← Acts (9/28) → |
1. | А Савле, сè уште исполнет со закани и убиства против Господовите ученици, отиде при врховниот свештеник, |
2. | и измоли од него писма до синагогите во Дамаск; ако најде таму некои следбеници на овој Пат, мажи и жени, да ги доведе врзани во Ерусалим. |
3. | Кога патувајќи се приближи до Дамаск, одненадеж го осветли светлина од небото; |
4. | падна на земјата и чу глас, кој му рече: "Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш?" |
5. | А тој праша: "Кој си Ти, Господине?" А Тој рече: "Јас Сум Исус, Кого ти Го прогонуваш!" |
6. | "Стани и влези во градот, та ќе ти се каже што треба да правиш!" |
7. | А оние што го придружуваа стоеја неми, зашто го чуја гласот, а не видоа никого. |
8. | Савле стана од земјата. Иако очите му беа отворени, не гледаше ништо. Тогаш го фатија за рака и го доведоа во Дамаск. |
9. | И беше слеп три дни; и не јадеше, ниту пиеше. |
10. | А во Дамаск постоеше еден ученик, по име Ананиј, и Господ му се јави во видение: "Ананиј!" А тој изусти: "Еве ме, Господи!" |
11. | А Господ му рече: "Стани и оди во улицата што се вика 'Права', во куќата на Јуда и побарај го човекот од Тарс, наречен Савле, зашто, ете, тој се моли." |
12. | И виде во видение човек по име Ананиј, како влегува кај него и ги полага рацете на него за да прогледа." |
13. | Ананиј одговори: "Господи, чув од мнозина за тој човек, колку зло им направил на Твоите светии во Ерусалим. |
14. | А тука има власт од првосвештениците да ги врзе сите оние кои го повикуваат Твоето име." |
15. | А Господ му рече: "Оди, зашто тој човек е Мој избран сад, за да го изнесе Моето име пред нееврејските народи, пред цареви и пред синовите на Израел. |
16. | Јас ќе му покажам колку треба да пропати поради Моето име." |
17. | Ананиј отиде, влезе во куќата и откако ги положи рацете на него, рече: "Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави на патот по кој доаѓаше, ме испрати за да прогледаш и да се исполниш со Светиот Дух." |
18. | И веднаш од неговите очи падна нешто како лушпи и тој прогледа; стана и беше крстен; |
19. | и откако се најаде, закрепна. Неколку дена Савле помина со учениците што беа во Дамаск. |
20. | И веднаш почна да Го навестува Христос по синагогите, велејќи дека Тој е Божјиот Син. |
21. | А сите што го слушаа се восхитуваа и велеа: "Не е ли овој, оној кој во Ерусалим ги истребуваше оние кои го изговараа ова Име, и зар не дојде ваму за да ги поведе врзани пред првосвештениците?" |
22. | Но Савле беше сè посилен и ги збунуваше Евреите, кои живееја во Дамаск, докажувајќи дека Овој е Христос. |
23. | И откако изминаа многу денови, Евреите сковаа заговор да го убијат. |
24. | Но Павле дозна за тој нивни заговор. А тие ги демнеа градските порти и дење и ноќе, за да го убијат. |
25. | Но учениците го зедоа и во кошница го префрлија ноќе преку ѕидот. |
26. | А кога дојде во Ерусалим, се обидуваше да им се придружи на учениците, но сите се плашеа од него, зашто не веруваа дека е ученик. |
27. | Тогаш Барнаба го зеде и го одведе кај апостолите, им раскажа дека на патот Го видел Господ, дека Му зборувал и дека во Дамаск проповедал смело во Исусовото име. |
28. | И со нив слободно се движеше во Ерусалим, |
29. | говорејќи смело во името на Господ. Тој зборуваше и се препираше со хеленистите, а тие настојуваа да го убијат. |
30. | А кога браќата дознаа за тоа, го одведоа во Цезареја, и оттаму го испратија во Тарс. |
31. | И така, низ цела Јудеја, Галилеја и Самарија за црквата настапи мир; се надградуваше, живееше во страхопочит спрема Господа и продолжуваше да расте во утехата на Светиот Дух. |
32. | А кога Петар ги обиколуваше тие места, дојде и кај светиите, кои живееја во Лида. |
33. | Таму најде еден човек, по име Енеј, кој лежеше осум години парализиран в постела. |
34. | И Петар му рече: "Енеј, Исус Христос те исцели; стани и опаши се!" И тој веднаш стана. |
35. | И го видоа сите жители во Лида и во Шарон, и Му се обратија на Господа. |
36. | А во Јопа имаше една ученичка по име Табита (што преведено значи Срна). Таа беше полна со добри дела и со милостини, што ги правеше. |
37. | Bо тие денови се разболе и умре. Ја избањаа и ја ставија во горната соба. |
38. | А бидејќи Лида е близу до Јопа, учениците чуја дека Петар е таму и испратија кај него двајца мажи, кои го молеа: "Не забавај се со доаѓањето кај нас!" |
39. | А Петар стана и тргна со нив. Кога дојде, го одведоа во горната соба и му пристапија сите вдовици лелекајќи и покажувајќи му ги туниките и облеките, што ги правеше Срна додека беше со нив. |
40. | А Петар ги истера сите надвор, клекна на колена, се помоли и се сврте кон мртвото тело, па рече: "Табита, стани!" А таа ги отвори очите, и кога го виде Петар седна. |
41. | Тој, пак, и ја подаде раката и ја поткрена. Потоа ги викна светиите и вдовиците и им ја покажа жива. |
42. | Тоа се разгласи по сета Јопа и мнозина поверуваа во Господ. |
43. | Тој пак остана многу денови во Јопа, кај некојси кожар Симон. |
← Acts (9/28) → |