Galatians (1/6) → |
1. | Павле, апостол (испратен не од луѓе, ниту со посредство на човек, туку преку Исус Христос и Бог Таткото, Кој Го воскресна од мртвите), |
2. | и сите браќа кои се со мене, до црквите во Галатија. |
3. | Благодат и мир вам од Бог, нашиот Татко и од Господ Исус Христос, |
4. | Кој се даде Себеси за нашите гревови, за да нè избави од сегашниот зол свет, по волјата на нашиот Бог и Татко, |
5. | Кому нека е слава за вечни векови. Амин! |
6. | Се чудам дека така брзо се одвраќате од Оној Кој ве повика преку Христовата благодат, и преминувате кон друго евангелие, |
7. | кое не е друго, само има некои кои ве збунуваат и сакаат да го изопачат Христовото Евангелие. |
8. | Но ако дури и ние или ангел од небото ви проповеда друго евангелие, спротивно од она што ви го проповедавме, нека биде проклет! |
9. | Како што рековме порано и сега пак велам: ако некој ви проповеда евангелие, покрај она што го примивте, нека биде проклет! |
10. | Дали сега јас барам наклонетост од луѓето или од Бог? Или, пак, настојувам да им угодам на луѓето? Ако уште би им угодувал на луѓето, немаше да бидам Христов слуга. |
11. | Но јас ве известувам, браќа, дека Евангелието кое го проповедав не е човечко, |
12. | бидејќи ниту го примив од човек ниту го научив, туку е преку откровение од Исус Христос. |
13. | Bие секако сте чуле за моето некогашно поведение во јудаизмот: колку прекумерно ја гонев Божјата црква и се обидував да ја уништам; |
14. | и во јудаизмот надминав многу свои врсници сред својот народ, имајќи крајна ревност за преданијата на моите претци. |
15. | А кога Му беше по волја на Бог, Кој ме издвои уште од утробата на мојата мајка и ме повика преку Својата благодат, |
16. | да Го открие во мене Својот Син за да Го проповедам меѓу неевреите, не се посоветував веднаш со телото и крвта, |
17. | ниту отидов горе во Ерусалим кај оние кои пред мене беа апостоли, туку отидов понатаму во Арабија и пак се вратив во Дамаск. |
18. | А три години подоцна отидов горе во Ерусалим за да го видам Петар, и останав кај него петнаесет дена. |
19. | Но не видов некој друг од апостолите, освен Јаков, Господовиот брат. |
20. | (А ова што ви го пишувам, еве пред Бог велам дека не лажам.) |
21. | Потоа дојдов во краиштата на Сирија и Киликија. |
22. | А на црквите во Јудеја, кои се во Христос, лично уште им бев непознат; |
23. | тие беа само слушале: "Оној кој некогаш нè прогонуваше, сега ја проповеда верата која некогаш ја разурнуваше." |
24. | И го славеа Бог заради мене. |
Galatians (1/6) → |