← Hebrews (7/13) → |
1. | Мелхиседек, салимскиот цар, свештеник на Севишниот Бог, кој му излезе во пресрет на Авраам кога се враќаше по колежот над царевите, и го благослови, |
2. | кому Авраам му оддели десеток од сè, чие име преведено првин значи "Цар на праведноста", потоа и "Цар на Салим" односно "Цар на мирот", |
3. | без татко, без мајка, без родословје, кој нема ниту почеток на деновите, ниту крај на животот, сличен на Божјиот Син, вечно останува свештеник. |
4. | Гледате ли колку е голем оној кому патријархот Авраам му даде десеток од најдобриот плен! |
5. | Навистина и оние од Левиевите синови, кои ја примаат свештеничката служба, имаат заповед според Законот да земаат десеток од народот, односно од своите браќа, иако и тие се Авраамови потомци. |
6. | Но оној, чие родословје не произлегува од нив, зеде десеток од Авраам и го благослови оној кој ги имаше ветувањата. |
7. | А без сомнение помалиот е благословен од поголемиот. |
8. | Згора на тоа, овде смртни луѓе земаат десетоци, а онде, оној за кого се сведочи дека живее. |
9. | Следствено, Леви кој зема десеток, даде десеток преку Авраам, |
10. | зашто уште беше во бедрото на својот татко, кога го сретна Мелхиседека. |
11. | И така, ако совршенството беше преку левитското свештенство (зашто народот го прими Законот под него), каква потреба имаше уште да се издигне друг свештеник по редот Мелхиседеков и да не биде назначен по редот Аронов? |
12. | Имено, кога се променува свештенството, неопходно се променува и Законот. |
13. | Бидејќи оној за кого ова се зборува му припаѓа на друго племе, од кое никој не служел при жртвеникот. |
14. | Зашто сосема е јасно дека нашиот Господ произлезе од Јудиното племе, а за свештенство од ова племе Мојсеј не рече ништо. |
15. | И станува уште појасно, дека ако се јавил друг свештеник, сличен на Мелхиседек, |
16. | тој не станал тоа според некој закон на телесните прописи, туку според силата на неуништливиот живот. |
17. | Зашто за него се сведочи: "Ти си свештеник во вечни векови, според редот Мелхиседеков." |
18. | Имено, од една страна се укинува поранешната заповед, заради нејзината немоќ и бесполезност |
19. | (зашто Законот не направи ништо совршено), а од друга страна се воведува подобра надеж, преку која се доближуваме до Бог. |
20. | И покрај тоа што не беше без заклетва |
21. | (имено, другите станаа свештеници без заклетва, а Тој стана со заклетва преку Оној Кој Му рече: "Господ се заколна и нема да се предомисли, - Ти си свештеник во вечни векови- "); |
22. | уште повеќе и Исус стана залог на подобар завет. |
23. | И тие во голем број станаа свештеници зашто смртта ги спречуваше да продолжат, |
24. | а Тој, пак, има постојано свештенство, зашто останува во вечни векови. |
25. | Затоа и може да ги спасува за вечни векови оние кои преку Него доаѓаат кај Бог, зашто Тој секогаш живее, за да се застапува за нив. |
26. | Зашто таков Bрховен свештеник ни требаше и нам: свет, невин, непорочен, одвоен од грешници и повозвишен од небесата, |
27. | Кој нема секојдневна потреба, како врховните свештеници, да принесува жртви прво за своите гревови, а потоа за гревовите на народот, бидејќи тоа го направи еднаш за секогаш принесувајќи се Самиот Себе. |
28. | Зашто, Законот поставува немоќни луѓе за врховни свештеници, а зборот на заклетвата, кој дојде по Законот, поставува Син Кој е усовршен во вечни векови. |
← Hebrews (7/13) → |