← Acts (27/28) → |
1. | А кога беше решено да отпловиме за Италија, му ги предадоа Павле и некои други затвореници на еден стотник од Августовата чета, по име Јулиј. |
2. | Bлеговме во еден адрамитски кораб, кој требаше да плови по азиски приморски места и испловивме; со нас беше Аристарх, Македонец од Солун. |
3. | Следниот ден пристигнавме во Сидон, а Јулиј, кој постапуваше љубезно со Павле, му дозволи да отиде кај своите пријатели, за да се погрижат за него. |
4. | А кога тргнавме оттаму, пловевме близу до Кипар, зашто ветровите беа спротивни. |
5. | Откако го препловивме морето покрај брегот на Киликија и Памфилија, стигнавме во Ликиска Мира. |
6. | Таму стотникот најде еден александриски кораб што пловеше за Италија, и нè префрли во него. |
7. | Повеќе денови пловевме бавно и одвај стигнавме спроти Книд; бидејќи ветрот ни пречеше да допловиме таму, пловевме покрај Крит, спроти Салмона. |
8. | Пловејќи со мака покрај брегот, стигнавме до едно место, наречено "Добри Пристаништа", близу кое беше градот Ласеја. |
9. | Но кога помина многу време, а пловењето веќе беше опасно, зашто и постот веќе беше минал, Павле ги советуваше |
10. | велејќи им: "Мажи, гледам дека пловењето ќе биде опасно и за здравјето и за животот и со голема загуба не само за товарот и коработ, туку и за нашите животи." |
11. | Но стотникот повеќе им веруваше на кормиларот и на сопственикот на коработ, отколку на Павловите зборови. |
12. | Бидејќи пристаништето не беше згодно за зимување, мнозинството реши да се отплови оттаму, за да се стигне, ако е некако можно, до критското пристаниште Веникс, кое гледа кон југ и северозапад, и таму да се презими. |
13. | А кога дувна благ јужен ветар, помислија дека можат да ја остварат својата намера, ја дигнаа котвата и запловија крај Крит. |
14. | Но набргу потоа, од Крит задува бурен ветар, наречен евракило; |
15. | и кога го зафати коработ, кој не можеше да му се противставува на ветрот, им се предадовме на брановите кои нè носеа. |
16. | Кога поминувавме заштитени од едно островче, кое се вика Клавда, одвај можевме да го задржиме чунот, |
17. | а кога го подигнаа на коработ, употребија јажиња и го приврзаа за коработ. Но, плашејќи се да не заринкаат во Сирт, ја спуштија котвата и така беа носени натаму. |
18. | Следниот ден додека бевме силно фрлани од бурата, почнаа да го исфрлаат товарот; |
19. | а на третиот ден со свои раце ја исфрлија опремата од коработ. |
20. | Бидејќи повеќе денови не се покажаа ни сонцето ниту ѕвездите, а силната бура не попушташе, најпосле исчезна секоја надеж дека ќе се спасиме. |
21. | А по долго нејадење, Павле застана сред нив и рече: "Мажи, требаше да ме послушате и да не тргнуваме од Крит, и ќе бевме поштедени од оваа мака и штета. |
22. | А сега ве советувам да бидете бодри, зашто ниеден живот од вас нема да биде изгубен, освен коработ. |
23. | Зашто ангел од Бог, Кому Му припаѓам и Кому Му служам, застана до мене ноќеска, |
24. | и рече: "Не плаши се, Павле! Ти треба да излезеш пред цезарот, и еве, Бог ти ги подари сите, кои пловат со тебе." |
25. | Затоа, мажи, бидете бодри! Зашто Му верувам на Бог, дека ќе биде така како што ми е кажано. |
26. | Но, треба да бидеме исфрлени на некој остров." |
27. | А кога настапи четиринаесеттата ноќ, откако бевме терани таму-ваму по Јадранското Море, околу полноќ, морнарите ни навестија дека се приближуваме до некое копно. |
28. | И мереа и најдоа дваесет фати длабочина. Малку потаму го фрлија пак и најдоа петнаесет фати. |
29. | Плашејќи се да не удрат во гребените, спуштија четири котви од задниот дел на коработ и чекаа да се раздени. |
30. | А кога морнарите сакаа да побегнат од коработ и го спуштија чунот во морето, под изговор дека сакаат да ги спуштат котвите од предниот дел на коработ, |
31. | Павле им рече на стотникот и на војниците: "Ако овие не останат на коработ, вие не можете да се спасите!" |
32. | Тогаш војниците ги пресекоа јажињата на чунот и го оставија да падне. |
33. | А пред разденување, Павле ги молеше сите да јадат и рече: "Денес е четиринаесеттиот ден како чекате и поминувате без јадење, не каснувајќи ништо. |
34. | Затоа ве молам да јадете, зашто тоа е за ваше избавување. Ниеден од вас нема да загуби ни влакно од главата." |
35. | И кога го рече тоа зеде леб и Му заблагодари на Бог пред сите, го раскрши и почна да јаде. |
36. | И сите се охрабрија, па и самите јадеа. |
37. | А во коработ бевме вкупно двесте седумдесет и шест души. |
38. | Откако се наситија, го олеснија коработ, исфрлајќи го житото во морето. |
39. | А кога се раздени, не ја препознаа земјата, но забележаа еден залив со достапен брег и решија таму да го насочат коработ, ако е тоа можно. |
40. | Ги одврзаа котвите и ги спуштија во морето, ги разлабавија и јажињата на кормилата и го кренаа предното едро спроти ветрот, и пловеа кон брегот. |
41. | А кога удрија во еден гребен, од двете страни заплискуван од морето, заринкаа, така што предниот дел се вглави цврсто и остана неподвижен, а задниот дел се кршеше од силата на брановите. |
42. | Bојниците, пак, наумија да ги убијат затворениците, за да не исплива некој и да побегне. |
43. | Но стотникот, сакајќи да го спаси Павле, ја спречи нивната намера, и заповеда најнапред да скокнат оние што знаат да пливаат, и да излезат на копното, |
44. | а другите, кој на штици, кој на каков-годе предмет од коработ. И стана така што сите излегоа на копното. |
← Acts (27/28) → |