← Ephesians (5/6) → |
1. | И така, угледајте се на Бог, како мили чеда, |
2. | и живејте во љубов, како што и Христос ве засака вас и Се предаде Себеси за нас, како принос и жртва на Бог, за благопријатен мирис. |
3. | А блудство и секаква нечистотија или лакомост, да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на светиите! |
4. | Ниту срамни и празни зборови, ниту непристојни шеги, туку подобро благодарности! |
5. | Зашто, знајте го ова: ниеден блудник, ниеден нечист, ниеден алчник - кој е идолопоклоник - нема наследство во царството на Христос и Бог! |
6. | Никој да не ве мами со празни зборови, зашто заради тие нешта доаѓа Божјиот гнев врз синовите на непокорноста. |
7. | И така, не станувајте нивни соучесници! |
8. | Зашто некогаш бевте темнина, но сега сте светлина во Господ; живејте како деца на светлината |
9. | (зашто плодот на светлината се состои во секаква добрина, праведност и вистина!) |
10. | и испитувајте што Му е по волја на Господ! |
11. | И не бидете соучесници во бесплодните дела на темнината, туку изобличувајте ги, |
12. | зашто срамно е и да се зборува за она што тие го вршат скришно. |
13. | А сè станува јавно преку светлината, зашто сè што станува јавно, светлина е. |
14. | Затоа се вели: "Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите и Христос ќе те осветли!" |
15. | И затоа, внимавајте грижливо како живеете! Не како немудри, туку како мудри, |
16. | исползувајќи го времето, зашто дните се зли! |
17. | Па така, не бидете неразумни, туку разберете каква е Господовата волја! |
18. | И не опивајте се со вино во кое е разузданоста, туку исполнувајте се со Духот, |
19. | зборувајќи си со псалми, химни и духовни песни, пеејќи Му на Господ и воспевајќи Го во своето срце! |
20. | Благодарете Му секогаш за сè на Бог Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос! |
21. | Покорувајте се еден на друг со страхопочит кон Христос! |
22. | Жените да им се покоруваат на своите мажи, како на Господ, |
23. | зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на црквата, а Тој е Спасителот на телото! |
24. | И како што црквата Му се покорува на Христос, така да им бидат и жените покорни во сè на своите мажи. |
25. | Мажи, љубете ги своите жени, како што и Христос ја засака црквата и се предаде Сам Себеси за неа, |
26. | за да ја освети, исчистувајќи ја преку водно капење со словото, |
27. | и да ја претстави пред Себе црквата во сета нејзина слава, без дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна. |
28. | Така и мажите се должни да ги љубат своите жени како своите сопствени тела. Кој ја љуби својата жена, се љуби себеси. |
29. | Зашто никој никогаш не го намразил своето тело, туку го храни и негува како и Христос црквата, |
30. | зашто ние сме органи на Неговото тело. |
31. | "Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи кон својата жена, и двајцата ќе станат едно тело." |
32. | Оваа тајна е голема, а јас зборувам за Христос и црквата. |
33. | И така, секој од вас да ја љуби својата жена како себеси, а жената да го почитува својот маж. |
← Ephesians (5/6) → |