Овој да ни го даде Своето тело да го јадеме?" |
53. | Тогаш Исус им рече: "Bистина, вистина, ви велам: ако не го јадете телото на Синот Човеков и не ја пиете Неговата крв, не ќе имате живот во себе. |
54. | Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв има вечен живот; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. |
55. | Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв - вистинска напивка. |
56. | Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв останува во Мене и Јас во него. |
57. | Како што Мене Ме испрати живиот Татко, а Јас живеам заради Таткото, така и оној кој Ме јаде Мене ќе живее заради Мене. |
58. | Ова е лебот што слезе од небото, не каков што татковците јадеа и изумреа. Кој јаде од овој леб, ќе живее довека." |
59. | Ова го рече кога поучуваше во синагогата, во Капернаум. |
60. | Мнозина од Неговите ученици, штом го чуја тоа, рекоа: "Тешка е оваа беседа! Кој може да ја слуша?" |
61. | Бидејќи Исус знаеше во Себе дека Неговите ученици негодуваат заради тоа, им рече: "Зар ова ве соблазнува? |
62. | А што ќе биде ако Го видите Синот Човеков да се вознесува горе, каде што бил порано? |
63. | Духот е оној кој оживува, телото не помага ништо. Зборовите што ви ги реков се дух и живот. |
64. | Но има некои од вас, кои не веруваат." Зашто Исус знаеше од почетокот кои се тие што не веруваат и кој ќе Го предаде. |
65. | И рече: "Затоа ви реков дека никој не може да дојде кај Мене, освен ако не му е дадено од Таткото." |
66. | Оттогаш мнозина од Неговите ученици се вратија и не одеа веќе со Него. |
67. | А Исус им рече на дванаесеттемина: "Да не сакате и вие да си отидете?" |
68. | Симон Петар Му одговори: "Господи, кај кого да отидеме? Ти ги имаш зборовите на вечен живот. |
69. | Ние поверувавме и сознавме дека Ти си Божјиот Светец." |
70. | Исус им одговори: "Зар не ве избрав Јас дванаесеттемина, и сепак еден од вас е ѓавол?" |
71. | А зборуваше за Јуда, синот на Симон Искариот, зашто тој, кој беше еден од дванаесеттемина, сакаше да Го предаде. |
← John (6/21) → |