← Acts (26/28) → |
1. | Тогаш Агрипа му рече на Павле: "Ти се дозволува да зборуваш за себе." А Павле ја испружи раката и почна да зборува во своја одбрана: |
2. | "Цару Агрипа, се чувствувам среќен што можам да се бранам денес пред тебе, од сè што ме обвинуваат Евреите, |
3. | дотолку повеќе, што ти добро ги познаваш јудејските обичаи и нивните препирки. Затоа те молам да ме ислушаш со трпение. |
4. | Каков беше мојот живот од младини, што го поминав првин меѓу својот народ во Ерусалим, тоа го знаат сите Евреи, |
5. | зашто ме познаваат од почетокот, ако сакаат да посведочат, дека живеев како фарисеј, според најдоследната секта на нашата религија. |
6. | Сега стојам пред судот заради надежта во ветувањето што Бог им го даде на нашите татковци, |
7. | а за кое нашите дванаесет племиња се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи постојано ноќе и дење. Заради таа надеж, цару, Евреите ме обвинуваат. |
8. | Зошто вие сметате дека е неверојатно, ако Бог воскреснува мртви? |
9. | И јас мислев дека треба да вршам многу нешта против името на Исус од Назарет; |
10. | што и го чинев во Ерусалим; не само што ги затворав со овластување од првосвештениците, туку и се согласував кога ги убиваа. |
11. | И многупати ги мачев во сите синагоги и ги принудував да хулат; и прекумерно разјарен против нив, ги гонев и по далечните градови." |
12. | "Кога за тоа патував во Дамаск, со власт и задача од првосвештениците, |
13. | на сред бел ден, цару, на патот видов светлина од небото, посилна од сончевиот болскот, која нè осветли мене и оние што патуваа со мене; |
14. | и кога сите паднавме наземи, чув глас кој ми зборуваше на еврејски јазик: 'Савле, Савле, зошто Ме прогонуваш? Тешко ти е да клоцаш против остен!' |
15. | А јас реков: 'Кој си Ти Господине?' Господ рече: 'Јас сум Исус, Кого Ти го прогонуваш. |
16. | Но стани и застани на своите нозе, зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок, како за ова што го виде, така и за она во кое ќе ти се објавам; |
17. | избавувајќи те од луѓето и од народите, кај кои те праќам, |
18. | за да им ги отвориш очите, да се одвратат од темнината кон светлината, од сатанската власт кон Бог, за да примат проштавање на гревовите и наследство меѓу осветените преку вера во Мене.' |
19. | Затоа, цару Агрипа, не му се спротивив на небесното видение; |
20. | туку им објавив прво во Дамаск, потоа во Ерусалим и по целата Јудеја, а и на неевреите, дека треба да се покајат и да се обрнат кон Бог, вршејќи дела достојни за покајание. |
21. | Затоа Евреите ме фатија во Храмот и се обидоа да ме убијат. |
22. | Но со помошта што ја добив од Бог тука сум до денешен ден и им сведочам и на мало и на големо, не зборувајќи ништо друго освен она што пророците и Мојсеј рекоа дека ќе се збидне: |
23. | дека Христос ќе настрада и дека, како прв воскреснат од мртвите, ќе им навести светлина и на евреите и на неевреите." |
24. | А кога го изнесе тоа во своја одбрана, Вест му рече со силен глас: "Бладаш, Павле! Многубројните книги те довеле до лудило!" |
25. | А Павле рече: "Не сум луд, честит Весте, туку зборувам вистински и разумни зборови, |
26. | зашто и царот, кому му зборувам слободно, знае за тоа. Имено, не верувам дека му е непознато нешто од ова, зашто ова не се збидна во некој агол. |
27. | Им веруваш ли, царе Агрипа, на пророците? Знам дека им веруваш!" |
28. | А Агрипа му рече на Павле: "Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин!" |
29. | А Павле рече: "Би Го молел Бог, порано или подоцна, не само ти, туку и сите, кои ме слушаат денес, да станете такви каков што сум и јас, само без овие окови." |
30. | Тогаш станаа царот и управителот, Бернис, како и сите што седеа со нив, |
31. | се повлекоа и зборуваа меѓу себе, велејќи: "Овој човек не прави ништо што заслужува смрт или окови." |
32. | А Агрипа му рече на Вест: "Овој човек можеше да биде ослободен, ако не се беше повикал на цезарот." |
← Acts (26/28) → |