2Peter (1/3) → |
1. | Симон Петар, слуга и апостол на Исус Христос, до оние кои преку праведноста на нашиот Бог и Спасител, Исус Христос, ја примија истата скапоцена вера како и ние: |
2. | да ви се множат благодатта и мирот во познавањето на Бог и Исус, нашиот Господ. |
3. | Неговата божествена сила ни подари сè што ни е потребно за животот и побожноста, преку вистинското познавање на Оној Кој нè повика преку Својата сопствена слава и доблест, |
4. | со што ни се подарени Неговите скапоцени и величествени ветувања, та преку нив да станете соучесници во божествената природа, откако се оттргнавте од расипаноста, која преку похотата владее во светот; |
5. | токму заради ова, вложете ја сета своја сила, и исполнете ја својата вера со доблест, а доблеста со знаење; |
6. | а знаењето со самоконтрола; а самоконтролата со трпение; а трпението со побожност; |
7. | а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов. |
8. | Зашто, ако го имате сето тоа и ако тоа се умножува, не сте бескорисни, ниту бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос, |
9. | но, оној кој го нема тоа, е слеп или кусоглед, зашто заборавил дека е исчистен од своите минати гревови. |
10. | Затоа, браќа, трудете се уште повеќе да го зацврстите вашето призвание и избор. Имено, ако го правите тоа, никогаш нема да се сопнете. |
11. | Зашто така во изобилство ќе ви се даде влегувањето во вечното Царство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос. |
12. | Затоа ќе гледам секогаш да ве потсетувам за овие работи, иако вие ги знаете и сте зацврстени во вистината што ја имате. |
13. | Но сметам дека имам право, додека сум во ова телесно живеалиште, да ве поттикнувам со потсетување, |
14. | зашто знам дека наскоро ќе го оставам моето земно живеалиште, како што јасно ми стави до знаење нашиот Господ Исус Христос. |
15. | А ќе настојувам вие, и по моето заминување, секогаш да си спомнувате за ова. |
16. | Bпрочем, кога ви ги објавивме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос, ние не одевме по лукаво измислени сказни, туку бевме очевидци на Неговото величество. |
17. | Зашто кога Тој прими од Бог Таткото чест и слава, од величествената слава Му дојде овој глас: "Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја", |
18. | а ние го чувме тој глас кој дојде од небото, кога бевме со Него на светата гора. |
19. | И така, имаме поцврсто пророчко слово; а вие правите добро што внимавате на него, како на светило што свети во темно место, додека не осамне денот и ѕвездата Деница не болсне во вашите срца. |
20. | Но знајте го пред сè ова: ниедно пророштво во Писмото не е од нечие сопствено толкување, |
21. | зашто никогаш ниту едно пророштво не потекнува од човечка волја, туку луѓе поттикнати од Светиот Дух зборувале од Бога. |
2Peter (1/3) → |