John (1/21) → |
1. | Bо почетокот беше Словото, и Словото беше со Бог, и Словото беше Бог. |
2. | Тоа беше во почетокот со Бог. |
3. | Сè стана преку Него, и без Него не стана ништо од она што настана. |
4. | Bо Него имаше живот и животот им беше светлина на луѓето. |
5. | А светлината свети во темнина, и темнината не ја опфати. |
6. | Се јави човек, испратен од Бог, по име Јован. |
7. | Тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него. |
8. | Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината. |
9. | Bистинската светлина, Која го осветлува секој човек, доаѓаше на свет. |
10. | Тој беше во светот, и светот стана преку Него, но светот не Го позна. |
11. | Дојде кај Своите, но Своите не Го примија. |
12. | А на сите што Го примија, им даде право да станат Божји деца - на оние кои веруваат во Неговото име, |
13. | кои не се родија ниту од крв, ни од телесна похота, ниту од волја на маж, туку од Бог. |
14. | И Словото стана тело кое се всели меѓу нас и ја видовме Неговата слава, славата што ја има како единствен од Таткото - полн со благодат и вистина. |
15. | Јован сведочеше за Него и извика, велејќи: "Еве Го Оној за Кого реков: Оној Кој доаѓа по мене, поголем е од мене, зашто постоеше пред мене!" |
16. | И сите ние примивме од Неговата полнота благодат врз благодат. |
17. | Зашто, Законот беше даден преку Мојсеј, а преку Исус Христос дојдоа благодатта и вистината. |
18. | Бог никој никогаш не Го видел; Единородниот Бог - Кој е во прегратката на Таткото, Тој Го објави." |
19. | А ова е Јовановото сведоштво, кога Евреите од Ерусалим му испратија свештеници и левити, за да го прашаат: "Кој си ти?" |
20. | И тој призна и не одрече, туку изјави: "Јас не сум Христос." |
21. | А тие го прашаа: "Кој си тогаш! Илија ли си?" "Не сум," одговори тој. "Да не си Пророкот?" "Не," одговори. |
22. | Тогаш му рекоа: "Кој си?- за да можеме да им одговориме на оние што нè испратија! Што велиш ти за себеси?" |
23. | Тој рече: "Јас сум глас на оној кој вика во пустината: 'исправете го Господовиот пат', како што рече пророкот Исаија." |
24. | Испратените беа од фарисеите. |
25. | Тие го прашаа и му рекоа: "Тогаш зошто крштаваш, кога не си Христос, ниту Илија, ни Пророкот?" |
26. | "Јас крштавам со вода" - им одговори Јован - "но меѓу вас стои еден, Кого вие не Го познавате. |
27. | Тој е Оној Кој доаѓа по мене, на Кого јас не сум достоен да му ги одврзам ремените на Неговите сандали." |
28. | Тоа се случи во Бетанија, од онаа страна на Јордан, каде што Јован крштаваше. |
29. | Утредента, Јован Го виде Исус како доаѓа кон него и рече: "Еве Го Божјото Јагне, Кое го отстранува гревот на светот! |
30. | Овој е Оној за Кого ви реков: "По мене доаѓа Човек, Кој постоеше пред мене, зашто беше пред мене." |
31. | Јас не Го препознав, но за да му Го објавам на Израел, дојдов да крштавам со вода." |
32. | Јован сведочеше, говорејќи: "Го видов Духот како слегува од небото како гулаб, и остана над Него. |
33. | Јас не Го препознав, но Оној Кој ме испрати да крштавам со вода, ми рече: "Bрз Кого ќе видиш како слегува Духот и останува над Него, Тој е Оној Кој ќе крштава со Светиот Дух." |
34. | Јас видов и сведочам дека Овој е Божјиот Син." |
35. | Следниот ден, Јован повторно стоеше со двајца свои ученици, |
36. | и штом Го виде Исуса како поминува, рече: "Еве Го Божјото Јагне!" |
37. | Кога ги чуја од него тие зборови, обајцата ученици тргнаа по Исуса. |
38. | Исус се заврте и кога виде дека одат по Него, ги праша: "Што барате?" Тие Му одговорија: "Раби (што значи учител) каде живееш?" |
39. | "Дојдете и видете!" им рече. И така, отидоа и видоа каде живее, и останаа со Него оној ден, зашто беше околу десеттиот час. |
40. | Еден од двајцата кои тргнаа по Исус, откако ги чуја Јовановите зборови, беше Андреј, братот на Симон Петар. |
41. | Тој го најде првин својот брат Симон и му рече: "Го најдовме Месијата (што значи Христос)." |
42. | И го доведе кај Исус. А Исус, гледајќи го, му рече: "Ти си Симон, синот на Јован; ти ќе се наречеш Кифа (што значи камен)." |
43. | Следниот ден Исус науми да отиде во Галилеја, па го најде Вилип и му рече: "Следи Ме!" |
44. | Вилип беше од Бетсаида, од градот на Петар и Андреј. |
45. | Вилип го најде Натанаил и му рече: "Го најдовме Оној за Кого пишуваа Мојсеј во Законот и пророците, Исус, синот на Јосиф од Назарет." |
46. | "Може ли да излезе нешто добро од Назарет?", му рече Натанаил. "Дојди и види", му одговори Вилип. |
47. | Исус виде како Му се приближува Натанаил, и рече за него:"Еве, вистински Израелец, во кого нема лукавство." |
48. | "Од каде ме познаваш?", го праша Натанаил. Исус му одговори: "Уште пред да те повика Вилип те видов кога беше под смоквата." |
49. | "Раби! - му одговори Натанаил - Ти си Божјиот Син! Ти си Царот на Израел!" |
50. | Исус во одговор му рече: "Дали веруваш поради тоа што ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш и поголеми нешта од тоа!" |
51. | И рече: "Bистина, вистина ви велам: отсега ќе ги гледате небесата отворени и Божјите ангели како се искачуваат и слегуваат по Синот Човеков." |
John (1/21) → |