| ← Acts (19/28) → |
| 1. | А кога Аполос беше во Коринт, Павле, откако ги помина горните области, дојде во Ефес, најде некои ученици, |
| 2. | па им рече: "Дали Го примивте Светиот Дух откако поверувавте?" Тие му одговорија: "Не сме ни чуле дека има Свет Дух." |
| 3. | Тој уште им рече: "А во што се крстивте?" Тие рекоа: "Bо Јовановото крштавање." |
| 4. | А Павле рече: "Јован крштаваше со крштавање за покајание, велејќи му на народот да верува во Оној Кој ќе дојде по него, односно во Христос Исус." |
| 5. | Откако го чуја тоа, беа крштавани во името на Господ Исус. |
| 6. | А кога Павле ги положи рацете на нив, Светиот Дух се спушти врз нив, а тие зборуваа јазици и пророкуваа. |
| 7. | А беа вкупно околу дванаесет мажи. |
| 8. | Тогаш тој влезе во синагогата и таму вршеше беседи смело три месеци за Божјото царство и се трудеше да ги убеди. |
| 9. | Но бидејќи некои беа корави и непокорни, и пред народот зборуваа зло за Патот, тој отстапи од нив и ги оддели учениците, и секојдневно поучуваше во училиштето на Тиран. |
| 10. | Тоа траеше две години, така што сите Евреи и Грци, кои живееја во Азија, го чуја Господовото слово. |
| 11. | А Бог правеше необични чуда преку Павловите раце, |
| 12. | така што кога врз болните ставаа шамичиња или скутници од неговото тело, болестите ги напуштаа, а злите духови излегуваа од нив. |
| 13. | А некои од еврејските истерувачи на демони, кои одеа од место во место, почнаа над оние кои имаа зли духови да го повикуваат името на Господ Исус, велејќи им: " Bе истеруваме преку Исус, Кого Павле Го проповеда! " |
| 14. | Тоа го правеа седумтемина синови на некојси Скева, еврејски првосвештеник. |
| 15. | Но злиот дух одговори, велејќи им: "Го познавам Исус, го знам и Павле, а кои сте вие?" |
| 16. | Притоа човекот во кого беше злиот дух, скокна врз нив, ги совлада сите и против нив покажа таква сила, што голи и ранети избегаа од куќата. |
| 17. | Тоа го дознаа Евреите и Грците, кои живееја во Ефес и сите ги обзеде страв и трепет, додека името на Господ Исус се величаше. |
| 18. | А мнозина од оние кои беа поверувале, доаѓаа и исповедувајќи се ги кажуваа своите дела. |
| 19. | Оние, пак, кои се занимаваа со магии, ги донесуваа своите свитоци на куп и ги гореа пред сите. И кога ја пресметаа нивната цена, најдоа дека вредат педесет илјади сребреници. |
| 20. | И така Словото, преку Божјата сила, растеше и напредуваше сè посилно. |
| 21. | Кога се сврши сето тоа, Павле науми во својот дух, откако ќе помине низ Македонија и Ахаја, да отиде во Ерусалим, велејќи: "Штом ќе бидам таму, треба да го видам и Рим." |
| 22. | И испрати во Македонија двајца свои помошници, Тимотеј и Ераст, а самиот остана уште некое време во Азија. |
| 23. | Bо тоа време се крена голема бркотија заради Патот; |
| 24. | имено, еден човек, по име Димитриј, филигранист, изработуваше сребрени Артемидини светилишта и на занаетчиите им донесуваше значителна печалба; |
| 25. | откако ги собра нив и работниците со слични занаети им рече: "Мажи, вие знаете дека нашата благосостојба доаѓа од оваа работа, |
| 26. | а гледате и слушате дека овој Павле, не само во Ефес, туку речиси во цела Азија, убеди и одврати големо множество луѓе, велејќи дека богови направени со раце - не се богови. |
| 27. | Bпрочем, не постои опасност само нашиов занает да биде презрен, туку и храмот на големата божица Артемида ќе се смета за ништожен, и ќе му се наштети на величието на онаа, која ја почитува сета Азија и целиот свет. |
| 28. | Кога го чуја тоа, полни со гнев, врескаа, извикувајќи: "Голема е Артемида Ефеска! " |
| 29. | И целиот град се претвори во безредие, а луѓето еднодушно навлегоа во театарот и ги одвлекоа Гај и Аристарх, Павлови сопатници од Македонија. |
| 30. | А кога Павле сакаше да влезе во толпата, учениците го спречија. |
| 31. | Притоа, некои од азиските началници, кои му беа пријатели, испратија порака до него, молејќи го да не се појавува во театарот. |
| 32. | Едни викаа едно, а други друго, зашто собирот беше збунет и мнозина не знаеја зошто се беа собрале. |
| 33. | Тогаш го извлекоа од толпата Александар, кого Евреите го туркаа напред. Александар, пак, мавна со раката и сакаше да даде објаснување пред толпата. |
| 34. | Но кога дознаа дека е Евреин, сите викаа едногласно и извикуваа околу два часа: "Голема е Артемида Ефеска!" |
| 35. | Најпосле градскиот писар го смири народот и рече: "Луѓе, ефешани! Кој е тој човек, кој не знае дека градот Ефес е чувар на храмот на големата Артемида и на нејзиниот кип што падна од небото? |
| 36. | Бидејќи тоа е неспорно, вие треба да бидете мирни и да не преземате ништо непромислено! |
| 37. | Ги доведовте овие луѓе, кои ниту го ограбија храмот, ниту хулат на нашата божица. |
| 38. | Затоа, ако Димитриј и занаетчиите кои се со него имаат тужба против некого, судовите се за тоа, а постојат и проконзули, нека се тужат едни со други. |
| 39. | Но ако барате нешто друго, тоа ќе биде решено законски во собранието, |
| 40. | зашто ни се заканува опасност да бидеме обвинети заради денешниот настан, бидејќи не постои никаква причина со која можеме да го оправдаме собирот." Кога го рече тоа, го распушти собирот. |
| ← Acts (19/28) → |