← Acts (3/28) → |
1. | Петар и Јован одеа кон Храмот во деветтиот молитвен час. |
2. | Тогаш донесоа еден човек, сакат од раѓањето. Него го поставуваа секој ден пред портата на Храмот, наречена Красна, за да проси милостина од оние што влегуваа во Храмот. |
3. | Штом ги виде Петар и Јован кога сакаа да влезат во Храмот, запроси да му дадат милостина. |
4. | А Петар, како и Јован, се загледа во него и му рече: "Погледај нè!" |
5. | А тој обрна внимание на нив, очекувајќи да добие нешто. |
6. | Но Петар му рече: "Немам ни сребро ни злато, а што имам, тоа ти давам: во името на Исус Христос Назареќанецот, оди!" |
7. | Тогаш го фати за десната рака и го исправи, а нему веднаш му зацврснаа стапалата и глуждовите, па |
8. | скокна, се исправи и прооде; и влезе со нив во Храмот, скокајќи и фалејќи Го Бог. |
9. | Така, целиот народ го виде како оди и како Го фали Бог. |
10. | И го препознаа дека тоа е оној што седеше пред Красната Порта на Храмот заради милостина, тики се исполнија со восхит и беа вон себеси поради тоа што му се случи. |
11. | Бидејќи тој не се одделуваше од Петар и Јован, восхитениот народ се собра околу нив во тремот наречен Соломонов. |
12. | А кога Петар го виде тоа, му се обрати на народот: "Мажи Израелци, зошто се чудите на ова или зошто гледате на нас, небаре ние со своја сила или побожност направивме овој да оди? |
13. | Богот на Авраам, Исак и Јаков, Богот на нашите татковци, Го прослави својот Слуга Исус, Кого вие Го предадовте и од Кого се откажавте пред Пилат, кога тој реши да Го ослободи. |
14. | Bие се откажавте од Светецот и Праведникот, и молевте да ви биде ослободен еден убиец, |
15. | а Го убивте Творецот на животот, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што ние сме сведоци. |
16. | И врз основа на верата во Неговото име, овој кого го гледате и познавате го зацврсти Неговото име. А верата до која доаѓаме преку Него, му даде целосно здравје пред сите вас. |
17. | А сега, браќа, знам дека вие како и вашите началници, го направивте тоа од незнаење. |
18. | Но, Бог на тој начин го исполни тоа што го навестуваше однапред, преку устата на сите пророци: дека Неговиот Христос ќе пострада. |
19. | Затоа, покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, та од Господовото присуство да дојдат времиња на освежување, |
20. | и да Го испрати Исус, Претскажаниот за вас Христос, |
21. | Кого небото треба да Го прими до времето кога ќе биде обновено сè, за кое Бог зборуваше од дамнина преку устата на Своите свети пророци. |
22. | Зашто Мојсеј беше рекол: 'Господ Бог ќе ви издигне од вашите браќа Пророк како мене, бидете Му послушни во сè што ќе ви рече! |
23. | А секоја душа, која не ќе Го послуша тој Пророк, ќе биде истребена од народот.' |
24. | А и сите пророци од Самоил па натаму, кои зборуваа, ги навестуваа овие денови. |
25. | Bие сте синови на пророците и на Заветот што Бог го склучи со вашите татковци кога му рече на Авраам: 'Bо твоето Семе ќе бидат благословени сите племиња на земјата.' |
26. | Бог првин вам ви Го подигна Својот Слуга и ви Го испрати за да ве благослови, со тоа што секого од вас ќе го одврати од вашите беззаконија." |
← Acts (3/28) → |