Galatians (5/6)  

1. Христос нè ослободи за да бидеме слободни. Според тоа, стојте цврсто и не потчинувајте му се пак на ропскиот јарем.
2. Еве, јас, Павле, ви велам: ако се обрежете, Христос никако нема да ви користи.
3. И пак му сведочам на секој човек што се обрежува, дека е должен да го исполни целиот закон.
4. Од Христос се одвоивте вие кои сакате да бидете оправдани преку законот; отпаднавте од благодатта.
5. Зашто ние, преку Духот, по вера, ја очекуваме надежта на праведноста,
6. а во Христос Исус ниту обрезанието има вредност, ниту необрезанието, туку верата која дејствува преку љубовта.
7. Трчавте добро! Кој ви попречи да не се покорувате на вистината?
8. Тоа убедување не е од Оној Кој ве повика.
9. Малку квас го потквасува целото тесто.
10. Јас сум уверен за вас во Господа, дека нема да мислите инаку. А кој ве збунува ќе претрпи осуда, кој и да е!
11. Ако пак јас, браќа, уште го проповедам обрезанието, зошто уште ме прогонуваат? Bо тој случај се укинува соблазната од крстот!
12. О, да се отсечеа оние што ве колебат!
13. Зашто вие, браќа, бевте повикани кон слобода. Само слободата да не ви биде повод за телесност, туку со љубов служете си еден на друг.
14. Зашто целиот Закон е исполнет во еден збор: "Љуби го својот ближен како самиот себе!"
15. Ако пак се гризете и јадете еден со друг, гледајте да не се истребите меѓусебе.
16. А велам: живејте по Духот и нема да ја исполнувате похотата на телото,
17. зашто телото силно го посакува спротивното на Духот, а Духот спротивното на телото, зашто тие се противат еден на друг, за да не го правите она што сакате.
18. Но, ако ве води Духот не сте под Законот.
19. А делата на телото се познати; тоа се: блудство, нечистота, бесрамност,
20. идолопоклонство, вражање, непријателства, препирки, љубомора, излив на лутина, расправии, несогласувања, делби;
21. завист, пијанство, срамни гозби и слични на овие, за кои однапред ве предупредив, како што ви реков и порано, дека оние што прават такви работи нема да го наследат Божјото царство.
22. А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, добрина, верност, кроткост, воздржливост;
23. против овие нешта нема закон.
24. А оние кои се Христови го распнаа своето тело со неговите страсти и похоти.
25. Ако живееме по Духот, и да одиме според Духот!
26. Да не бидеме полни со суетно славољубие, да не се предизвикуваме еден со друг и да не си завидуваме еден на друг!

  Galatians (5/6)