← Ephesians (4/6) → |
1. | Затоа, ве молам, јас, затвореник на Господ, да живеете достојно за призванието во кое сте повикани, |
2. | со сета понизност, кроткост и со трпеливост, поднесувајќи се едни со други во љубов! |
3. | Настојувајте да го запазите единството на Духот во врската на мирот. |
4. | Постои едно тело и еден Дух, како што бевте и вие повикани во една надеж на вашето призвание; |
5. | еден Господ, една вера, едно крштавање, |
6. | еден Бог и Татко на сите, Кој е над сите, преку сите и во сите. |
7. | А секому од нас му е дадена благодат според мерата на Христовиот дар. |
8. | Затоа се вели: "Кога се вознесе, поведе робје; а на луѓето им даде дарови." |
9. | (А "се вознесе" - што значи друго, освен дека исто така слегол во долните предели на земјата? |
10. | Тој што слезе, тоа е Оној истиот Кој се вознесе над сите небеса, за да исполни сè.) |
11. | И Тој даде едни за апостоли, а други за пророци; едни за евангелисти, а други за пастири и учители, |
12. | за да се усовршат светиите за делото на службата, за изградување на Христовото тело, |
13. | сè додека сите не дојдеме до единство во верата и познавањето на Божјиот Син, до зрелиот човек, до мерата на растот на Христовата полнота. |
14. | Затоа да не бидеме веќе деца, фрлани натаму-наваму од бранови и носени од ветровите на некое учење, со човечка измама и лукавство, со итро измислени заблуди; |
15. | туку, говорејќи ја вистината во љубов, ние треба да растеме во сè - кон Оној Кој е главата, Христос. |
16. | Од Него, целото тело е поврзано и соединето во едно, на тој начин што секоја врска дава поткрепа според соодветно дејствување на секој одделен дел; тоа прави телото да расте за својата сопствена надградба во љубов. |
17. | Затоа ова го велам и сведочам во Господ, да не живеете веќе како што живеат неевреите во суетата на својот ум, |
18. | помрачени во својот разум, исклучени од Божјиот живот, заради незнаењето кое е во нив, заради закоравеноста на нивното срце. |
19. | Откако станаа бесчувствени, се предадоа себеси на сладострастие, за ненаситно да вршат секаква нечистота. |
20. | А вие не Го познавте така Христос, |
21. | ако навистина сте Го чуле и ако сте во Него поучени онака како што е вистината во Исус, |
22. | та во однос на своето поранешно поведение да го соблечете од себе стариот човек, кој пропаѓа според измамливите похоти, |
23. | и да се обновувате во духот на својот ум, |
24. | и бидете облечени во новиот човек, кој според Бог е создаден во вистинска праведност и светост. |
25. | Затоа отфрлете ја лагата и зборувајте вистина секој со својот ближен, зашто сме органи едни на други! |
26. | Гневете се, но не грешете! Сонцето да не зајде во вашиот гнев, |
27. | и не давајте му место на ѓаволот! |
28. | Кој крадел, да не краде веќе, туку подобро да се труди и да го работи со своите раце она што е добро, за да може да му дава на оној што има потреба! |
29. | Никаков лош збор да не излегува од вашата уста, туку само полезен за изградување, каде што е потребно, за да им даде благодат на слушателите. |
30. | И не жалостете Го Светиот Дух, со Кој сте запечатени за денот на избавувањето! |
31. | Секоја горчина, гнев, јарост, викање и хулење да бидат отстранети од вас, заедно со секаква злоба. |
32. | Бидете љубезни еден кон друг, чувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости вам во Христос. |
← Ephesians (4/6) → |