← John (11/21) → |
1. | Имаше и еден болен човек, Лазар од Бетанија, од селото на Марија и сестра и Марта. |
2. | А Марија, чиј брат Лазар беше болен, беше онаа која Го помаза Господа со миро и ги избриша Неговите нозе со својата коса. |
3. | И така, сестрите пратија вест до Него, да Му кажат: "Господи, ете, болен е оној кого го љубиш." |
4. | А штом Исус го чу тоа, рече: "Болеста не е за умирачка, туку за Божја слава, за преку неа да се прослави Божјиот Син." |
5. | Исус ги љубеше Марта, нејзината сестра и Лазара. |
6. | И кога чу дека е болен, остана уште два дена во местото каде се наоѓаше. |
7. | Потоа им рече на учениците: "Да отидеме пак во Јудеја." |
8. | Учениците Му рекоа: "Раби, Евреите сега сакаа да Те каменуваат, а Ти пак одиш онаму?" |
9. | Исус одговори: "Зар денот нема дванаесет часови? Ако некој оди дење, не се сопнува, зашто ја гледа светлината на овој свет. |
10. | А ако некој оди ноќе, се сопнува, зашто нема светлина во него." |
11. | Тоа им го рече, а потоа продолжи: "Нашиот пријател Лазар заспа, одам да го разбудам." |
12. | Тогаш учениците Му рекоа: "Господи, ако заспал, ќе оздравее." |
13. | Додека Исус зборуваше за неговата смрт, тие мислеа дека зборува за починка во сон. |
14. | Тогаш Исус им рече јасно: "Лазар умре; |
15. | ама се радувам заради вас, оти не бев таму, за да поверувате. Ајде да отидеме кај него." |
16. | Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на соучениците: "Да отидеме и ние за да умреме со него!" |
17. | И така, кога Исус дојде дозна дека е четири дена во гробот. |
18. | А Бетанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии, |
19. | и мнозина Евреи беа дошле кај Марта и Марија да ги утешат за братот. |
20. | Штом чу Марта дека доаѓа Исус, излезе да Го пречека, а Марија остана дома. |
21. | Притоа Марта Му рече на Исус: "Господи, да беше Ти тука, брат ми немаше да умре. |
22. | А и сега знам дека Бог ќе Ти даде сè за што ќе Го замолиш." |
23. | Исус и рече: "Твојот брат ќе воскресне." |
24. | Марта Му рече: "Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден." |
25. | Исус и рече: "Јас Сум Bоскресението и Животот; оној што верува во Мене, и да умре - ќе живее. |
26. | И секој, кој живее и верува во Мене, нема да умре довека. Bеруваш ли во тоа? |
27. | Му рече: "Да, Господи, јас верувам дека Ти си Христос, Божјиот Син, Кој треба да дојде на светот." |
28. | Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија и и рече скришно: "Учителот е тука и те вика!" |
29. | А таа, штом го чу тоа, веднаш стана и тргна кон Него. |
30. | Имено, Исус уште не беше втасал во селото, туку беше на местото каде што Го сретна Марта. |
31. | Евреите, пак, кои беа со неа дома и ја тешеа, штом видоа дека Марија стана и бргу излезе, тргнаа по неа, мислејќи дека оди на гробот, таму да се изнаплаче. |
32. | А кога Марија дојде таму, каде што беше Исус, кога Го виде, падна пред Неговите нозе и Му рече: "Господи, да беше Ти тука, немаше брат ми да умре." |
33. | Кога Исус ја виде расплакана, и како плачат Евреите, кои дојдоа со неа, се растажи во духот, и се потресе |
34. | и рече: "Каде го положивте?" Му рекоа: "Господи, дојди и види!" |
35. | Исус просолзи. |
36. | Тогаш Евреите рекоа: "Гледај, колку го љубел!" |
37. | А некои од нив рекоа: "Не можеше ли Овој Кој му ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?" |
38. | А Исус пак длабоко трогнат, дојде до гробот; а тоа беше пештера со камен навален на влезот. |
39. | Исус рече: "Поместете го каменот!" Марта, сестрата на покојникот, Му рече: "Господи, веќе смрди, зашто четири дена е во гробот." |
40. | Исус и рече: "Нели ти реков, ако веруваш, ќе ја видиш Божјата слава?" |
41. | Тогаш го поместија каменот, а Исус ги поткрена очите и рече: "Татко, Ти благодарам што Ме послуша. |
42. | Јас знаев дека секогаш Ме слушаш, но ова го реков заради насобраните луѓе, за да поверуваат дека Ти Ме прати." |
43. | Откако го рече тоа, викна со силен глас: "Лазаре, излези надвор!" |
44. | Умрениот излезе, замотан со повои по рацете и нозете, а лицето му беше забрадено со крпа. Исус им рече: "Одмотајте го и пуштете го да оди!" |
45. | Тогаш мнозина од Евреите, кои дојдоа со Марија и видоа што направи Тој, поверуваа во Него, |
46. | а некои од нив отидоа кај фарисеите и им раскажаа што стори Исус. |
47. | Затоа првосвештениците и фарисеите го свикаа Советот и рекоа: "Што да чиниме? Овој човек прави многу чудотворни знаци! |
48. | Ако Го оставиме така, сите ќе веруваат во Него, а Римјаните ќе дојдат и ќе ни ги одземат и земјата и народот!" |
49. | А еден од нив, Кајафа, кој беше врховен свештеник во таа година, им рече: "Bие не знаете ништо, |
50. | ниту помислувате дека е подобро за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне." |
51. | А ова не го рече сам од себе, туку, како врховен свештеник во таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот, |
52. | и не само за народот, туку и за да ги собере заедно раштрканите Божји деца. |
53. | Така, по тој ден се договорија да Го убијат. |
54. | Затоа Исус веќе не се движеше јавно меѓу Евреите, туку отиде оттаму во еден крај близу до пустината, во градот наречен Ефраим, и таму престојуваше со учениците. |
55. | А наближуваше јудејската Пасха, па мнозина од внатрешноста се искачуваа кон Ерусалим, пред Пасхата, за да се исчистат. |
56. | Го бараа Исус, и стоејќи во Храмот зборуваа меѓу себе: "Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?" |
57. | А првосвештениците и фарисеите веќе беа издале заповед, ако некој дознае каде е, да јави, за да Го фатат. |
← John (11/21) → |