Acts (1/28) → |
1. | Првиот извештај, о Теофиле, го составив за сето она што Исус почна да го прави и поучува, |
2. | до денот кога беше вознесен, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите што ги беше избрал, |
3. | на кои им се претстави жив по Своето страдање, со многу несоборливи докази: јавувајќи им се четириесет дена и зборувајќи им за Божјото царство. |
4. | Кога се состануваше со нив, им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим, туку да го чекаат ветувањето на Таткото, "за кое чувте од Мене": |
5. | зашто навистина Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни, ќе бидете крстени со Светиот Дух!" |
6. | А кога се собраа, Го прашаа, велејќи: "Господи, сега ли ќе го востановиш царството на Израел?" |
7. | А Тој им рече: "Не е ваше да ги знаете времињата и периодите, што Таткото ги одреди со Својата власт. |
8. | Туку ќе примите сила, кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и Самарија, па сè до крајот на земјата." |
9. | И велејќи го тоа, се вознесе пред нивните очи, и облак Го зеде од пред нивните погледи. |
10. | И додека гледаа настојчиво кон небото, додека Тој си заминуваше, ете двајца мажи во бела облека застанаа крај нив |
11. | и им рекоа: "Мажи, Галилејци, зошто стоите и гледате во небото? Овој Исус Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде така како што Го видовте да оди на небото." |
12. | Тогаш се вратија во Ерусалим од гората, која се вика Маслинова, што е близу до Ерусалим, колку еден саботен ден одење. |
13. | И кога влегоа во куќата, се искачија во горната соба, каде што чекаа: Петар и Јован, Јаков и Андреј, Вилип и Тома, Бартоломеј и Матеј, Јаков Алфеев и Симон Зилот, и Јуда братот на Јаков. |
14. | Сите овие еднодушно и едностојно беа во молитва, заедно со некои жени, со Марија, мајката на Исус, и со Неговите браќа. |
15. | А во тие дни Петар застана меѓу браќата (а беа собрани околу сто и дваесет души), и рече: |
16. | "Браќа, требаше да се исполни Писмото што Светиот Дух го прорече преку Давидовата уста за Јуда, кој им беше предводник на оние кои Го фатија Исус; |
17. | тој беше вброен меѓу нас и имаше добиено дел од службата. |
18. | (Имено, тој стекна нива со незаслужена награда; и падна ничкум, се растрбуши по средината и се свлечка целата негова утроба. |
19. | И тоа им стана познато на сите жители на Ерусалим, па нивата на нивниот јазик беше наречена Акелдама, што значи "Крвна нива.") |
20. | Зашто, во свитокот на Псалмите е напишано: 'Неговиот имот да биде испустен и никој да не живее во него!' и 'Неговата служба да ја прими друг.' |
21. | И така, треба еден од луѓето, што беа со нас за сето време, откако Господ Исус дојде кај нас и си отиде од нас, |
22. | почнувајќи од Јовановото крштавање до денот кога се вознесе од нас, еден од нив треба да биде заедно со нас сведок на Неговото воскресение." |
23. | И предложија двајца: Јосиф, наречен Барнаба (со прекар и Јуст), и Матиј. |
24. | И се помолија, велејќи: "Господи, Ти Кој ги познаваш срцата на сите, покажи ни кого го имаш избрано од овие двајца, |
25. | да земе дел во оваа служба и апостолство, од кое отпадна Јуда, за да појде на своето место!" |
26. | И фрлија жрепка за нив, а жрепката падна за Матиј па него го вброија во единаесетте апостоли. |
Acts (1/28) → |