← 2Peter (2/3) → |
1. | Но се јавија и лажни пророци кај народот, како што ќе има и меѓу вас лажни учители, кои тајно ќе внесуваат погубни ереси и ќе Го порекнуваат Господарот Кој ги откупил, навлекувајќи врз себе брза погибел. |
2. | И мнозина ќе тргнат по нивната разузданост, заради кои ќе се зборува лошо за патот на вистината. |
3. | И во лакомство ќе ве искористуваат со измислени зборови, но нивната осуда одамна е изречена и нивната гибел не дреме. |
4. | Зашто ако Бог не ги поштеди ангелите кои згрешија, туку ги фрли во мрачните бездни и ги предаде да бидат чувани за суд; |
5. | и ако не го поштеди стариот свет, туку го зачува Ное, проповедникот на правдата, со уште седум души, кога сурна потоп врз безбожниот свет; |
6. | и ако ги осуди на пропаст градовите Содом и Гомора и ги претвори во пепел, и ги постави за пример на идните безбожници; |
7. | и ако го избави праведниот Лот, кого го мачеше развратниот живот на беззакониците |
8. | (зашто овој праведник, живеејќи меѓу нив, ја измачуваше секојдневно својата праведна душа, гледајќи ги и слушајќи ги нивните беззаконски дела), |
9. | тоа значи дека Господ знае како да ги избави побожните од искушенија, и неправедните да ги држи по казна до денот на судот; |
10. | а особено оние кои одат по осквернувачките похоти на телото и ја презираат власта. Како дрски и своеволни луѓе, тие не треперат кога ги хулат величијата, |
11. | додека ангелите, кои се поголеми по сила и моќ, не изговараат хулна осуда против нив пред Господ. |
12. | А овие, како неразумни животни, кои се по природа определени да бидат ловени и истребувани, хулат на она што не го знаат, и самите ќе загинат како што гинат животните, |
13. | со што ќе им се плати за нивните недела. Тие го сметаат развратниот живот дење како задоволство; валкани и срамни се тие, кои се честат и насладуваат во своите измами кога се гостат со вас, |
14. | а нивните очи се полни со прељуба и не престануваат да грешат; ги заведуваат незацврстените души; срцето им е навикнато на лакомство; тие се проколнати деца. |
15. | Оставајќи го вистинскиот пат заблудија, и тргнаа по патот на Балаам, синот на Беор, кој посака неправедна плата, |
16. | но прими прекор за својот престап, зашто немо магаре проговори со човечки глас и го спречи безумството на пророкот. |
17. | Тие се безводни извори и облаци терани од ветрот; на кои им е наменета црната темнина. |
18. | Зашто со тоа што дрдорат благозвучни, суетни зборови, ги мамат преку телесните наслади оние кои одвај се оттргнале од оние кои живеат во заблуда; |
19. | им ветуваат слобода, а самите и робуваат на расипаноста, бидејќи од она со кое човекот е надвладеан, на тоа и му робува. |
20. | Зашто ако се оттргнаа од световната расипаност оние со вистинското познавање на Господ и Спасителот Исус Христос и се заплеткуваат во неа и се надвладеани, тогаш ова последново им е полошо од првото. |
21. | Имено, за нив би било подобро да не го познаваа патот на праведноста, отколку, откако го познаа, да се одвратат од светата заповед која им е предадена. |
22. | Ним им се случува она што го вели потврдената поговорка: "Песот се враќа на својата блујавица" и "Избањатата свиња се враќа да се валка во калта." |
← 2Peter (2/3) → |