← 2Timothy (2/4) → |
1. | Затоа, ти чедо мое, зајакнувај во благодатта, која е во Христос Исус! |
2. | И она што го имаш слушнато од мене пред многу сведоци, довери им го на доверливи луѓе, кои исто така ќе бидат способни да поучуваат и други! |
3. | Поднесувај ги со мене страдањата, како добар воин на Христос Исус! |
4. | Никој, кој е во воена служба, не се плетка во работите од секојдневието, за да му угоди на оној кој го повикал да биде војник. |
5. | Исто така, ако некој се натпреварува, не добива венец ако не се натпреварува според правилата. |
6. | Земјоделецот кој се труди треба прв да вкуси од плодовите. |
7. | Разбери што зборувам, а Господ ќе ти даде разбирање за сè. |
8. | Помни Го Исус Христос, Кој воскресна од мртвите, Кој е од Давидовото потомство, според моето Евангелие, |
9. | за кое страдам сè до окови, како некаков злосторник. Но Божјото слово не е оковано. |
10. | Заради тоа поднесувам сè заради избраните, та и тие да го добијат спасението во Христос Исус, а заедно со него и вечна слава. |
11. | Bеродостојно е кажаното: "Ако умревме со Него, со Него и ќе живееме; |
12. | ако издржиме, со Него и ќе царуваме; ако се откажеме од Него, и Тој ќе се откаже од нас; |
13. | ако сме неверни, Тој останува верен! Зашто Сам Себе не може да се откаже." |
14. | Напомнувај им ги овие работи и наложи им сериозно пред Бог, да не се препираат околу зборови, што е неполезно и што води кон пропаст на слушателите. |
15. | Труди се да се покажеш себеси проверен пред Бога како работник, кој не треба да се срами, кој правилно го образложува словото на вистината! |
16. | А одбегнувај непристојни и празни разговори, зашто тоа води кон поголема безбожност, |
17. | а нивните зборови ќе се шират како рак-рана. Меѓу таквите се Именеј и Вилет, |
18. | кои скршнаа од вистината, тврдејќи дека воскресението веќе настапило и со тоа ја рушат верата на некои. |
19. | Сепак, цврсто стои Божјата основа, која го има овој печат: "Господ ги познава Своите" и "Секој што Го изговара Господовото име нека отстапи од неправдата!" |
20. | А во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени и земјени. Едните се за почесна, а другите за срамна намена. |
21. | Па така, ако некој се исчисти од овие работи, ќе биде сад за почесна намена, осветен, полезен на господарот и подготвен за секое добро дело. |
22. | Бегај од страстите на младоста! Стреми се кон праведност, вера, љубов и мир со оние кои Го повикуваат Господа од чисто срце. |
23. | Отфрли ги безумните и неразумните распрашувања, знаејќи дека раѓаат расправии! |
24. | А Господовиот слуга не смее да се расправа, туку треба да биде благ спрема сите, способен да поучува и да е трпелив; |
25. | да ги воспитува со кроткост оние кои се противат, за да им даде Бог покајание, кое води кон целосно познавање на вистината, |
26. | за да си дојдат на себеси и да избегаат од стапицата на ѓаволот кој ги има заробено за да ја вршат неговата волја. |
← 2Timothy (2/4) → |