← Acts (22/28) → |
1. | "Мажи, браќа и татковци! Чујте ја мојата одбрана" |
2. | Кога чуја дека им говори на еврејски јазик, се смирија уште повеќе. И рече: |
3. | "Јас сум Евреин, роден во Киликиски Тарс, израснат во овој град, воспитан при Гамалиеловите нозе, научен строго според законот на нашите татковци, оддаден на Бог, како и сите вие денес. |
4. | Го гонев овој Пат до смрт; и врзував и предавав во зандани мажи и жени, |
5. | како што може да посведочи за мене врховниот свештеник со сите старешини. Од нив примив и писма за браќата во Дамаск, каде одев за да ги приведам врзани во Ерусалим и оние, кои беа таму, за да бидат казнети. |
6. | Кога одев и наближив до Дамаск, одеднаш, околу пладне, ме осветли голема светлина од небото. |
7. | Паднав ничкум на земјата и чув глас како ми зборува: 'Савле, Савле, зошто Ме гониш?' |
8. | А јас одговорив: 'Кој си ти, Господине?' И ми рече: 'Јас сум Исус Назареќанецот, Кого ти Го прогонуваш.' |
9. | А оние кои беа со мене, ја видоа светлината, но не го чуја гласот што ми зборуваше. |
10. | Тогаш реков: 'Што да правам, Господи?' А Господ ми рече: 'Стани и оди во Дамаск и таму ќе ти се каже сè што ти е определено да правиш!' |
11. | И бидејќи не можев да гледам од болскотот на светлината, оние што беа со мене ме поведоа за рака и така дојдовме во Дамаск. |
12. | А некојси Ананиј, благочестив маж според Законот, за кого сведочеа добро сите тамошни Евреи, |
13. | дојде кај мене, ми се доближи и рече: 'Брате Савле, прогледај!' И јас во истиот миг погледав во него. |
14. | А тој рече: 'Богот на нашите татковци однапред те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да го чуеш гласот од Неговата уста, |
15. | зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она што си видел и чул. |
16. | А што се двоумиш сега? Стани, крсти се и измиј се од своите гревови, повикувајќи го Господовото име.' |
17. | Кога пак се вратив во Ерусалим и кога се молев во Храмот, |
18. | Го видов како ми вели: 'Побрзај и излези бргу од Ерусалим, зашто нема да го примат твоето сведоштво за Мене!' |
19. | А јас реков: 'Господи, тие знаат дека јас ги затворав и ги тепав по синагогите оние кои веруваа во Тебе; |
20. | и кога се пролеваше крвта на Твојот сведок Стефан, и јас стоев таму, одобрував и ги чував облеките на оние што го убиваа.' |
21. | А тој ми рече: 'Оди, зашто ќе те испратам далеку, меѓу нееврејските народи!' |
22. | Тие го слушаа до тој збор, а тогаш извикаа со силен глас: "Тргнете го од земјата таквиот, зашто не треба да живее!" |
23. | Додека тие викаа така, ги кинеа своите облеки и фрлаа прав во воздухот, |
24. | заповедникот нареди да го одведат во тврдината, велејќи да го испитаат со камшик, за да дознае зошто викаат така против него. |
25. | А кога го испружија и го врзаа со ремени, Павле му рече на стотникот кој стоеше таму: "Зар смеете да камшикувате римски граѓанин, и тоа неосуден?" |
26. | Кога стотникот го чу тоа, отиде и го извести заповедникот, велејќи: "Што ќе сториш? Овој човек е римски граѓанин!" |
27. | Тогаш заповедникот дојде кај него и му рече: "Кажи ми, навистина ли си римски граѓанин?" А тој рече: "Да!" |
28. | Заповедникот одговори: "Јас го добив тоа граѓанство за голема сума." Павле рече: "А јас се родив со него." |
29. | И веднаш отстапија од него тие што сакаа да го испитуваат. Заповедникот исто така се уплаши кога дозна дека тој е римски граѓанин, зашто го беше врзал. |
30. | Утредента, сакајќи да знае точно зошто Евреите го обвинуваат, го ослободи, и заповеда да се соберат првосвештениците и целиот Совет, па го доведе долу Павле и го постави пред нив. |
← Acts (22/28) → |