| ← Acts (20/28) → |
| 1. | Кога стивна вревата, Павле ги повика учениците, ги охрабри, се збогува со нив и тргна на пат за Македонија. |
| 2. | Откако ги помина оние краишта и ги охрабри со многу зборови, дојде во Грција. |
| 3. | Таму остана три месеци, бидејќи Евреите направија заговор против него, а кога сакаше да отплови за Сирија, реши да се врати преку Македонија. |
| 4. | Го придружуваа Сопатер, синот на Пир, од Берија, солунците Аристарх и Секунд, Гај од Дерба и Тимотеј, како и Тихик и Трофим од Азија. |
| 5. | Тие отидоа напред и нè чекаа во Троја. |
| 6. | А ние отпловивме од Вилипи, по деновите на Бесквасните лебови, и по пет дена дојдовме кај нив во Троја, каде што останавме седум дена. |
| 7. | А кога во првиот ден на седмицата се состанавме да раскршуваме леб, Павле им држеше беседа, зашто утредента сакаше да замине. Тој продолжи со беседата до полноќ, |
| 8. | а во горната соба, каде се бевме собрале, имаше многу светилки. |
| 9. | Едно момче, по име Евтих, кое седеше на прозорецот, почна да запаѓа во длабок сон и тоа, бидејќи Павле подолго зборуваше, совладано од сонот, падна од третиот кат долу и го дигнаа мртво. |
| 10. | Но Павле слезе, му се фрли, го прегрна и рече: "Не возбудувајте се, зашто неговата душа сè уште е во него!" |
| 11. | Потоа се качи горе, раскрши леб, и поткасна, и им зборуваше долго, сè до мугрите, кога отпатува. |
| 12. | А момчето го доведоа живо и многу се утешија. |
| 13. | Ние тргнавме порано со коработ и отпловивме во Асос, откаде требаше да го земеме Павле, зашто така беше порачал, сакајќи да оди пеш. |
| 14. | А кога се состана со нас во Асос, го зедовме и дојдовме во Митилин. |
| 15. | И оттаму отпловивме и утредента дојдовме спроти Хиос. На другиот ден стигнавме во Самос, а следниот ден дојдовме во Малта. |
| 16. | Павле реши да помине покрај Ефес, а да не се задржи подолго време во Азија, зашто му се брзаше, ако е можно да биде за денот на Педесетница во Ерусалим. |
| 17. | Од Малта Павле јави во Ефес да ги повикаат старешините на црквата. |
| 18. | А кога дојдоа кај него, им рече: "Bие знаете како го поминав со вас целото време, од првиот ден кога стапив во Азија, |
| 19. | служејќи Му на Господ со сета понизност, со солзи и со искушенија, што ме снајдоа од еврејските заговори; |
| 20. | како не пропуштив да ви кажам сè што е полезно и да ве поучам јавно и по домовите; |
| 21. | сведочејќи им сериозно на Евреите и на Грците за покајание кон Бог и кон верата во нашиот Господ Исус. |
| 22. | А сега, еве, поттикнат од Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи што ќе ми се случи таму, |
| 23. | освен што Светиот Дух ми сведочи, во секој град, велејќи дека ме чекаат окови и маки. |
| 24. | Но мене ни најмалку не ми е до животот, туку само да го завршам својот пат и службата, што ја примив од Господ Исус: сериозно да го посведочам Евангелието на Божјата благодат. |
| 25. | И еве, сега знам дека сите вие, меѓу кои поминав проповедајќи го Божјото царство, не ќе го видите веќе моето лице. |
| 26. | Затоа ви сведочам во овој ден дека сум чист од крвта на сите вас; |
| 27. | зашто не пропуштив да ви ја кажам целосната Божја намера. |
| 28. | Bнимавајте на себе и на целото стадо, во кое Светиот Дух ве постави за надгледувачи, за да бидете пастири на Божјата црква, која Тој ја откупи со Својата крв. |
| 29. | Јас знам дека по моето заминување меѓу вас ќе навлезат свирепи волци, кои нема да го штедат стадото; |
| 30. | а и од вас самите ќе се подигнат мажи, кои ќе зборуваат изопачено, за да ги одвлечкаат учениците по себе. |
| 31. | Затоа, бдејте и помнете дека три години, ноќе и дење, не прекратив да го советувам со солзи секој еден од вас! |
| 32. | И сега ве препорачувам на Бог и на Словото на Неговата благодат, кое е во состојба да изградува и да ви даде наследство меѓу сите осветени. |
| 33. | Сребро, злато или облека, не посакав од никого. |
| 34. | Самите знаете дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние кои беа со мене. |
| 35. | Bо сè ви покажав дека така треба да се трудите и да им помагате на немоќните, и да си спомнувате на зборовите на Господ Исус, како што рече Самиот Тој: 'Поблажено е да се дава, отколку да се прима.'" |
| 36. | Кога го рече тоа, клекна на колена и се помоли со сите нив. |
| 37. | Тогаш сите заплакаа гласно, и паднаа во прегратката на Павле и топло го целиваа, |
| 38. | нажалени најмногу од зборот што го рече дека веќе нема да го видат неговото лице. И го испратија до коработ. |
| ← Acts (20/28) → |