← Acts (10/28) → |
1. | Bо Цезареја беше некој човек, по име Корнелиј, стотник во таканаречениот Италски полк. |
2. | Тој со сиот свој дом беше посветен и богобојазлив, му даваше многу милостина на народот и постојано Му се молеше на Бог. |
3. | Околу деветтиот час на денот, виде јасно во видение Божји ангел, како доаѓа при него и му вели: "Корнелиј!" |
4. | Овој се загледа во него и исплашен изусти: "Што е, Господи?" А тој му рече: "Твоите молитви и твоите милостини се воздигнаа до Бог и Тој си спомнува за нив. |
5. | А сега, испрати луѓе во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар. |
6. | Тој престојува кај некој кожар, Симон, чија куќа е крај морето." |
7. | И кога си отиде ангелот кој му зборуваше, викна двајца свои слуги и еден побожен војник, од оние кои беа постојано покрај него, |
8. | и откако им кажа сè, ги испрати во Јопа. |
9. | А утредента, додека тие патуваа и се приближуваа до градот, Петар излезе околу шестиот час и се качи на покривот од куќата за да се помоли. |
10. | Огладне и посака да јаде; и додека му приготвуваа јадење, тој падна во занес |
11. | и виде отворено небо и нешто како големо платно, врзано за четирите краишта како се спушта на земјата. |
12. | Bо него беа сите четироножни животни, диви ѕверови, земни лазачи и небесни птици. |
13. | И еден глас му рече: "Стани, Петре, коли и јади!" |
14. | А Петар рече: "Никако, Господи, зашто уште никогаш не сум јал нешто погано и нечисто!" |
15. | А гласот повторно му се јави: "Она што Бог го има исчистено, не нарекувај го погано!" |
16. | Тоа се случи трипати, и платното пак се крена на небо. |
17. | И додека Петар беше во недоумение, што би можело да значи видението што го виде, ете, луѓето испратени од Корнелиј, стоеја пред тремот, се распрашуваа за куќата на Симон, |
18. | па прашаа дали тука престојува Симон, наречен Петар?" |
19. | И додека Петар уште размислуваше за видението, Духот му рече: "Еве, те бараат тројца мажи; |
20. | стани, слези долу и оди со нив без никакво сомнение, зашто Јас ги пратив!" |
21. | Тогаш Петар слезе кај луѓето и рече: "Еве, јас сум оној што го барате. Зошто дојдовте?" |
22. | А тие рекоа: "Стотникот Корнелиј - човек праведен и богобојазлив, посведочен од целиот еврејски народ, прими заповед од свет ангел да те повика во својот дом и да чуе зборови од тебе." |
23. | Тогаш ги повика внатре и ги прибра. А утредента стана и отиде со нив, а некои браќа од Јопа го придружија. |
24. | На другиот ден влегоа во Цезареја, а Корнелиј ги очекуваше, и ги беше повикал своите роднини и блиски пријатели. |
25. | А кога Петар влегуваше, Корнелиј го пречека, падна пред неговите нозе и се поклони. |
26. | Петар го подигна, велејќи: "Стани! И јас сум само човек!" |
27. | Така разговарајќи со него, влезе и најде мнозина собрани, |
28. | на кои им рече: "Bие знаете дека на Евреин не му е дозволено да се дружи со човек туѓинец и да доаѓа кај него. Но, мене Бог ми кажа никого да не нарекувам поган или нечист. |
29. | Затоа дојдов без противење кога ме повикавте, па ве прашувам - која е причината што ме викнавте?" |
30. | И Корнелиј рече:"Има четири дена, па до овој час, деветтиот, постев и се молев во својот дом; и ете, пред мене застана човек во светла облека |
31. | и рече: 'Корнелиј, ислушана и прифатена е твојата молитва и Бог си спомна за твоите милостини. |
32. | Затоа, испрати некого во Јопа и повикај го Симон, наречен Петар! Тој престојува во куќата на Симон, кожарот, крај морето.' |
33. | И веднаш пратив да те повикаат, а ти арно направи што дојде. Сега, тука, сите сме пред Бог, за да чуеме што сè Господ ти заповедал." |
34. | Тогаш Петар изусти, велејќи: "Навистина гледам дека Бог не е наклонет кон никого, |
35. | туку кај секој народ Нему Му е мил оној, што има страхопочит спрема Него и кој постапува праведно. |
36. | Bие го знаете Словото што им го испрати на синовите на Израел, навестувајќи го Евангелието на мирот преку Исус Христос (Тој е Господ на сите). |
37. | Самите знаете што се случи по сета Јудеја, почнувајќи од Галилеја, по крштавањето што го навестуваше Јован; |
38. | Го знаете Исус од Назарет, како Бог Го помаза со Светиот Дух и со сила, Кој проживеа правејќи добрини и исцелувајќи ги сите кои ѓаволот ги измачуваше, зашто Бог беше со Него. |
39. | А ние сме сведоци за сè што направи во земјата на Евреите и во Ерусалим; Го убија обесувајќи Го на дрво. |
40. | Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појави, |
41. | но не на сите луѓе, туку на однапред од Бог избраните сведоци - нам, коишто јадевме и пиевме со Него откако воскресна од мртвите. |
42. | Тој ни заповеда да му навестиме на народот и смело да сведочиме дека Тој е од Бог определениот Судија на живите и мртвите. |
43. | Сите пророци сведочат за Него дека секој кој верува во Него добива проштавање на гревовите преку Неговото име." |
44. | Додека Петар сè уште ги зборуваше овие зборови, Светиот Дух слезе на сите кои го слушаа говорот |
45. | и се зачудија обрежаните верници кои дојдоа со Петар, дека и на неевреите се излеа дарот на Светиот Дух; |
46. | зашто ги чуја како зборуваат во јазици и Го величаат Бог. Тогаш Петар рече: |
47. | "Може ли некој да им забрани да се крстат со вода овие што Го примија Светиот Дух како и ние?" |
48. | И им заповеда да се крстат во името на Исус Христос. Тогаш го замолија да остане уште неколку денови. |
← Acts (10/28) → |