← Galatians (2/6) → |
1. | По четиринаесет години пак отидов горе во Ерусалим со Барнаба, земајќи го со себе и Тит. |
2. | А отидов горе по откровение и им го изложив Евангелието кое го навестувам меѓу неевреите, но насамо на видните, од страв да не трчам или да не сум трчал напразно. |
3. | Но ни Тит, кој беше со мене, иако Грк, не беше принуден да се обреже, |
4. | и тоа заради лажните браќа, кои се беа вовлекле за да ја душкаат нашата слобода која ја имаме во Христос Исус, за да нè поробат. |
5. | Но не им се потчинивме ни за час, за да остане со вас вистината на Евангелието. |
6. | А што се однесува до оние кои беа сметани за видни (какви и да биле некогаш, мене ми е сеедно; Бог не гледа кој е кој), тие видните ништо не ми придадоа. |
7. | Туку, напротив, кога видоа дека мене ми беше доверено Евангелието меѓу необрежаните, како што му беше на Петар меѓу обрежаните |
8. | (зашто Оној што дејствуваше во Петар за апостолство меѓу обрежаните, ме оспособи и мене за необрежаните) |
9. | и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ми ја подадоа мене и на Барнаба десната рака во знак на заедништво; за да одиме ние кај неевреите, а тие кај обрежаните; |
10. | само да си спомнуваме за бедните, што и без тоа сакав да го правам. |
11. | А кога Кифа дојде во Антиох, му се противставив в лице, зашто требаше да биде осуден. |
12. | Имено, пред да дојдат некои луѓе од Јаков, тој јадеше со неевреите, но кога дојдоа овие тој се повлече и се тргна настрана, заради страв од обрежаните. |
13. | Со него се двоеја и другите Евреи, така што нивното лицемерство го заведе и Барнаба. |
14. | Кога видов дека не одат право според вистината на Евангелието, му реков на Кифа пред сите: "Ако ти, кој си Евреин, живееш како неевреин, а не јудејски, како можеш да ги принудуваш неевреите да живеат јудејски? |
15. | Ние по раѓање сме Евреи, а не грешници од неевреите, |
16. | но бидејќи знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, туку само преку вера во Христос Исус, и ние поверувавме во Христос Исус, за да бидеме оправдани преку вера во Христос, а не преку делата на Законот; зашто од делата на Законот нема да се оправда ниту еден. |
17. | Но ако и ние самите, сакајќи да се оправдаме во Христос, се најдовме грешници, дали тогаш Христос му служи на гревот? Никако! |
18. | Зашто, ако повторно го ѕидам она што сум го разурнал, покажувам дека сум престапник; |
19. | бидејќи преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бог. |
20. | Со Христос бев распнат; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене, а животот што сега го живеам во телото, го живеам преку вера во Божјиот Син, Кој ме засака и Се предаде Себеси за мене . |
21. | Не ја поништувам Божјата благодат, зашто ако праведноста доаѓа преку Законот, тогаш Христос умре залудно. |
← Galatians (2/6) → |