| ← Acts (23/28) → |
| 1. | А Павле погледна втренчено кон Советот и рече: "Мажи, браќа, јас живеев со наполно чиста совест пред Бог до овој ден." |
| 2. | Тогаш врховниот свештеник Ананиј им нареди на оние што стоеја до него да го удрат по устата. |
| 3. | Притоа Павле му рече: "Бог ќе те удри тебе, варосан ѕиду! И ти седиш за да ми судиш според Законот, а заповедаш да ме тепаат спротивно на Законот!" |
| 4. | А оние што стоеја наоколу рекоа: "Божјиот врховен свештеник ли го навредуваш?" |
| 5. | А Павле рече: "Не знаев, браќа, дека е врховен свештеник; зашто е напишано: 'Не зборувај лошо за началникот на својот народ!' |
| 6. | Кога Павле сфати дека дел од нив се садукеи, а другите фарисеи, извика во Советот: "Мажи, браќа, јас сум фарисеј, син на фарисеј; ме судат заради надежта и воскресението на мртвите." |
| 7. | Кога го рече тоа, настана расправа меѓу фарисеите и садукеите, и собирот се подели; |
| 8. | зашто садукеите велат дека нема воскресение, ни ангел, ни дух, а фарисеите го признаваат сето тоа. |
| 9. | И така, настана голема врева. А некои од закониците на фарисејската група станаа и се препираа, велејќи: "Не наоѓаме никакво зло кај овој човек, можеби му зборувал дух или ангел." |
| 10. | И бидејќи расправијата стана жестока, заповедникот се исплаши да не го растргнат Павле, па и заповеда на војската да слезе и да го грабне од нивната средина, и да го одведе во тврдината. |
| 11. | Следната ноќ Господ застана пред него и му рече: "Биди храбар! Онака како што сведочеше сериозно за Мене во Ерусалим, така треба да сведочиш и во Рим." |
| 12. | А кога се раздени, Евреите сковаа заговор и се заколнаа дека не ќе јадат, ниту пијат, додека Павле не биде убиен. |
| 13. | Беа повеќе од четириесетмина, кои учествуваа во заговорот. |
| 14. | Тие дојдоа кај првосвештениците и старешините и им рекоа: "Се обврзавме со свечена заклетва дека нема да вкусиме ништо додека не го убиеме Павле. |
| 15. | Затоа сега вие, заедно со Советот, поднесете му барање на заповедникот да го доведе долу кај вас, божем сакате поточно да го испитате неговото дело, а ние сме готови да го убиеме пред да се приближи." |
| 16. | Но синот на Павловата сестра чу за заседата, отиде и влезе во тврдината и му јави на Павле. |
| 17. | А Павле повика еден од стотниците и му рече: "Одведи го момчево кај заповедникот, зашто има да му соопшти нешто!" |
| 18. | Стотникот го зеде и го одведе кај заповедникот и рече: "Затвореникот Павле ме викна и ме замоли да го доведам кај тебе ова момче, зашто имало нешто да ти каже." |
| 19. | Тогаш заповедникот го зеде за рака, се повлече со него насамо и го праша: "Што имаш да ми соопштиш?" |
| 20. | А момчето рече: "Евреите се договорија да те замолат да го одведеш утре Павле долу, во Советот, божем сакаат поточно да се распрашаат за него. |
| 21. | Но немој да ги послушаш, зашто го демнат повеќе од четириесет нивни луѓе, кои се заколнаа да не јадат, ниту да пијат, додека не го убијат. И сега се подготвени, само го чекаат твоето ветување." |
| 22. | Тогаш заповедникот го пушти момчето и му нареди: "Не кажувај никому, дека ме извести за ова." |
| 23. | И повика двајца од стотниците, и им рече: "Пригответе двесте војници, седумдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Цезареја во третиот час на ноќта. |
| 24. | Пригответе и добиток, за да го качат Павле и да го одведат безбедно до управителот Великс!" |
| 25. | И напиша писмо со следнава содржина: |
| 26. | "Клавдиј Лисиј, до угледниот управител Великс. Поздрав! |
| 27. | Кога овој човек го фатија Евреите и сакаа да го убијат, јас дојдов со војската и го извлеков, бидејќи дознав дека е Римјанин. |
| 28. | Сакајќи да ја испитам причината за која го обвинуваат, го доведов долу во нивниот Совет. |
| 29. | И најдов дека го обвинуваат заради спорни прашања од нивниот Закон, но дека нема никаква вина која заслужува смрт или окови. |
| 30. | А кога ме известија дека се подготвува заговор против овој човек, веднаш го испратив кај тебе, а обвинителите ги упатив да кажат, пред тебе, што имаат против него." |
| 31. | Тогаш војниците, според дадената им заповед, го зедоа Павле и го одведоа ноќе во Антипатрис, |
| 32. | а утредента ги оставија коњаниците да одат со него, а тие се вратија во тврдината. |
| 33. | И кога влегоа во Цезареја, му го врачија писмото на управителот и му го претставија и Павле. |
| 34. | А тој кога го прочита писмото, го праша од која област е, и дозна дека е од Киликија, |
| 35. | па му рече: "Ќе те ислушам кога ќе дојдат и твоите обвинители." И заповеда да го чуваат во Иродовата палата. |
| ← Acts (23/28) → |