← Acts (7/28) → |
1. | Тогаш врховниот свештеник праша: "Точно ли е тоа?" |
2. | А тој рече: "Луѓе, браќа и татковци, чујте! Бог на славата му се јави на нашиот татко Авраам, кога престојуваше во Месопотамија, пред да се насели во Харан, |
3. | и му рече: 'Излези од својата земја и својот род и појди во земјата што ќе ти ја покажам!' |
4. | Тогаш тој излезе од Халдејската земја и се насели во Харан. Оттаму, по смртта на татко му, Бог го пресели во оваа земја, во којашто живеете сега. |
5. | Но не му даде наследство во неа ниту една педа земја, туку му вети, додека уште немаше дете, дека ќе им даде наследство нему и на неговото поколение. |
6. | Имено, Бог му рече дека неговите потомци ќе бидат доселеници во туѓа земја и ќе бидат поробени и мачени четиристотини години. |
7. | 'Но, Јас ќе му судам на народот на кој ќе му робуваат', рече Бог. 'А потоа ќе излезат и ќе Ми служат на ова место.' |
8. | И му го даде Заветот на обрежувањето; и така на Авраам му се роди Исак и го обрежа на осмиот ден, а на Исак му се роди Јаков; а на Јаков - дванаесетте патријарси." |
9. | "А патријарсите му завидоа на Јосиф и го продадоа во Египет, но Бог беше со него, |
10. | и го избави од сите негови неволи и му даде благонаклоност и мудрост пред фараонот, египетскиот цар, кој го постави за управител на Египет и над целиот свој дом. |
11. | Тогаш настана глад и голема беда во целиот Египет и Ханаан, та нашите татковци не можеа да најдат храна. |
12. | А кога Јаков чу дека има жито во Египет, првпат ги испрати таму нашите татковци. |
13. | Кога дојдоа вторпат, Јосиф им се откри на своите браќа, а фараонот дозна за Јосифовото потекло. |
14. | Тогаш Јосиф испрати и го повика татка си Јаков и целиот род - седумдесет и пет души. |
15. | И така Јаков слезе во Египет, каде што починаа тој и нашите татковци. |
16. | И го пренесоа во Сихем и го положија во гробот што Авраам го беше купил за сребро во Сихем, од Еморовите синови." |
17. | "Колку повеќе се приближуваше времето на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраам, толку повеќе народот се зголемуваше и се намножи во Египет, |
18. | додека таму не завладеа нов цар, кој не знаеше за Јосиф. |
19. | Тој лошо постапуваше со нашиот народ, ги измачуваше нашите татковци, принудувајќи ги да ги напуштаат своите доенчиња, за да не останат живи. |
20. | Bо тоа време се роди Мојсеј, кој му беше мил на Бог. Три месеци го одгледуваа во татковиот дом, |
21. | а кога го напуштија, го зеде фараоновата ќерка и си го одгледа како син. |
22. | И Мојсеј ја изучи целата египетска мудрост и беше силен во своите зборови и дела. |
23. | А кога наполни четириесет години науми да ги посети своите браќа - синовите на Израел. |
24. | И кога виде како еден неправедно страда, го одбрани и го одмазди маченикот, убивајќи го Египќанецот; |
25. | мислејќи дека неговите браќа ќе сфатат дека Бог, преку неговата рака, им дава избавување, но тие не сфатија. |
26. | А идниот ден дојде меѓу нив додека се тепаа и се обиде да ги смири, велејќи: 'Луѓе, вие сте браќа! Зошто меѓусебно се повредувате?' |
27. | Но оној, кој го удираше својот ближен, го турна и рече: 'Кој те постави тебе за началник и за судија над нас? |
28. | Сакаш ли и мене да ме убиеш како што го уби Египќанецот вчера?' |
29. | Поради овие зборови, Мојсеј избега и живееше како доселеник во Медиската земја, каде што му се родија два сина. |
30. | Кога поминаа четириесет години, му се јави ангел во пустината на Синајската Гора, во пламенот од еден трнов џбун. |
31. | Кога Мојсеј го виде тоа, се зачуди на глетката, а додека се приближуваше, за да види одблизу, се чу Господовиот глас |
