← John (12/21) → |
1. | На шест дни пред Пасхата, Исус дојде во Бетанија, каде што беше Лазар, кого го воскресна од мртвите. |
2. | Таму Му приготвија вечера. Марта послужуваше, а Лазар беше еден од оние кои со Него беа прилегнати крај трпезата. |
3. | Тогаш Марија зеде литар миро од чист и скапоцен нард, ги помаза Исусовите нозе и ги избриша со својата коса; а куќата се исполни со мирис од мирото. |
4. | А Јуда Искариот, еден од Неговите ученици, кој сакаше да Го предаде, рече: |
5. | "Зошто мирово не се продаде за триста денарии, и да им се раздаде на сиромашните?" |
6. | Тоа не го рече зашто се грижеше за сиромашните, туку затоа што беше крадец; кај него беше чекмежето со пари и поткрадуваше од она што го пуштаа во него. |
7. | Но Исус рече: "Оставете ја! Нека го изврши тоа за денот на Мојот погреб. |
8. | Зашто сиромашните ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш." |
9. | Многу Евреи дознаа дека е таму, па дојдоа не само заради Исус, туку да го видат и Лазар, кого што го воскресна од мртвите. |
10. | Првосвештениците, пак, решија да го убијат и Лазар, |
11. | зашто многу Евреи ги напуштаа заради него и веруваа во Исус. |
12. | На следниот ден, голем број луѓе, што беа дојдени на празникот, кога слушнаа дека Исус доаѓа во Ерусалим, |
13. | зедоа палмови гранки, излегоа да го пречекаат, извикувајќи: "Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа во Господовото име, Царот на Израел!" |
14. | А Исус најде младо од магаре, односно магаренце, и го јавна, како што е напишано: |
15. | "Не плаши се, Сионова ќерко! Еве, твојот Цар доаѓа, седејќи на младо магаре." |
16. | Неговите ученици отпрвин не го разбраа тоа, но кога Исус се прослави, тогаш се сетија дека тоа беше напишано за Него, и дека тоа Му Го сторија. |
17. | А народот, кој беше со Него, сведочеше дека Тој го повика Лазар од гробот и го воскресна од мртвите. |
18. | Заради тоа народот и излезе да Го пречека, зашто чу дека Тој го направи тој чудотворен знак. |
19. | Варисеите, пак, си рекоа меѓу себе: "Гледате дека сè е бесполезно, еве, народот тргна по Него." |
20. | Меѓу поклониците, кои беа дојдени на празникот, имаше и некои Грци. |
21. | Тие му пристапија на Вилип, којшто беше од галилејска Бетсаида, и го замолија, велејќи: "Господине, сакаме да Го видиме Исус. |
22. | Вилип отиде и му кажа на Андреј; потоа Андреј и Вилип отидоа и Му кажаа на Исус. |
23. | А Исус им одговори: "Дојде часот да се прослави Синот Човеков. |
24. | Bистина, вистина, ви велам, ако пченичното зрно не падне во земјата и не умре, останува само, а ако умре, донесува многу плод. |
25. | Кој го љуби својот живот, ќе го загуби, а кој го мрази својот живот на овој свет - ќе го запази за вечен живот. |
26. | Ако некој Ми служи Мене, нека Ме следи; таму каде што Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. Ако некој Ми служи Мене, него Таткото ќе го почитува. |
27. | Еве, Мојата душа е вознемирена, и што да кажам: Татко, избави Ме од овој час? Па, заради тоа и дојдов до овој час! |
28. | Татко, прослави го Твоето име!" Тогаш дојде глас од небото: "Го прославив и пак ќе го прославам." |
29. | А народот, кој стоеше и го чу, рече: "Згрми!"- а други рекоа: "Ангел Му проговори!" |
30. | Исус во одговор рече: "Овој глас не дојде заради Мене, туку заради вас. |
31. | Сега е судот на овој свет. Сега владетелот на овој свет ќе биде изгонет! |
32. | А Јас, ако бидам воздигнат од земјата, ќе ги привлечам сите кон Себе." |
33. | Тоа го рече за да покаже со каква смрт ќе умре. |
34. | Тогаш народот Му одговори: "Од Законот имаме слушнато дека Христос треба да остане вечно. Тогаш, како велиш Ти: 'Синот Човеков треба да биде воздигнат?' Кој е тој Син Човеков?" |
35. | Тогаш Исус им рече: "Уште малку време Светлината е меѓу вас! Одете додека ја имате Светлината, за да не ве зафати темнината! Кој оди во темнина, не знае каде оди. |
36. | Додека ја имате Светлината, верувајте во Светлината, за да бидете синови на Светлината." Исус го рече тоа, па отиде и се скри од нив. |
37. | Иако направи толку чудотворни знаци пред нив, не веруваа во Него, |
38. | за да се исполни словото, што го рече пророкот Исаија: "Господи, кој и поверува на нашата порака? И на кого му се откри Господовата рака?" |
39. | Затоа не можеа да веруваат, зашто Исаија уште рече: |
40. | "Им ги заслепи очите и им ги скамени срцата, за да не гледаат со очите, за да не разбираат со срцето и да не се обратат - за да не ги исцелам." |
41. | Исаија го рече тоа, зашто ја виде Неговата слава и зборуваше за Него. |
42. | Сепак, мнозина од првенците поверуваа во Него, но заради фарисеите тоа не го признаваа јавно, за да не бидат исклучени од синагогата; |
43. | зашто повеќе ја сакаа човечката слава, отколку Божјата. |
44. | А Исус го поткрена гласот и рече: "Кој верува во Мене, не верува во Мене туку во Оној Кој Ме прати. |
45. | И кој Ме гледа Мене, Го гледа Оној Кој Ме прати. |
46. | Јас, Светлината, дојдов на светот, за ниту еден кој верува во Мене да не остане во темнина. |
47. | И ако некој ги чуе Моите зборови, а не ги почитува, Јас не го судам: зашто не дојдов да Му судам на светот, туку да го спасам светот. |
48. | Кој Ме отфрла Мене и не ги прима Моите зборови, има свој судија: Словото, што го изговорив, тоа ќе му суди во последниот ден. |
49. | Зашто Јас не зборував Сам од Себе, туку Таткото Кој Ме прати, Тој Ми даде заповед што да речам и што да зборувам. |
50. | И знам дека Неговата заповед е вечен живот. И така, она што го зборувам Јас, го зборувам онака како што Ми кажа Таткото." |
← John (12/21) → |