← Acts (4/28) → |
1. | Додека тие уште му зборуваа на народот, им пристапија свештениците, управителот на Храмот и садукеите, |
2. | вознемирени многу поради тоа што го поучуваа народот и навестуваа воскресение на мртвите во Исус. |
3. | И ставија раце врз нив и ги фрлија во зандана, до следниот ден, зашто веќе беше вечер. |
4. | А мнозина од оние кои го чуја словото поверуваа, така што бројот на мажите се зголеми до пет илјади. |
5. | Утредента се собраа во Ерусалим нивните началници, старешини, законици |
6. | и врховниот свештеник Ана, Кајафа, Јован и Александар, и колку што ги имаше од првосвештеничкиот род. |
7. | И кога ги поставија на средина, ги прашуваа: "Со каква сила, или во чие име го направивте тоа?" |
8. | Тогаш Петар, исполнет со Светиот Дух, им рече: "Народни управители и старешини! |
9. | Ако денес нè испитувате за доброто дело направено на еден болен, од што тој беше исцелен, |
10. | тогаш да знаете сите вие и сиот израелски народ, дека во името на Исус Христос од Назарет, кого вие Го распнавте, а Кого Бог Го воскресна од мртвите, преку Него овој човек стои здрав пред вас. |
11. | Тој е каменот што вие, ѕидарите, го отфрливте, а кој стана камен темелник. |
12. | Нема спасение во никој друг, ниту има друго име под небото дадено на луѓето, преку кое мора да бидеме спасени." |
13. | Кога ја видоа смелоста на Петар и Јован, и кога забележаа дека се неписмени и неуки луѓе, се чудеа; а ги препознаа дека беа со Исус, |
14. | но гледајќи го исцелениот човек, како стои со нив, немаа што да им приговорат. |
15. | Но откако им наредија да излезат од Големиот совет, почнаа да се советуваат меѓу себе, велејќи: |
16. | "Што да правиме со овие луѓе? Зашто на сите жители на Ерусалим им е познато дека значајно чудо се јави преку нив, а ние не можеме да го порекнеме! |
17. | Но за да не се разгласува понатаму меѓу народот, да им се заканиме да не му зборуваат веќе никому во тоа име!" |
18. | Тогаш ги повикаа внатре и им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту да поучуваат во Исусовото име. |
19. | Но, Петар и Јован одговорија, велејќи им: "Справедливо ли е пред Бога, да ве слушаме вас повеќе отколку Него? Сами пресудете! |
20. | Зашто, ние не можеме да не зборуваме за она што го видовме и чувме." |
21. | И бидејќи не најдоа пат и начин како да ги казнат, им се заканија уште еднаш и ги пуштија поради народот, зашто сите Го славеа Бог за она што се случи. |
22. | Човекот, над кого се случи ова чудо на исцелување, имаше повеќе од четириесет години. |
23. | Штом беа пуштени на слобода, дојдоа при своите и им кажаа сè што им рекоа првосвештениците и старешините. |
24. | А тие, кога го чуја тоа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бог и рекоа: "Господаре, Ти си Оној Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што се наоѓа во нив! |
25. | Ти, преку Светиот Дух, со устата на Својот слуга Давид рече: 'Зошто се бунтуваат народите, и зошто племињата размислуваат за празни нешта? |
26. | Се дигнаа земните цареви, а владетелите се здружија против Господ и против Неговиот Христос.' |
27. | Навистина се здружија во овој град Ирод и Понтиј Пилат, заедно со народите и со израелскиот народ, против Твојот свет Слуга Исус, Кого Го помаза, |
28. | за да го направат она што Твојата рака и Твојата волја однапред определиле да се збидне. |
29. | А сега, Господи, погледни на нивните закани, и дај им на Твоите слуги да го навестуваат Твоето слово сосема смело, |
30. | протегнувајќи ја при тоа Твојата рака, за да се случуваат исцелувања, знаци и чуда, преку името на Твојот свет Слуга Исус!" |
31. | А кога се помолија, се затресе местото каде што беа собрани. И сите се исполнија со Светиот Дух и смело го навестуваа Божјото слово. |
32. | А народот кој поверува имаше едно срце и една душа, и никој не велеше дека нешто од неговиот имот е негово, туку сè им беше заедничко. |
33. | Апостолите сведочеа со голема сила за воскресението на Господ Исус и изобилна благодат имаше над сите нив. |
34. | И никој меѓу нив не беше во скудност, зашто сите кои имаа ниви и куќи ги продаваа, а добивката од продаденото ја донесуваа и ја ставаа пред нозете на апостолите. |
35. | И секому му се даваше колку што му беше потребно. |
36. | А Јосиф, кого апостолите го нарекоа Барнаба (што значи син на утехата), левит, родум од Кипар, |
37. | имаше нива, што ја продаде, а добиеното го донесе и го стави пред нозете на апостолите. |
← Acts (4/28) → |