← Hebrews (6/13) → |
1. | Затоа да го оставиме почетното учење за Христос а да се стремиме кон зрелост и да не поставуваме повторно основа за покајание од мртви дела и за вера во Бог, |
2. | за учењето за крштавањата, за полагањето на раце, за воскресението на мртвите и за вечниот суд. |
3. | И тоа ќе го сториме ако дозволи Бог. |
4. | Зашто за оние кои еднаш биле просветлени, кои го вкусиле небесниот дар, станале соучесници на Светиот Дух |
5. | и кои ги вкусиле доброто Божјо слово и силите на идниот век, |
6. | а сепак отпаднале, невозможно е повторно да бидат обновени за покајание, зашто тие повторно за себеси Го распнуваат Божјиот Син и Го изложуваат на јавен срам. |
7. | Зашто земјата која го впива дождот што често паѓа на неа, и која им раѓа полезни растенија на оние за кои и се обработува, добива благослов од Бог; |
8. | но ако дава трње и боцки, не чини и е близу да биде проколната; нејзиниот крај завршува во огнот. |
9. | Иако зборуваме вака, мили мои, уверени сме во подобри нешта за вас - такви кои го придружуваат спасението. |
10. | Зашто Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте спрема Неговото име, откако им послуживте и сè уште им служите на светиите. |
11. | Но ние сакаме секој од вас да ја покаже истата ревност, за да има целосна сигурност на надеж до крајот, |
12. | и да не бидете мрзливи, туку да се угледате на оние кои преку вера и трпение ги наследуваат ветувањата. |
13. | Навистина, кога Бог му даде ветување на Авраам, немајќи никој поголем за да се заколне во него, се заколна во Самиот Себе, |
14. | велејќи: "Навистина ќе те благословам и ќе те преумножам." |
15. | И така, чекајќи трпеливо го доби ветеното. |
16. | Луѓето, всушност, се колнат во она што е поголемо од нив, и кога ќе се заколнат, завршува секаква натамошна расправија меѓу нив. |
17. | Така и Бог, сакајќи на наследниците на ветувањето посебно да им ја покаже непроменливоста на Својата цел, се послужи со заклетва, |
18. | така што преку тие две непроменливи работи, со кои не е можно Бог да лаже, нека имаме цврст поттик да ја досегнеме надежта што е поставена пред нас. |
19. | Неа ја имаме како сигурна и цврста котва на душата, која навлегува и зад завесата, |
20. | каде што Исус влезе за нас како претходник, откако стана вечен Bрховен свештеник според редот Мелхиседеков. |
← Hebrews (6/13) → |