| ← Exodus (38/40) → |
| 1. | И направи од дрвото ситим жртвеник за жртви сепаленици; пет лакти долг и пет лакти широк, четириаголен, три лакти висок, и ги опкова со бакар; |
| 2. | а направи и рогови на неговите четири агли, така што роговите да излегуваат од него, и го опкова со бакар. |
| 3. | И ги направи сите садови за жртвеникот: котлиња, кадилниците, чашките и вилушките, и клештите; сите потреби му ги направи од бакар. |
| 4. | а на жртвеникот му направи решетка од бакар како мрежа на дното, од дното па до средината наоколу; |
| 5. | и излеа четири алки за четирите агли на решетката од бакар, за да се провлечат низ нив лостови за носење. |
| 6. | А лостовите ги направи од дрвото ситим и ги опкова со бакар. |
| 7. | Па ги провлече лостовите низ алките од обете страни на жртвеникот, за да може да се носи; од штици го направи, празен одвнатре. |
| 8. | Направи и мијалник од бакар и подножје од бакар со убави шарки, кои го красеа влезот на скинијата на сведоштвото. |
| 9. | И двор направи од јужната страна, а завесите му беа од ткаен висон, по сто лакти долги; |
| 10. | дваесет столбови за нив, и дваесет подножја под нив од бакар; а кукичките за столбовите и лостовите беа од сребро. |
| 11. | Така и од северната страна, сто на сто лакти; столбови за нив дваесет и подножја под нив од бакар дваесет; а и кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро. |
| 12. | А од западната страна завеси од педесет лакти: десет столбови за нив, и подножја - десет; кукичките за столбовите и лостовите нивни од сребро; |
| 13. | и од источната страна, завеси од педесет лакти. |
| 14. | За западната страна на вратата завеси од петнаесет лакти, три столбови за нив и три подножја под нив; |
| 15. | и за другата задна страна (отаде и одовде на вратата однадвор) завеси од петнаесет лакти, три столба за нив, и подножја под нив - три. |
| 16. | Сите завеси на дворот наоколу беа од ткаен висон. |
| 17. | а подножјата од столбовите - од бакар, кукичките за столбовите и лостовите на нив - од сребро; и врвовите нивни беа со сребро обложени; и сите столбови на дворот беа со сребро поврзани. |
| 18. | А завесата на вратата од дворот - везена - од сина, црвена и темноцрвена ткаенина и од ткаен висон, долга дваесет лакти, а во висина по ширината пет лакти, како и другите завеси во дворот; |
| 19. | и четири столба за нив, и четири подножја под нив од бакар; кукичките им беа од сребро, а врвовите нивни посребрени. |
| 20. | Сите колчиња околу скинијата и дворот беа од бакар. |
| 21. | Ете, тоа се изработките за скинијата на сведоштвото, направени по заповедта на Мојсеја за левитите а под надзор на свештеникот Итамара, син на Арона. |
| 22. | А се‘ она како што му заповеда Господ на Мојсеја, го направи Веселеил, син на Урија, синот Оров, од племето Јудино. |
| 23. | И со него Елијав, синот Ахисамахов, од племето Даново, резбар, вешт ткајач и везач на порфирна ткаенина сина, црвена и темноцрвена и на ткаен висон. |
| 24. | Сето злато, што беше употребено за сите потреби на светилиштето, злато, принесено на дар, беше дваесет и девет таланти и седумстотини и триесет сикли, свештени сикли; |
| 25. | а среброто преброено од дародавците - сто таланти и иљада седумстотини седумдесет и пет сикли, свештени сикли. |
| 26. | По половина сикла од човек, пресметано според свештената сикла, од секој што доа а на пребројување, од дваесет години и нагоре, од шестотини и три иљади и петстотини и педесет души. |
| 27. | Сто таланти сребро беа употребени за лиење на подножјата за светилиштето и подножјата за завесите; сто подножја од сто таланти, по талант на подножје; |
| 28. | а од иљада и седумстотини и седумдесет и петте сикли тој направи кукички за столбовите и опков за врвовите нивни, а направи и лостови за нив. |
| 29. | А од принесениот дар во бакар имаше седумдесет таланти, и две иљади и четиристотини сикли; |
| 30. | и од него ги направи тој подножјата за влезот во скинијата на сведоштвото, и жртвеникот од бакар како и решетката од бакар за него, и сите садови за жртвеникот; |
| 31. | подножјата за целиот двор наоколу, подножјата за вратата на дворот, и сите колчиња за скинијата и сите колчиња за дворот наоколу. |
| ← Exodus (38/40) → |