← Acts (17/28) → |
1. | И откако поминаа преку Амфипол и Аполонија, пристигнаа во Солун, каде имаше еврејска синагога. |
2. | И по својот обичај, Павле влезе кај Евреите и, три саботи редум, со нив расправаше околу Писмото, |
3. | толкувајќи и докажувајќи дека Христос требаше да настрада и да воскресне од мртвите, велејќи: "Исус, Кого јас ви Го навестувам е Христос." |
4. | И некои од нив се уверија и се дружеа со Павле и Сила; а исто така и големо мнозинство побожни Грци и не мал број видни жени. |
5. | Но Евреите, поттикнати од завист, зедоа неколкумина злобни денгубници од пазарот и предизвикаа безредие во градот. Ја нападнаа Јасоновата куќа и бараа да бидат изведени пред толпата. |
6. | А кога не ги најдоа, ги одвлекоа Јасон и некои од браќата пред градските власти, викајќи: "Оние, што го превртеа наопаку целиот свет, дојдоа и тука! |
7. | И Јасон ги прими! А сите тие работат против цезаровите заповеди, тврдејќи дека има друг цар - Исус!" |
8. | Така, кога народот и градските власти го чуја тоа се вознемирија, |
9. | но откако добија гаранција од Јасон и од другите, ги пуштија. |
10. | Браќата веднаш, уште во ноќта, ги испратија Павле и Сила во Берија; тие, пак, кога дојдоа таму, отидоа во еврејската синагога. |
11. | Тука беријците беа поблагородни од оние во Солун, зашто го примија Словото сосем подготвено, и секој ден го проучуваа Писмото дали е така. |
12. | И мнозина од нив поверуваа; а не малку и од видните грчки жени и мажи. |
13. | А кога солунските Евреи дознаа дека Павле и во Берија го проповеда Божјото слово, дојдоа и таму и го спотнаа и го растревожија народот. |
14. | Тогаш браќата веднаш го испратија Павле кон морето. А Сила и Тимотеј останаа таму. |
15. | Придружниците пак го доведоа Павле до Атина, и откако примија заповед за Сила и Тимотеј да дојдат што побргу кај него, заминаа. |
16. | Додека Павле ги чекаше во Атина, духот му се вознемири, гледајќи го градот полн со идоли. |
17. | И разговараше со Евреите во синагогата и со побожните; а и секој ден на пазарот со кого ќе се најдеше, |
18. | А некои од епикурејските и стоичките филозофи почнаа да се препираат со него, па едни велеа: "Што сака да каже овој дрдорко?" А други: "Се гледа дека е предвесник на туѓи богови," зашто проповеда за Исус и за воскресението. |
19. | Тогаш го зедоа, го одведоа на Ареопагот и рекоа: "Можеме ли да знаеме какво е тоа ново учење, што го проповедаш? |
20. | Со чудни тврдења ни ги полниш ушите; затоа сакаме да знаеме што е тоа?" |
21. | (А сите Атињани и странците меѓу нив си го минуваа времето само во тоа да кажат или да чујат некаква новост.) |
22. | Тогаш Павле застана сред Ареопагот и рече: "Атињани! Гледам по сè дека сте многу суеверни. |
23. | Имено, минувајќи и набљудувајќи ги вашите светилишта, најдов и жртвеник, на кого беше напишано: 'На непознат Бог'. И така, тоа што вие го почитувате не познавајќи го, јас тоа ви го навестувам. |
24. | Богот, Кој го создаде светот и сè што е во него, како Господар на небото и на земјата, не живее во ракотворни светилишта |
25. | ниту прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто; зашто Тој, Самиот, им дава на сите живот, здив и сè. |
26. | И Тој од еден ги создаде сите народи за да се населат по целата земја, откако им определи одредени времиња и граници на нивните живеалишта, |
27. | за да Го бараат Бог, та нема ли некако да Го напипаат и најдат, бидејќи Тој не е далеку од ниеден од нас. |
28. | Зашто во Него живееме, се движиме и постоиме, како што и некои од вашите поети рекле: 'И ние сме Негово потомство.' |
29. | И бидејќи сме Божјо потомство, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, сребро или камен; како творба на човечката уметност и замисла. |
30. | И така, не гледајќи на времињата на незнаењето, Бог сега им заповеда на луѓето да се покајат сите и насекаде, |
31. | зашто го определи денот, кога ќе му суди праведно на целиот свет - преку Човек Кого Го определил за тоа, давајќи им на сите уверување со тоа што Го воскресна од мртвите." |
32. | А кога чуја за воскресението од мртвите, едни се подбиваа, а други рекоа: "Ќе те слушаме другпат за тоа." |
33. | И така, Павле си отиде од кај нив. |
34. | Сепак, некои мажи му се придружија и поверуваа, меѓу кои беа и Дионисиј Ареопагит, жената по име Дамара и други покрај нив. |
← Acts (17/28) → |