James (1/5) → |
1. | Јаков, слуга на Бог и на Господ Исус Христос, ви испраќам поздрави на дванаесетте раштркани племиња. |
2. | Сметајте дека е вистинска радост, браќа мои, кога ќе се сретнете со разни испитувања, |
3. | знаејќи дека од испитувањето на вашата вера произлегува истрајност! |
4. | А од истрајноста - совршено дело, за да бидете совршени и целосни, без нешто да ви недостига. |
5. | Но ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја бара од Бога, Кој им дава на сите изобилно и без прекор - и ќе му биде дадена. |
6. | Но нека бара со вера, без никакво сомнение, зашто оној кој се сомнева е сличен на морски бран кого ветрот го крева и го тера. |
7. | Таквиот човек нека не мисли дека ќе прими нешто од Господ, |
8. | зашто човекот кој се двоуми е непостојан на сите свои патишта. |
9. | Бедниот брат нека се фали со својата возвишеност, |
10. | а богатиот со својата понизност, бидејќи ќе помине како цветот на тревата. |
11. | Зашто сонцето изгрева со припек и ја овенува тревата, па нејзиниот цвет окапува и исчезнува убавината на нејзиниот изглед. Така и богатиот ќе овене во своите стремежи. |
12. | Блажен е човекот кој истрајува во испитувањата, зашто откако ќе биде докажан, ќе го прими венецот на животот што Бог им го вети на оние што Го љубат. |
13. | Никој, кој се наоѓа во искушение, да не рече: "Бог ме искушува." Зашто, Бог не може да биде искушуван од зло, и Тој Самиот никого не искушува. |
14. | Туку, секој е искушуван кога го влече и го мами неговата сопствена похота. |
15. | А откако ќе зачне похотата, таа раѓа грев, а извршениот грев раѓа смрт. |
16. | Не мамете се, мили мои браќа. |
17. | Секое добиено добро и секој совршен дар, доаѓаат озгора, и слегуваат од Таткото на светлините, кај Кого нема промена, ниту трага од промена. |
18. | Тој нè роди според Својата волја, преку словото на вистината, за да бидеме првнина меѓу Неговите созданија. |
19. | Знајте го ова, мили мои браќа: секој нека биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето и бавен за гнев, |
20. | зашто човековиот гнев не ја исполнува Божјата праведност. |
21. | Затоа отфрлете од себе секаква нечистота, и сè што останало од злобата, и примете го со кроткост во вас всаденото Слово кое може да ги спаси вашите души. |
22. | И бидете извршители на Словото, а не само слушатели кои се мамат себеси. |
23. | Зашто, кој го слуша Словото, а не го исполнува, прилега на човек, кој го гледа своето сопствено лице во огледало, |
24. | па откако ќе се погледне и замине, веднаш заборава каков бил. |
25. | А кој ќе се загледа во совршениот закон, законот на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како делотворен извршител, тој ќе биде блажен во она што го врши. |
26. | Ако некој мисли дека е религиозен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата религија е безвредна. |
27. | Ова е чиста и неизвалкана религија пред Бога и Таткото: да се посетуваат сираците и вдовиците кога се во нивната невола, и да се биде неосквернет од светот. |
James (1/5) → |