← Hebrews (10/13) → |
1. | Бидејќи Законот е само сенка на идните добри нешта, а не и самата суштина на нештата, не може никогаш со истите жртви, што секоја година постојано се принесуваат, да ги направи совршени оние кои пристапуваат. |
2. | Инаку, зар не би престанале да ги принесуваат, зашто оние кои ги принесуваат, откако еднаш биле исчистени, веќе не би биле свесни за грев? |
3. | Но со тие жртви, тие секоја година потсетуваат на гревовите |
4. | зашто невозможно е крвта на биковите и јарците да отстранува гревови. |
5. | Затоа, кога Тој влезе во светот, рече: "Жртви и приноси Ти не посака, но телото ми го подготви. |
6. | Сепаленици и жртви за грев не Ти се по волја." |
7. | Тогаш реков: "Еве, доаѓам (во свитокот е напишано за Мене) да ја исполнам Твојата волја, О Боже." |
8. | Додека погоре пишува: "Жртви и приноси, сепаленици и жртви за грев не посака, ниту Ти се по волја" (а се принесуваат според Законот), |
9. | потоа рече: "Еве, доаѓам да ја исполнам Твојата волја." Го отстранува првото, за да го воспостави второто. |
10. | Според таа волја осветени сме преку приносот на телото на Исус Христос еднаш засекогаш. |
11. | И секој свештеник секојдневно служи принесувајќи ги многупати истите жртви, кои никогаш не можат да отстранат гревови. |
12. | Но Тој откако принесе само една жртва за гревовите, еднаш за засекогаш, седна оддесно на Бог, |
13. | и чека сè уште додека Неговите непријатели бидат направени подношка за Неговите нозе. |
14. | Зашто Тој со едно принесување ги направи совршени засекогаш оние кои се осветени. |
15. | А и Светиот Дух ни сведочи за тоа, откако рече: |
16. | "Ова е заветот, што ќе го склучам со нив по оние денови - вели Господ- ќе ги втиснам Моите закони на нивните срца и ќе ги напишам на нивниот ум, |
17. | и за нивните гревови и за нивните беззаконија нема веќе да си спомнувам." |
18. | А каде што има проштавање за овие нешта, таму нема веќе приноси за грев. |
19. | И така, браќа, имаме слобода да влегуваме во Светото место преку Исусовата крв, |
20. | Кој низ завесата ни отвори нов и жив пат, кој е Неговото тело, |
21. | и бидејќи имаме Bрховен свештеник над Божјиот дом, |
22. | да пристапиме со искрено срце во целосна слобода на верата, со срца кои преку попрскување се исчистени од зла совест и со тело измиено со чиста вода. |
23. | Цврсто да го држиме исповедувањето на нашата надеж, непоколебливо, зашто верен е Оној Кој ветил |
24. | и да внимаваме на тоа да се поттикнуваме еден со друг кон љубов и добри дела, |
25. | не напуштајќи ги заедничките собирања, како што некои имаат обичај, туку да се бодриме еден со друг, и тоа толку повеќе, колку што гледате дека наближува Денот! |
26. | Зашто, ако продолжиме да грешиме свесно откако го примивме познавањето на вистината, нема веќе жртва за гревови, |
27. | туку само страшно очекување на судот и жестината на огнот, што ќе ги проголта противниците. |
28. | Кога некој го прекршува Мојсеевиот Закон умира без милост, при сведоштво на двајца или тројца сведоци. |
29. | Колку построга казна, мислите, ќе заслужи оној кој Го погазил Божјиот Син и ја смета нечиста крвта на заветот, со која бил осветен, и Го навредил Духот на благодатта? |
30. | Зашто ние Го знаеме Оној Кој рече: "Одмаздата е Моја, Јас ќе возвратам!" И пак: "Господ ќе му суди на Својот народ." |
31. | Страшно е да се падне во рацете на живиот Бог. |
32. | Но спомнете си за поранешните денови, кога откако бевте просветлени, претрпевте големи страдања, |
33. | со тоа што бевте понекогаш јавно изложени на хулења и неволи, а понекогаш станувате соучесници на оние кои така страдаат. |
34. | Зашто покажавте сочувство спрема оние кои беа во окови и со радост го поднесовте разграбувањето на вашиот имот, знаејќи дека имате подобар и траен имот. |
35. | И така, не отфрлајте ја вашата доверба, која има голема награда. |
36. | Имено, вам ви е потребно трпение, па откако ќе ја исполните Божјата волја, да го добиете ветеното. |
37. | Зашто уште малку, мошне малку, и: "Оној Кој доаѓа, ќе дојде, и нема да се забави. |
38. | А Мојот праведник ќе живее по вера; а ако се повлече, на Мојата душа нема да и биде по волја." |
39. | Но ние не сме од оние кои се повлекуваат за погибел, туку од оние кои имаат вера за зачувување на душата. |
← Hebrews (10/13) → |