| ← Acts (14/28) → |
| 1. | Bо Иконија влегоа заедно во еврејската синагога и зборуваа така, што мнозина Евреи и Грци поверуваа. |
| 2. | Но оние Евреи што не ги послушаа, ги побунија и ги настроија злонамерно душите на неевреите против браќата. |
| 3. | Тие сепак останаа тука долго време, смело зборувајќи за Господ, Кој сведочеше за Словото на Својата благодат и овозможуваше нивните раце да прават чудотворни знаци и чуда. |
| 4. | Но луѓето во градот се поделија: едни беа со Евреите, а други со апостолите. |
| 5. | Кога неевреите и Евреите, со своите старешини, се обидоа да ги нападнат и да ги каменуваат, |
| 6. | тие го забележаа тоа и избегаа во ликаонските градови, Листра и Дерба, како и во нивната околина, |
| 7. | и таму продолжија да проповедаат. |
| 8. | Bо Листра седеше некој човек, со омрцлавени нозе, сакат од мајчината утроба, кој никогаш не одел. |
| 9. | Тој го слушаше Павле кога зборуваше, а кога Павле се загледа во него и виде дека има вера за исцелување, |
| 10. | му рече со силен глас: "Исправи се на нозете!" И тој скокна и прооде. |
| 11. | А толпата, кога виде што направи Павле, го подигна својот глас, велејќи на ликаонски: "Боговите станаа како луѓе и слегоа при нас!" |
| 12. | И Барнаба го нарекоа Зевс, а Павле - Хермес, зашто тој беше главниот говорник. |
| 13. | А свештеникот на Зевсовото светилиште, што се наоѓаше пред градот, доведе бикови и донесе венци пред портите и сакаше, заедно со народот, да принесе жртва. |
| 14. | Но кога го чуја тоа апостолите Барнаба и Павле, ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот и извикајќи, велеа: |
| 15. | "Мажи, зошто го правите тоа? И ние сме луѓе како вас! Но ви го проповедаме Евангелието за да се одвратите од тие суетни нешта, кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив; |
| 16. | Кој во минатите поколенија ги пушти сите народи да одат по своите патишта, |
| 17. | и сепак никогаш не ги остави без сведоштво за Себеси со своите добрини, давајќи ви од небото дождови и плодни години и наситувајќи ги вашите срца со храна и веселба." |
| 18. | И зборувајќи го тоа, одвај успеаја да го запрат народот да не им принесе жртва. |
| 19. | Притоа стигнаа Евреи од Антиох и Иконија и откако го наговорија народот, го каменуваа Павле и го извлечкаа од градот, мислејќи дека е мртов. |
| 20. | Меѓутоа, кога учениците се собраа околу него, тој стана и повторно влезе во градот. А утредента отиде со Барнаба во Дерба. |
| 21. | Откако проповедаа во тој град и придобија многу ученици, се вратија во Листра, Иконија и Антиох; |
| 22. | ги закрепнуваа душите на учениците и ги поттикнуваа да бидат постојани во верата, и дека преку многу неволи треба да влезат во Божјото царство. |
| 23. | И кога им определија старешини во одделните цркви, се помолија со пост и Му ги предадоа на Господ, во Кого поверуваа. |
| 24. | Потоа поминувајќи низ Писидија, дојдоа во Памфилија; |
| 25. | и, откако го проповедаа словото во Перга, слегоа во Аталија; |
| 26. | а оттаму отпловија во Антиох, откаде и беа предадени на Божјата благодат за делото што го завршија. |
| 27. | И кога пристигнаа и ја собраа црквата, раскажаа, што сè направил Бог со нив, и како им ја отворил вратата на верата на неевреите. |
| 28. | И останаа подолго време со учениците. |
| ← Acts (14/28) → |