← Acts (5/28) → |
1. | А еден човек по име Ананиј, со својата жена Сапфира, продаде еден имот |
2. | и задржа од парите со знаење на жената, а донесе еден дел и го стави пред нозете на апостолите. |
3. | Но, Петар му рече: "Ананиј, зошто сатаната го исполни твоето срце да Го измамиш Светиот Дух и да задржиш дел од парите од продадената нива? |
4. | Не беше ли твоја додека не беше продадена? И кога ја продаде, не беше ли во твоја власт? Зошто го науми тоа дело во своето срце? Ти не ги измами луѓето, туку Бог! " |
5. | Кога Ананиј ги чу зборовите, падна и издивна. И голем страв ги обзеде сите, кои чуја за тоа. |
6. | А помладите станаа, го обвија, го изнесоа и го погребаа. |
7. | А кога поминаа околу три часа, влезе и неговата жена, не знаејќи што станало. |
8. | И Петар ја праша: "Кажи ми дали за толку ја продадовте нивата?" И таа рече: "Да, за толку." |
9. | А Петар и рече: "Зошто се согласивте да Го искушувате Господовиот Дух? Еве! Bеќе пред врата се нозете на оние, кои го погребаа твојот маж, тие ќе те изнесат и тебе!" |
10. | И веднаш падна до неговите нозе и издивна. А кога момчињата влегоа, ја најдоа мртва; ја изнесоа и ја погребаа покрај нејзиниот маж. |
11. | И голем страв ја опфати целата црква и сите кои го чуја тоа. |
12. | А преку рацете на апостолите се случуваа многу знаци и чуда кај народот, и сите беа еднодушни во Соломоновиот трем. |
13. | Од другите пак, никој не се осмелуваше да им се приклучи, меѓутоа народот ги почитуваше многу. |
14. | А сè повеќе верници во Господ, мажи и жени, се приклучуваа, |
15. | така што изнесуваа болни на улиците и ги полагаа на постели и носилки, за кога ќе помине Петар, барем неговата сенка да падне на некого од нив. |
16. | Се собираа во Ерусалим и мнозина од околните градови и носеа болни и измачувани од нечисти духови. И сите се исцелуваа. |
17. | Тогаш се подигна врховниот свештеник и сите што беа со него, всушност садукејската секта, се исполнија со завист, |
18. | ги фатија апостолите и ги фрлија во јавната зандана. |
19. | Но во ноќта, Господов ангел ги отвори вратите на занданата, ги изведе и им рече: |
20. | "Одете, застанете во Храмот и говорете му ја на народот целата порака за овој Живот!" |
21. | Штом тие го слушнаа тоа, апостолите влегоа во Храмот пред разденување и поучуваа. А кога дојдоа врховниот свештеник и оние што беа со него, го свикаа Советот и сите старешини на синовите на Израел, и јавија во занданата да ги доведат. |
22. | А кога служителите дојдоа, не ги најдоа во занданата, се вратија и известија: |
23. | "Ја најдовме занданата заклучена и добро обезбедена, и стражарите како стојат пред вратата; но кога ја отворивме - внатре не најдовме никого." |
24. | Кога ги чуја овие зборови, првосвештениците и заповедникот на храмската стража беа во недоумение, прашувајќи се што би можело тоа да значи! |
25. | Но некој дојде и им јави: "Ене ги мажите што ги затворивте во занданата, стојат во Храмот и го поучуваат народот." |
26. | Тогаш заповедникот и служителите отидоа и ги доведоа, но не со сила (зашто се плашеа да не ги каменува народот). |
27. | И кога ги доведоа, ги поставија пред Советот, а врховниот свештеник ги праша: |
28. | "Зар не ви забранивме строго да не го продолжите поучувањето во тоа име? А еве, вие го исполнивте Ерусалим со своето учење и сакате да ја фрлите крвта на Тој Човек врз нас." |
29. | А Петар и апостолите одговорија и рекоа: "Треба да Го слушаме Бог, а не луѓето. |
30. | Богот на нашите татковци Го воскресна Исуса, Кого вие Го обесивте на дрво. |
31. | Бог Го возвиши Него за Управител и Спасител на Својата десна страна, за да му даде покајание на Израел и проштавање на гревовите. |
32. | Сведоци за тоа сме ние и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, кои Му се покоруваат." |
33. | Кога го слушнаа тоа, ги засегна и се договорија да ги убијат, |
34. | но тогаш, во Советот стана еден фарисеј по име Гамалиел, учител по Законот, почитуван од целиот народ, и заповеда да ги изведат луѓето за кратко надвор; |
35. | па им рече: "Мажи, Израелци! Помислете добро што ќе им направите на овие луѓе! |
36. | Зашто, пред некое време се крена Тевда, кој тврдеше за себе дека е некој, и кон него се приклучија околу четиристотини луѓе. Тој беше убиен, а сите што го слушаа се раштркаа и беа уништени. |
37. | По него, за време на пописот на населението, се крена Јуда од Галилеја и повлече многу народ по себе. И тој загина, а сите што го слушаа се раштркаа. |
38. | А во овој случај ви велам: оставете ги овие луѓе и пуштете ги! Зашто, ако овие замисли или овие дела се од луѓе - ќе пропаднат; |
39. | но, ако се од Бог, не ќе можете да ги уништите; внимавајте, да не станете борци против Бог!" |
40. | Тогаш го послушаа и ги повикаа апостолите, ги тепаа, им забранија да зборуваат за Исусовото име и ги пуштија. |
41. | Тие, пак, си заминаа од Советот со радост, зашто беа удостоени да претрпат понижување заради Неговото име. |
42. | И така, не престанаа секој ден да поучуваат и да проповедаат во Храмот и по куќите дека Исус е Христос. |
← Acts (5/28) → |