← Acts (16/28) → |
1. | И така пристигна во Дерба и Листра. И ете, таму беше еден ученик по име Тимотеј, син на Еврејка, која веруваше, и на татко Грк. |
2. | Браќата во Листра и Иконија сведочеа добро за него. |
3. | Павле посака да го поведе со себе; го зеде и го обрежа заради Евреите населени по тие места, бидејќи сите знаеја оти татко му е Грк. |
4. | И додека одеа по градовите, им ги предаваа прописите што беа определени од апостолите и старешините во Ерусалим, за да ги пазат. |
5. | Црквите така се закрепнуваа во верата и секој ден нивниот број беше сè поголем. |
6. | Тие поминаа низ Вригиската и Галатската земја, зашто Светиот Дух им забрани да го проповедаат словото во Азија. |
7. | А кога дојдоа спроти Мисија, се обидоа да отидат во Битинија, но Исусовиот Дух не им дозволи. |
8. | И така, поминаа низ Мисија и слегоа во Троја. |
9. | И на Павле му се јави во ноќта видение: еден Македонец застана пред него и го молеше, велејќи: "Дојди во Македонија и помогни ни!" |
10. | По тоа негово видение, веднаш побаравме да отидеме во Македонија, сметајќи дека Бог нè повикува таму да го проповедаме Евангелието. |
11. | Потоа отпловивме од Троја и патувавме право кон Самотраки, |
12. | а следниот ден во Неаполис, а оттаму во Вилипи, римска колонија и прв град во тој дел на Македонија. Bо тој град престојувавме неколку дена. |
13. | А во саботата излеговме вон градските порти, крај реката, каде е место за молитва. Тука седнавме и им зборувавме на собраните жени. |
14. | Тоа го слушаше една богобојазлива жена по име Лидија, продавачка на пурпурно платно од градот Тијатир, а Господ и го отвори срцето да внимава на Павловите зборови. |
15. | Кога пак беше крстена таа и нејзините домашни, нè замоли, велејќи: "Ако сметате дека верувам во Господ, влезете во мојот дом и останете." И нè принуди. |
16. | А кога еднаш одевме на местото за молитва, нè сретна некоја девојка, робинка, која имаше змиски дух, и која со вражање им донесуваше голема печалба на своите господари. |
17. | Таа одеше по Павле и по нас, викајќи: "Овие луѓе се слуги на Сèвишниот Бог, кои ни го навестуваат патот на спасението." |
18. | Тоа го правеше со денови. А кога му здодеа на Павле, се заврти и му рече на духот: "Ти заповедам, во името на Исус Христос, да излезеш од неа!" И излезе во истиот час. |
19. | Кога нејзините господари видоа дека излезе и нивната надеж за печалба, ги фатија и ги одвлекоа Павле и Сила до пазарот, пред управителите. |
20. | Кога ги приведоа пред судиите, рекоа: "Овие луѓе, кои се Евреи, го бунтуваат нашиов град |
21. | и навестуваат обичаи кои ние, како Римјани, не смееме да ги прифатиме ниту да ги вршиме." |
22. | И целиот народ нагрвали на нив, а судиите им ги раскинаа облеките и заповедаа да ги тепаат со стапови. |
23. | И откако им удрија многу стапови, ги фрлија во зандана и му заповедаа на чуварот на занданата добро да ги чува. |
24. | Откако прими таква заповед, тој ги фрли во внатрешниот дел на занданата и нозете им ги стави во клада. |
25. | На полноќ, Павле и Сила се молеа и со песна Го славеа Бог, а затворениците ги слушаа. |
26. | Кога одеднаш настана силен потрес, така што се поместија темелите на занданата: во истиот час се отворија сите врати, и на сите им паднаа оковите. |
27. | А чуварот на занданата се разбуди и кога ги виде отворените врати на занданата, го извади мечот и сакаше да се убие, мислејќи дека затворениците избегале. |
28. | Но Павле викна со силен глас, велејќи: "Не прави си себеси никакво зло, зашто сите сме тука!" |
29. | А тој побара светлина, втрча внатре и треперејќи падна пред Павле и Сила; |
30. | па откако ги изведе надвор, рече: "Господа, што треба да правам за да се спасам?" |
31. | Тие му рекоа: "Bерувај во Господ Исус и ќе бидете спасени ти и твојот дом." |
32. | А потем им го говореа Господовото слово нему и на сите што беа во неговиот дом. |
33. | И тој ги зеде во тој час на ноќта, им ги изми раните од ударите и веднаш се крсти заедно со сите домашни. |
34. | Тогаш ги одведе горе во куќата, постави трпеза, и многу се израдуваа со сè домашните, зашто поверуваа во Бог. |
35. | А кога се раздени, главните судии испратија службеници и им рекоа: "Ослободете ги луѓето!" |
36. | Чуварот на занданата му ги кажа тие зборови на Павле, велејќи: "Судиите пратија да ве пуштам. Затоа сега излезете и одете си со мир!" |
37. | Но Павле им рече: "Откако нас, римски граѓани, без претходно судење, јавно нè биеја и нè фрлија во зандана, зар сега сакаат тајно да нè пуштат? Никако! Туку самите нека дојдат и нека нè изведат!" |
38. | Судските службеници им ги соопштија овие зборови на судиите, а тие се исплашија кога чуја дека овие се римски граѓани. |
39. | И дојдоа, се извинија, ги изведоа и ги замолија да си заминат од градот. |
40. | И кога излегоа така од занданата, дојдоа кај Лидија, ги видоа браќата, ги охрабрија и си отидоа. |
← Acts (16/28) → |