← James (2/5) → |
1. | Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос и не бидете пристрасни! |
2. | Зашто ако на вашиот собир дојде човек со златен прстен и со убава облека, а влезе и сиромав во валкана облека, |
3. | и му укажете посебно внимание на оној во убавата облека, и му речете: "Ти седни тука на убаво место!" а на сиромавиот му речете: "Ти стој таму!" или "Седни долу до моите нозе", |
4. | не правите ли разлики меѓу себе и така станувате судии со зли мисли? |
5. | Послушајте, мили мои браќа, не ги избра ли Бог оние кои се сиромаси во очите на светот, за да бидат богати во верата и наследници на Царството кое им го ветил на оние кои Го љубат? |
6. | А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие што ве угнетуваат и ве влечат по судови? |
7. | Не го хулат ли тие возвишеното име со кое сте наречени? |
8. | Ако пак го исполнувате царскиот закон, според Писмото: "Љуби го својот ближен како самиот себе!"- добро правите. |
9. | Но ако сте пристрасни, правите грев и законот ве осудува како престапници. |
10. | Бидејќи кој го запазува целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сè. |
11. | Зашто Оној Кој рекол: "Не врши прељуба!" рекол и : "Не убивај!" Ако не вршиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот. |
12. | Така зборувајте и така постапувајте како луѓе кои ќе бидат судени според законот на слободата. |
13. | Зашто осудата ќе нема милост спрема оној кој не покажал милост. Милоста слави победа над осудата. |
14. | Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли таквата вера да го спаси? |
15. | Ако некој брат или сестра се без облека и имаат потреба од секојдневна храна, |
16. | па некој од вас им рече: "Одете си во мир, стоплете се и наситете се!", а не им го даде она што им е потребно за телото, каква е ползата од тоа? |
17. | Така е и со верата: ако нема дела, мртва е сама по себе. |
18. | Bпрочем, некој ќе рече: ти имаш вера, а јас имам дела; покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата преку моите дела. |
19. | Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш! И демоните веруваат и треперат. |
20. | Сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е бесплодна? |
21. | Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан преку делата кога го принесе својот син Исак на жртвеникот? |
22. | Гледате дека верата соработуваше со неговите дела, и преку делата верата стана совршена, |
23. | и така се исполни Писмото, кое вели: "Авраам Му поверува на Бог, и тоа му се припиша за праведност, и беше наречен Божји пријател." |
24. | Ете човекот се оправдува преку дела, а не единствено преку вера. |
25. | Исто така и блудницата Рааб, не се оправда ли преку дела, кога ги прими гласниците и кога ги испрати по друг пат? |
26. | Зашто, како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва. |
← James (2/5) → |