← Acts (15/28) → |
1. | А некои дојдоа од Јудеја, и браќата ги поучуваа: "Ако не се обрежете според Мојсеевиот обичај, не можете да бидете спасени." |
2. | А кога Павле и Барнаба се впуштија во не мала препирка и се расправаа со нив, Павле и Барнаба, и уште некои од нив, беа определени да се качат во Ерусалим, кај апостолите и старешините заради ова прашање. |
3. | И така, испратени од црквата, поминаа низ Веникија и Самарија, раскажувајќи подробно за обраќањето на нееврејските народи, со што предизвикуваа голема радост меѓу сите браќа. |
4. | Кога стигнаа во Ерусалим, беа примени од црквата, од апостолите и од старешините; и раскажаа сè што направил Бог со нив. |
5. | Тогаш станаа некои од фарисејската секта, кои поверуваа, и рекоа: "Треба да бидат обрежани и да им се нареди да го пазат Мојсеевиот Закон." |
6. | Апостолите и старешините се собраа да ја разгледаат таа работа |
7. | и бидејќи настана голема расправија, Петар стана и им рече: "Мажи, браќа! Bие знаете дека Бог уште од првите денови ме избра меѓу вас, за да можат неевреите да го чујат од мојата уста словото на Евангелието и да поверуваат. |
8. | И Бог, Кој ги познава срцата, им посведочи, кога им Го даде Светиот Дух, како и нам. |
9. | И не направи никаква разлика меѓу нас и нив, зашто преку верата ги исчисти нивните срца. |
10. | Зошто сега Го искушувате Бог, ставајќи им на вратот на учениците јарем, кого ниту нашите татковци, ниту ние не можевме да го носиме? |
11. | Bпрочем, веруваме дека сме спасени исто како и тие, преку благодатта на Господ Исус." |
12. | Тогаш молкна целиот народ, а луѓето ги слушаа Барнаба и Павле, кои раскажуваа колку чудотворни знаци и чуда направи Бог преку нив, меѓу неевреите. |
13. | Кога тие престанаа да зборуваат, проговори Јаков и рече: "Мажи браќа, послушајте ме! |
14. | Симеон ви кажа како Бог, најпрво, предвиде да си земе луѓе од народите за Своето име. |
15. | И со тоа се слагаат пророчките зборови, како што е напишано: |
16. | 'По ова ќе се вратам и пак ќе го изградам Давидовото светилиште, кое падна; и повторно ќе ги изградам урнатините, и пак ќе ги обновам; |
17. | за другите луѓе да Го побараат Господ и сите неевреи кои се нарекуваат со Моето име, |
18. | говори Господ, Кој го објавил ова од дамнина.' |
19. | Затоа сметам дека не треба да ги вознемируваме оние од нееврејските народи кои се обраќаат кон Бог; |
20. | туку да им се напише да се воздржуваат од она што е осквернато од идоли, од блудство, од задавено и од крв. |
21. | Зашто Мојсеј има проповедници за себе, од дамнешни времиња, во секој град: го читаат во синагогите, секоја сабота." |
22. | Тогаш апостолите и старешините, заедно со целата црква, најдоа за сходно да изберат меѓу себе луѓе и да ги испратат со Павле и Барнаба во Антиох: Јуда, наречен Барсаба, и Сила, видни луѓе меѓу браќата, |
23. | и по нив го испратија ова писмо: "Апостолите и старешините, вашите браќа, ги поздравуваат браќата од нееврејските народи во Антиох, Сирија и Киликија! |
24. | Бидејќи чувме дека некои од нас, на кои ништо не им заповедавме, ве збуниле со зборови и ги вознемириле вашите души, |
25. | еднодушно најдовме за сходно да избереме мажи и да ги пратиме кај вас со нашите возљубени Павле и Барнаба, |
26. | луѓе, кои ги предадоа своите души за нашиот Господ Исус Христос. |
27. | И така, ви ги испраќаме Јуда и Сила, кои лично ќе ви го соопштат истово. |
28. | Имено, Светиот Дух и ние решивме да не ставаме врз вас никакво друго бреме, освен овие неопходни работи: |
29. | да се воздржувате од нешта жртвувани на идоли, од крв, од задавено и од блудство; ако се пазите од тоа, добро ќе направите. Збогум! " |
30. | И така пратените слегоа во Антиох, го собраа народот и го предадоа посланието. |
31. | А кога го прочитаа, се зарадуваа на утехата. |
32. | Јуда, пак, и Сила, кои и самите беа пророци, ги храбреа и ги закрепнуваа браќата со многу зборови. |
33. | И откако поминаа таму некое време, ги испратија браќата со мир кај оние што ги беа пратиле. |
34. | Сила пак реши да остане таму. |
35. | А Павле и Барнаба останаа во Антиох, каде што заедно со многу други поучуваа и го проповедаа Господовото слово. |
36. | По неколку дена Павле му рече на Барнаба: "Да се вратиме повторно и да ги посетиме браќата по градовите, каде што го навестувавме Господовото слово, за да видиме како поминуваат!" |
37. | А Барнаба предложи да го поведат со себе и Јован, наречен Марко. |
38. | Но Павле сметаше дека не треба да го водат оној што се оддели од нив во Памфилија и не отиде со нив да работи. |
39. | И дојде до расправија, тики се разделија еден од друг. Барнаба го зеде со себе Марко и отплови за Кипар; |
40. | а Павле, кој беше предаден од браќата на Господовата благодат го избра Сила и тргна. |
41. | И, поминувајќи низ Сирија и Киликија, ги закрепнуваше црквите. |
← Acts (15/28) → |