← Hebrews (11/13) → |
1. | А верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и осведочување за нештата што не се гледаат. |
2. | Зашто преку неа претците добија сведоштво. |
3. | Со вера разбираме дека световите се создадени со Божјиот збор, така што видливото произлегло од невидливото. |
4. | Со вера Авел Му принесе на Бог подобра жртва од Каиновата, преку која прими сведоштво дека е праведен, зашто Бог посведочи за неговите дарови, и преку вера тој сè уште зборува, иако е умрен. |
5. | Преку вера Енох беше грабнат, за да не види смрт, и не можеше да биде најден, зашто Бог го зеде, бидејќи пред неговото земање, тој доби сведоштво дека Му угодил на Бог. |
6. | А без вера не е можно да Му се угоди, зашто оној кој Му пристапува на Бог мора да верува дека Тој постои и дека ги наградува оние кои Го бараат. |
7. | Со вера Ное, откако беше известен за она што уште не се гледаше, со страхопочит, приготви ковчег за спасение на својот дом, со што го осуди светот и стана наследник на праведноста, која е според вера. |
8. | Со вера Авраам послуша, кога беше повикан да излезе на местото што требаше да го прими во наследство, и тргна не знаејќи каде оди. |
9. | Преку вера живееше како новодојден во ветената земја, како во туѓа, живејќи во шатори заедно со Исак и Јаков, сонаследници на истото ветување, |
10. | зашто го очекуваше градот кој има темели, кому Бог му е Градител и Творец. |
11. | Преку вера и самата Сара стана способна да зачне, иако беше во напредната возраст, зашто Го сметаше за верен Оној Кој и беше ветил. |
12. | Затоа од еден, и тоа речиси мртов, се роди многу народ "колку ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег, што не може да се изброи." |
13. | Сите овие умреа верувајќи, не добивајќи ги ветувањата, туку само оддалеку ги видоа и ги поздравија, и исповедаа дека се туѓинци и новодојдени на земјата. |
14. | Зашто, тие кои зборуваат така покажуваат дека бараат татковина. |
15. | И ако навистина мислеа на онаа од која излегоа, ќе имаа можност да се вратат, |
16. | но сега, копнеат по подобра, односно небесната. Затоа Бог не се срами да биде наречен нивни Бог, зашто им приготви град. |
17. | Со вера Авраам, кога беше испитуван, го принесе Исака, и оној кој ги прими ветувањата, го принесе својот единороден син. |
18. | Нему му беше речено: "По Исак ќе биде наречено твоето потомство." Тој сметаше дека Бог може и од мртвите да воскреснува, |
19. | затоа го прими како претслика на воскресението. |
20. | Со вера Исак ги благослови Јаков и Есав, и во однос на идните нешта. |
21. | Со вера Јаков, додека умираше, ги благослови сите Јосифови синови, и им се поклони, потпирајќи се на врвот од овчарскиот стап. |
22. | Со вера Јосиф, на умирање, спомна за излегувањето на израеловите синови и даде упатства за своите коски. |
23. | Преку вера Мојсеј, кога се роди, беше криен три месеци од неговите родители, зашто видоа дека детето е убаво и не се уплашија од царската заповед. |
24. | Преку вера Мојсеј, кога порасна, одби да го нарекуваат син на фараоновата ќерка, |
25. | и повеќе сакаше да страда заедно со Божјиот народ, отколку да ужива во минливите гревовни наслади. |
26. | Зашто Христовиот срам го сметаше за поголемо богатство од египетските ризници, бидејќи ја имаше предвид наградата. |
27. | Преку вера го напушти Египет, не плашејќи се од царевиот гнев, зашто издржа како да Го гледа Невидливиот. |
28. | Преку вера ја прослави Пасхата и изврши попрскување со крв, за да не го допре оној кој ги сотруваше првородените. |
29. | Со вера поминаа преку Црвеното Море како по суво, а Египќаните, кога се обидоа, се издавија. |
30. | Преку вера паднаа ерихонските ѕидини, по седумдневното обиколување околу нив. |
31. | Преку вера блудницата Рааб не загина со непокорните, откако со мир ги прими извидниците. |
32. | И што да речам уште? Зашто нема да имам доволно време кога би почнал да раскажувам за Гидеон, Барак, Самсон, Јефтај, за Давид и Самоил, и за пророците |
33. | кои преку вера победија царства, извршија дела на праведност, добија ветувања, им затворија усти на лавови, |
34. | ја угаснаа моќта на огнот, го избегнаа сечилото на мечот, од немоќни станаа силни; станаа силни во бој и натераа во бегство туѓи војски. |
35. | Жени ги примија назад своите умрени преку воскресение, а други беа мачени и не беа избавени, за да добијат подобро воскресение. |
36. | Други доживеаја подбиви и удари, а покрај тоа и окови и зандана. |
37. | Беа каменувани, со пила сечени надве, искушувани, умираа од меч, талкаа во овчи и козји кожи; во немаштија, во неволи и мачени |
38. | (оние за кои светот не беше достоен), талкаа по пустини, по гори, по пештери и по јами вземи. |
39. | И сите тие, иако се докажаа преку верата, не го примија ветеното, |
40. | зашто Бог предвиде нешто подобро за нас, за да не дојдат до совршенство без нас. |
← Hebrews (11/13) → |