John (18/21)  

1. Штом го рече тоа, Исус излезе со Своите ученици преку потокот Кедрон, каде што имаше градина во која влезе со Своите ученици.
2. А Јуда, Неговиот предавник, го знаеше тоа место, зашто Исус често се состануваше со Своите ученици таму.
3. Тогаш Јуда и една чета војници и служители на првосвештениците и фарисеите, дојде таму со светилки, факли и оружје.
4. А Исус, знаејќи сè што ќе се случи со Него, истапи и им рече: "Кого го барате?"
5. Му одговорија: "Исус Назареќанецот." Исус им рече: "Јас Сум." А со нив стоеше и Јуда, Неговиот предавник.
6. А кога им рече:"Јас Сум", се тргнаа назад и паднаа наземи.
7. Тогаш пак ги праша: "Кого го барате?" А тие рекоа: "Исус Назареќанецот!"
8. Исус им одговори: "Bи реков дека Јас Сум; и затоа, ако Ме барате Мене, пуштете ги овие да си одат!",
9. за да се исполни словото што го рече: "Не загубив ниту еден од тие, што Ми ги даде."
10. А Симон Петар имаше меч, го извлече, го удри слугата на врховниот свештеник и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх.
11. Тогаш Исус му рече на Петар: "Стави го мечот во ножницата! Зар да не ја испијам чашата, што ми ја даде Таткото?"
12. Тогаш четата војници, заповедникот и еврејските слуги, Го фатија Исуса, Го врзаа
13. и Го одведоа прво кај Ана; имено, тој му беше тест на Кајафа, кој таа година беше врховен свештеник.
14. А Кајафа беше оној кој ги посоветува Евреите дека е подобро да умре еден човек за народот.
15. По Исуса одеа Симон Петар и еден друг ученик. Ученикот му беше познат на врховниот свештеник, па влезе со Исус во дворот на врховниот свештеник.
16. А Петар стоеше надвор, пред вратата. Тогаш другиот ученик, кој му беше познат на врховниот свештеник, излезе, проговори со вратарката и го воведе Петар.
17. Притоа слугинката вратарка му рече на Петар: "Да не си и ти еден од учениците на овој Човек?" Тој рече: "Не сум."
18. А слугите и присутните беа запалиле оган, стоеја и се грееја, зашто беше студено. И Петар стоеше со нив и се грееше.
19. Bрховниот свештеник, пак, Го праша Исус за Неговите ученици и за Неговото учење.
20. Исус му одговори: "Јас му зборував на светот јавно, секогаш поучував во синагогите и во Храмот, каде што се собираат сите Евреи, и ништо не говорев тајно.
21. Зошто Ме испрашуваш Мене? Прашај ги оние кои слушаа што им зборував, тие знаат што им зборував."
22. Кога го рече тоа, еден од присутните Го удри Исуса по образот и рече: "Така ли му одговараш на врховниот свештеник?"
23. Исус му одговори: "Ако реков лошо, докажи дека е лошо, а ако реков добро, зошто Ме удираш?"
24. Тогаш Ана Го прати врзан кај врховниот свештеник Кајафа.
25. А Симон Петар стоеше таму и се грееше. И му рекоа: "Да не си и ти од Неговите ученици?" Тој одрече: "Не сум."
26. Еден од слугите на врховниот свештеник, роднина на оној кому Петар му го отсече увото, рече: "Не те видов ли јас во градината со Него?"
27. Но Петар одрече пак и веднаш запеа петел.
28. Тогаш го одведоа Исус откај Кајафа во преторијата. Беше рано утро, и тие не влегоа во преторијата, за да не се осквернат, туку да можат да јадат на Пасха.
29. Затоа Пилат излезе пред нив и рече: "Какво обвинение поднесувате против човеков?"
30. Му одговорија: "Ако Овој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме."
31. А Пилат им рече: "Земете Го и судете Му според вашиот закон." Евреите му рекоа: "Нам не ни е дозволено да убиеме некого,"
32. со што се исполни Исусовиот збор, со кој навести со каква смрт ќе умре.
33. Потоа Пилат се врати во преторијата, Го повика Исус и Му рече: "Ти ли си Царот на Евреите?"
34. Исус одговори: "Го зборуваш ли тоа сам од себе, или други ти кажаа за Мене?"
35. Пилат одговори: "Јас Евреин ли сум ? Твојот народ и првосвештениците мене ми Те предадоа. Што си сторил?"
36. Исус одговори: "Моето Царство не е од овој свет, ако Моето Царство беше од овој свет, Моите приврзаници ќе се бореа да не им бидам предаден на Евреите, но Моето Царство не е тукашно."
37. Пилат на тоа му рече: "Значи, Цар си!" Исус одговори: "Ти велиш дека Сум Цар. Јас се родив за тоа и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината. Секој кој е од вистината, го слуша Мојот глас."
38. Пилат Му рече: "Што е вистина?" Откако го изусти ова, излезе пак пред Евреите и им рече: "Јас не наоѓам никаква вина во Него.
39. А кај вас е обичај да ви пуштам по еден затвореник на Пасха. Па, сакате ли да ви Го пуштам Царот на Евреите?"
40. Тогаш тие повторно се огласија, извикувајќи: "Не Овој, туку Бараба!" А Бараба беше разбојник.

  John (18/21)