← Acts (2/28) → |
1. | А кога дојде Педесетница, сите беа собрани на едно место. |
2. | И одненадеж се чу бучава од небото, како кога дува силен ветар и ја исполни целата куќа во која седеа. |
3. | И им се појавија јазици како од пламен, кои се разделија и над секого од нив застана по еден. |
4. | И тие сите се исполнија со Светиот Дух и почнаа да зборуваат на други јазици, како што Духот им даваше да говорат. |
5. | А тогаш во Ерусалим живееја Евреи, побожни луѓе, од сите народи под небото. |
6. | И кога се чу бучавата, се собра многу народ и се збуни, зашто секој слушаше како зборуваат на неговиот јазик. |
7. | Сите се восхитуваа и се чудеа, велејќи: "Ете, зар сите овие што зборуваат не се Галилејци? |
8. | Тогаш, како ние го слушаме секој својот мајчин јазик? |
9. | Парќаните, Мидијците, Еламитите, жителите на Месопотамија, на Јудеја и Кападокија, на Понт и Азија, |
10. | на Вригија и Памфилија, на Египет и од пределите на Либија, околу Киринија, и Римјаните кои се тука привремено, Евреи и прозелити, |
11. | Криќани и Арабјани, ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за Божјите моќни дела?" |
12. | Сите се восхитуваа и во недоумение си велеа еден на друг: "Што може да биде ова?" |
13. | Други пак се подбиваа и велеа: "Се препиле слатко вино!" |
14. | А Петар стана, со единаесеттемина, го поткрена гласот и им рече: "Луѓе, Евреи и сите вие кои живеете во Ерусалим! Знајте го ова и послушајте ги моите зборови! |
15. | Овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е одвај третиот час на денот, |
16. | туку тоа е кажаното преку пророкот Јоил: |
17. | 'Bо последните денови' - вели Господ - 'ќе излеам од Својот Дух над секого, и вашите синови и вашите ќерки ќе пророкуваат, и вашите момчиња ќе гледаат виденија, а вашите старци ќе сонуваат соништа. |
18. | Исто така, во тоа време, над Моите слуги и над Моите слугинки ќе излеам од Мојот Дух и тие ќе пророкуваат. |
19. | Ќе правам чуда горе на небото и знаци долу на земјата: крв, оган и чад. |
20. | Сонцето ќе се претвори во темнина, и месечината во крв, пред доаѓањето на великиот и славен Господов ден. |
21. | И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе биде спасен.' |
22. | Мажи Израелци! Чујте ги овие зборови: Бог во вашата средина Го потврди Исус Назареќанецот со сили, со чуда и со знаци, што Бог преку Него ги направи меѓу вас, како што знаете и самите. |
23. | Bие, Него, откако беше предаден според предодредената Божја волја и предзнаење, преку рацете на беззакониците Го распнавте и Го убивте, |
24. | но Бог Го крена и Го ослободи од смртната агонија, зашто не можеше смртта да Го задржи. |
25. | Зашто Давид вели за Него: 'Постојано Го гледам Господ пред себе; Тој ми е оддесно, за да не се поместам. |
26. | Затоа се развесели моето срце и се зарадува мојот јазик, а и моето тело ќе почива во надеж; |
27. | зашто нема да ја оставиш мојата душа во Адот, ниту ќе дозволиш Твојот Светец да види распаѓање. |
28. | Ти ми ги покажа патиштата на животот, ќе ме исполниш со веселба со Своето присуство.' |
29. | Мажи, браќа! Можам слободно да ви кажам за патријархот Давид дека умре и беше погребан и дека неговиот гроб е меѓу нас до ден денешен. |
30. | Но, бидејќи беше пророк и бидејќи знаеше дека Бог му се заколна оти од родот на неговите бедра некого ќе постави на неговиот престол, |
31. | предвидувајќи за воскресението на Христос, рече: 'Ниту беше оставен во Адот, ниту телото Му виде распаѓање.' |
32. | Бог Го воскресна Овој Исус, за што ние сите сме сведоци. |
33. | И така подигнат на Божјата десна страна, Тој Го прими од Таткото ветувањето на Светиот Дух, го излеа ова што го гледате и слушате. |
34. | Зашто Давид не се вознесе на небесата, но самиот изусти: 'Му рече Господ на мојот Господ: седни оддесно до Мене, |
35. | додека не ги соборам Твоите непријатели како подношка на Твоите нозе!' |
36. | И така, целиот Израелов дом сигурно нека знае дека Него Бог Го направи Господ и Христос - Овој Исус, Кого вие Го распнавте!" |
37. | А кога го чуја тоа, ги засегна во срцето, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: "Мажи, браќа, што да правиме?" |
38. | А Петар им рече: "Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исус Христос за на проштавањето на вашите гревови, и ќе го примите дарот на Светиот Дух. |
39. | Зашто, ова ветување е за вас, за вашите деца и за сите далечни, колку што Господ, нашиот Бог, ќе ги повика кај Себе си." |
40. | И уште со многу други зборови сериозно сведочеше и ги предупредуваше, велејќи: "Спасете се од ова расипано поколение!" |
41. | И така, се крстија оние кои го прифатија неговото слово, па тој ден се приклучија околу три илјади души. |
42. | И беа постојани во апостолското учење и во општењето; во раскршувањето на лебот и во молитвите. |
43. | А страв и трепет влезе во секоја душа, зашто преку апостолите стануваа многу чуда и знаци. |
44. | А сите оние кои поверуваа, беа заедно и сè им беше општо. |
45. | И ги продаваа своите сопствености и имоти и тоа го споделуваа со сите, секому според неговата потреба. |
46. | И секој ден беа постојано и еднодушно во Храмот; раскршуваа леб по домовите и јадеа со радост и со чисто срце, |
47. | Го славеа Бог и беа мили кај целиот народ. А секој ден Господ ги придодаваше оние кои се спасуваа. |
← Acts (2/28) → |