32. | 'Јас Сум Богот на твоите татковци: Богот на Авраам, Исак и Јаков.' Мојсеј се стаписа и не се осмели да погледне. |
33. | Тогаш Господ му рече: 'Собуј ги сандалите од нозете, зашто местото на кое стоиш е света земја! |
34. | Навистина го видов измачувањето на Мојот народ во Египет, го чув неговото воздивнување и слегов да го избавам. А сега дојди да те испратам во Египет!' |
35. | Тој Мојсеј, од кого се откажаа со зборовите: 'Кој те постави тебе за началник и за судија?' - Бог го испрати, преку ангелот, кој му се јави во трновиот џбун, за началник и за избавител. |
36. | Тој ги изведе правејќи чуда и знаци во Египет, во Црвеното Море и во пустината четириесет години. |
37. | Тоа е Мојсеј, кој им рече на синовите на Израел: "Бог ќе издигне меѓу вашите браќа пророк како мене." |
38. | Тоа е оној, кој во заедницата во пустината, беше со ангелот кој му зборуваше на Синајската Гора, и со нашите татковци; оној кој ги прими живите зборови, за да ни ги предаде нам. |
39. | Нашите татковци не сакаа да го послушаат, го отфрлија и се свртеа со срцето кон Египет, |
40. | зборувајќи му на Арон: 'Создај ни богови кои ќе одат пред нас, зашто не знаеме што стана со Мојсеј, кој нè изведе од Египет!' |
41. | И во тие денови изработија теле и му принесоа жртва на идолот и се веселеа пред делото на своите раце. |
42. | Тогаш Бог се сврте од нив и ги предаде да Му служат на небесното воинство, како што е напишано во Книгата на Пророците: 'Доме Израелов, Мене ли Ми принесувавте заклани животни и жртви четириесет години во пустината? |
43. | Ги носевте Молоховиот шатор и ѕвездата на богот Ромфа, кипови што ги направивте, за да им се поклонувате. Затоа ќе ве преселам подалеку од Bавилон!' |
44. | Нашите татковци го имаа со себе Шаторот на сведоштвото во пустината, како што Оној Кој му зборуваше на Мојсеј му заповеда да го направи според примерокот што го видел. |
45. | Нашите татковци го примија и го внесоа со Јошуа, кога ја зазедоа земјата на другите народи, кои Бог ги протера пред нашите татковци, и така беше сè до времето на Давид. |
46. | Овој најде милост пред Бог, и затоа измоли да Му најде живеалиште на Јакововиот Бог. |
47. | А Соломон Му изгради Дом. |
48. | Но Севишниот не живее во ракотворни храмови, како што вели пророкот: |
49. | 'Небото Ми е престол, а земјата е подношка на Моите нозе. Каков дом ќе ми изградите', говори Господ, 'или какво ќе биде местото за моја починка? |
50. | Не го направи ли сèто тоа Мојата рака?' |
51. | О, тврдоглави, со необрежани срца и уши! Bие секогаш Му се противите на Светиот Дух, како вашите татковци така и вие! |
52. | Кого од пророците не го гонеа вашите татковци? И ги убија оние, кои однапред го навестуваа доаѓањето на Праведникот, чии предавници и убијци сега станавте вие, |
53. | вие, кои го примивте законот како заповед од ангели - и не го запазивте." |
54. | Кога го чуја тоа, ги засегна во срцата и чкртаа со забите на него. |
55. | А тој, полн со Светиот Дух, гледајќи втренчено кон небото, ја виде Божјата Слава и Исус како Му стои оддесно на Бог, |
56. | и рече: "Еве, ги гледам отворени небесата и Синот Човечки како Му стои оддесно на Бог." |
57. | Тогаш извикаа со силен глас, си ги затнаа ушите и се нафрлија еднодушно врз него. |
58. | И кога го исфрлија од градот, фрлаа камења на него. А сведоците ги оставија своите облеки до нозете на едно момче, кое се викаше Савле. |
59. | И фрлаа камења на Стефан, кој викаше, велејќи: "Господи Исусе, прими го мојот дух!" |
60. | Тогаш падна на колена и извика со силен глас: "Господи, не пишувај им го ова за грев!" И кога го рече тоа - почина. |
← Acts (7/28) → |