| ← Acts (21/28) → |
| 1. | Кога се одделивме од нив и отпловивме, дојдовме право во Кос, а следниот ден на Родос и оттаму во Патара. |
| 2. | И кога најдовме кораб, што тргнуваше за Веникија, влеговме во него, и отпловивме. |
| 3. | А кога го здогледавме Кипар, го оставивме одлево и отпловивме кон Сирија; и слеговме во Тир, зашто таму коработ требаше да се растовари. |
| 4. | И кога ги најдовме учениците, останавме таму седум дена. Тие, вдахновени од Духот, му зборуваа на Павле да не оди горе во Ерусалим. |
| 5. | И кога завршија тие дни, заминавме оттаму и го продолживме нашето патување, а тие сите нè испратија, со жените и децата надвор од градот; а откако на брегот клекнавме и се помоливме, се збогувавме едни со други. |
| 6. | Тогаш ние влеговме во коработ, а тие се вратија во своите домови. |
| 7. | Завршувајќи го пловењето од Тир, стигнавме во Птолемаида, каде што ги поздравивме браќата и останавме со нив еден ден. |
| 8. | А на следниот ден отпатувавме и дојдовме во Цезареја и влеговме во куќата на евангелистот Вилип, кој беше еден од седумтемина, и останавме кај него. |
| 9. | Тој имаше четири ќерки девици, кои пророкуваа. |
| 10. | Бидејќи престојувавме таму многу дни, дојде од Јудеја еден пророк, по име Агаб. |
| 11. | И кога дојде кај нас, го зеде Павловиот појас, си ги врза рацете и нозете, и рече: "Светиот Дух го вели ова: 'Човекот, чиј е овој појас, Евреите во Ерусалим ќе го врзат вака и ќе го предадат во рацете на неевреите'." |
| 12. | Кога го чувме тоа, и ние и тамошните жители го молевме да не оди горе во Ерусалим. |
| 13. | Тогаш Павле одговори: "Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господ Исус." |
| 14. | И бидејќи не можевме да го наговориме, ние замолкнавме и рековме: "Нека биде Господовата волја!" |
| 15. | По тие денови се приготвивме и тргнавме горе кон Ерусалим. |
| 16. | Со нас тргнаа и некои ученици од Цезареја и нè одведоа кај некојси Мнасон, Кипранин, дамнешен ученик, за да бидеме негови гости. |
| 17. | Кога стигнавме во Ерусалим, браќата нè примија радосно. |
| 18. | На идниот ден Павле отиде со нас кај Јаков, а сите старешини беа присутни. |
| 19. | И откако ги поздрави, им раскажа едно по едно сè што Бог, преку неговата служба, направи меѓу неевреите. |
| 20. | А кога го чуја тоа, Го прославија Бог и му рекоа: "Гледаш, брате, колку илјади верници има меѓу Евреите, и сите се грижат за Законот; |
| 21. | а за тебе се известени дека сите Евреи, кои се меѓу народите, ги поучуваш да отстапат од Мојсеј, велејќи им да не ги обрежуваат своите деца, ниту да живеат според обичаите. |
| 22. | И така, што сега!? Бездруго ќе чујат дека си дошол. |
| 23. | Затоа направи како што ќе ти кажеме: меѓу нас има четворица мажи кои се заветувале; |
| 24. | земи ги и исчисти се заедно со нив и плати за нив да си ги избричат главите. Така сите ќе дознаат дека нема ништо од она, што чуле за тебе, и дека и самиот го исполнуваш Законот. |
| 25. | А за неевреите, кои поверувале, решивме и им пишавме: да се воздржуваат од нешта жртвувани на идоли, од крв, од задавено и од блудство." |
| 26. | Тогаш Павле ги зеде со себе тие мажи, и на следниот ден, откако се исчисти со нив заедно, влезе во Храмот и објави завршување на деновите на исчистувањето, кога за секој од нив ќе биде принесена жртва. |
| 27. | А кога седумте денови речиси завршија, Евреите од Азија, откако го забележаа во Храмот, го разбунтуваа целиот народ и го фатија, |
| 28. | викајќи: "Израелци, помагајте! Овој е човекот кој насекаде ги учи сите против нашиот народ, против Законот и против ова место! Освен тоа, воведе и Грци во Храмот и така го оскверни ова свето место!" |
| 29. | Имено, тие порано во градот го имаа видено ефешанецот Трофим со него и мислеа дека Павле го вовел во Храмот. |
| 30. | И целиот град се разбранува и народот се собра, го фатија Павле и го извлекоа надвор од Храмот, па веднаш ги затворија вратите. |
| 31. | А кога сакаа да го убијат, дојде глас до заповедникот на четата дека целиот Ерусалим е разбунтуван. |
| 32. | Овој, пак, веднаш зеде војници и стотници и дотрча до нив. Кога ги видоа заповедникот и војниците, тие прекратија да го тепаат Павле. |
| 33. | Тогаш заповедникот му се приближи, го фати и заповеда да го врзат во двојни вериги и распрашуваше кој е и што сторил. |
| 34. | Едни од толпата викаа едно, а други друго и бидејќи од викотницата не можеше ништо веродостојно да дознае, заповедникот заповеда да го одведат во тврдината. |
| 35. | А кога беше на скалите, војниците мораа да го кренат на раце поради насилничките постапки на толпата; |
| 36. | зашто многу народ одеше по него и викаше: "Убијте го!" |
| 37. | И кога требаше да го воведат во тврдината, Павле му рече на заповедникот: "Смеам ли да ти кажам нешто?" Овој пак рече: "Знаеш ли грчки? |
| 38. | Да не си ти оној Египќанец, кој пред некое време побуни и одведе во пустината четири илјади мажи убијци?" |
| 39. | А Павле одговори: "Јас сум Евреин од Тарс, од Киликија, граѓанин на познатиот град, и те молам да ми одобриш да му се обратам на народот!" |
| 40. | И кога му дозволи, Павле застана на скалите и му мавна со рака на народот. А кога настана голема тишина, проговори на еврејски јазик и рече: |
| ← Acts (21/28) → |