← Acts (12/28) → |
1. | Bо тоа време царот Ирод почна да им напакостува на оние кои и припаѓаа на црквата. |
2. | И го погуби со меч Јовановиот брат Јаков. |
3. | А кога виде дека тоа им се допадна на Евреите, го фати и Петар. А беа денови на Бесквасните лебови. |
4. | Го фати и го фрли в зандана, предавајќи им го на четири стражи од по четворица војници да го чуваат, со намера да го изведе пред народот по Пасхата. |
5. | И така, Петар го чуваа во занданата, а црквата постојано Го молеше Бога за него. |
6. | И кога Ирод сакаше да го изведе, истата ноќ Петар спиеше меѓу двајца војници, окован во двојни вериги, а имаше и стражари пред вратата кои ја чуваа занданата. |
7. | И ете, Господов ангел застана и светлина болсна во ќелијата. Тој го потчукна Петар отстрана, го разбуди и му рече: "Бргу станувај!" И веригите му паднаа од рацете. |
8. | Тогаш ангелот му рече: "Препаши се и обуј си ги сандалите!" Петар така постапи. И уште му рече: "Префрли си ја наметката и тргни по мене!" |
9. | И тој излезе и тргна по него, без да знае дека тоа што го стори ангелот се случува вистински, ами мислеше дека гледа привид. |
10. | Откако ги поминаа првата и втората стража и дојдоа до железната порта, која води во градот, таа им се отвори сама. И продолжија и втасаа на една улица, а ангелот веднаш исчезна. |
11. | А кога Петар дојде на себеси, рече: "Сега навистина знам дека Господ го пратил Својот ангел, и ме избави од Иродовата рака и од сè што очекуваше еврејскиот народ." |
12. | Согледувајќи го тоа, дојде до куќата на Марија, мајката на Јован, наречен Марко, каде што беа собрани мнозина на молитва. |
13. | И кога чукна на вратата од тремот, дојде слугинката, по име Рода, да наслушне. |
14. | И кога го препозна Петровиот глас, од радост не ја отвори портата, туку втрча и јави дека Петар стои пред порта. |
15. | А тие и рекоа: "Ти бладаш!" Но таа и натаму тврдеше дека е вистина. Тие пак рекоа: "Тоа е неговиот ангел." |
16. | А Петар продолжуваше да чука. И кога ја отворија портата, го видоа и се зачудија. |
17. | Тој им даде знак со раката да молчат и им раскажа како Господ го изведе од занданата и рече: "Јавете им за ова на Јаков и на браќата!" Потоа излезе и отиде на друго место. |
18. | А кога се раздени, настана голема бркотија меѓу војниците: околу тоа што се случи со Петар? |
19. | Кога Ирод го побара, и не го најде, ги сослуша стражарите и заповеда да ги погубат, па слезе од Јудеја во Цезареја, каде остана да живее. |
20. | Ирод беше гневен на тирците и сидонците, но тие дојдоа еднодушно при него, и откако го придобија царевиот собар Бласт, замолија за мир, зашто нивната земја се хранеше од царската земја. |
21. | Bо определениот ден, Ирод, облечен во царска руба, седна на престолот пред народот и му одржа говор. |
22. | А народот извикуваше: "Тоа е Божји глас, а не човечки!" |
23. | Bо тој час, Господов ангел го удри, зашто не му оддаде слава на Бог, и изеден од црви, умре. |
24. | Господовото слово растеше и се распространуваше. |
25. | А Барнаба и Савле, откако ја исполнија службата, се вратија од Ерусалим, земајќи го со себе Јован, наречен Марко. |
← Acts (12/28) → |